Република Северна Македонија
14 јануари 2019Не е поетска метафора дека македонските граѓани во Република Северна Македонија конечно ќе стигнат во сегашноста. Тие со новото име нема да го отворат само патот за својата европска иднина. За нив од тој миг ќе заврши минатото време во кое беа досега „заробени“. Македонската држава наскоро ќе има шанса полека да почне да се преобразува во нормална држава. Без белези, без лузни, без шифри на немоќ како тоа име-неиме – ПЈРМ. Овој акроним беше знак за ирационалноста на балканската националистичка политика. Во случајот на Македонија - на грчката политика во последните три децении. И можеби затоа мораше токму таа малечка земја, која досега во балканската историја најсилно ги беше почувствувала ужасот и нечовечноста на национализмот, да собере смелост и сила за да го пресече тој „балкански јазол“. Не со силата на оружјето, на мечот. Туку со кревкоста на стремежот за мир. Со силата на здравиот разум и со мудроста на реалистите. Затоа што нема компромис без болни отстапки од двете страни. Силината на стремежот за мир е токму во неговата кревкост наспроти омразата и злобата. Токму затоа Преспанскиот договор може да стане симбол за новиот начин на надминување на балканските делби и расцепи. За целата европска демократска јавност тој е знак за оптимизам дека работите можат да почнат да се менуваат и на Балканот. Тоа на Македонците ќе им отвори многу нови перспективи. Дали ќе ги исползуваат ќе зависи од нив самите, затоа што за тоа е неопходна промена на свеста.
Глумење сегашност
Колку ослободувачки делува сознанието дека македонските граѓани во Република Северна Македонија нема веќе да бидат затворени во „поранешноста“! Акронимот ПЈРМ конечно ќе стане минато. Не верувам дека има Македонец што не чувствувал немоќ и навреденост од зборот „поранешна“ во ознаката ПЈРМ. Поранешна не беше вистински изминато време. Исто како ни ознаката „југословенска“. Тие беа знак за време во застој. Знак за неисториско време. Државата Југославија одамна е минато. Само во тоа ирационално „ПЈРМ" таа уште преживуваше како во некаква антикварница. Како призрак што го држи животот во невидливата рака на одамна мртвото. Токму таа заробеност на Македонците во „поранешноста“, која им беше наметната како последица од спорот за името, беше погубна за нив. Таа ги влечеше во очај и безнадежност, во летаргија и немоќ. Пред нивни очи растеше криминалот и корупцијата. Пред нивни очи се распаѓаше здравствениот систем. Пред нивни очи се девалвираа сите критериуми за квалитет. А тие сѐ повеќе веруваа дека тоа не може да се спречи. Тие, всушност, веќе не си веруваа себеси. Меѓутоа, нема вистинска демократија без самосвесни, критични граѓани кои не се клиенти на партиите, туку активни учесници во политичкиот процес. Затоа што изолацијата на Македонија не им дозволуваше на нејзините граѓани да се споредуваат со другите културни средини, тие почнаа сѐ повеќе да се гледаат себеси како „жртва“ на политиката, на меѓунардната заедница, на светските заговори. Тоа, пак, помагаше како коров во македонското општество да се шири духот на осредноста, на медиокритетството.
Предолгото чекање невидливо го разложуваше темелот на македонското општество. Оти тој што чека навистина не живее во сегашноста. Затоа што уште не може да го напушти минатото. Во чекањето нема вистинска промена. Тоа е неделување, застој, закоченост и заробеност. Тоа беше животот во трите децении „транзициска Македонија“. Нејзините граѓани се луѓето за кои Горан Стефановски вели дека тие само „глумат сегашност“. Таква беше состојбата на духот на Македонците по распаѓањето на Југославија, кога Грција ги спречи да го завршат својот проект на надежта. Да станат вистинска, слободна и суверена држава. Сите други поранешни југословенски републики веќе беа во сегашното време. Само Македонија беше осудена да чека во „запрено време“. Време ниту минато ниту сегашно. Најмалку идно. „Запрено време” беше со ознаката ПЈРМ. Таа велеше дека се работи за недовршена држава. Како градба без покрив. Со Преспанскиот договор се окончува проектот на македонската држава и таа станува факт во меѓународната политика. Република Северна Македонија ќе стане суверена членка на меѓународната заедница, на која никој повеќе нема да ѝ ја оспорува нејзината легитимност и автентичност. Со тоа завршува долгото чекање на македонските граѓани конечно да стигнат во вистинската сегашност. Да станат сегашни, а не „поранешни“. Со тоа конечно и за македонските граѓани ќе се изгуби призрачната трага на одамна исчезнатата држава Југославија. Југославија ќе исчезне заедно со ПЈРМ. Таа ќе остане да живее само во нивното културално и лично паметење, каде што им е местото на минатите времиња. Но повеќе нема да биде дел од стигмата на „поранешна југословенскост “ на македонската држава.
„Југоносталгија“ и „Александроманија“
Сѐ до минатото лето летаргијата, безнадежноста во однос на спорот за името беше доминатната состојба на духот кај Македонците. Тоа е една од причините зошто Преспанскиот договор некои од нив ги погоди како земјотрес. Затоа што во Македонија во тоа долго, речиси бекетовско чекање на промена сѐ беше замрено. А многумина почнаа да веруваат дека и тоа „глумење сегашност“ е живот вреден за живеење. Притоа не сфатија дека, со тоа што се навикнаа на состојбата статус-кво, тие ја загубија надежта. А надежта секогаш е копнеж за промена. Кога сегашноста стои под знакот на „поранешноста", за луѓето во неа нема вистинска промена и движење. Иднината за нив создава само страв. Во таква состојба на духот за луѓето е можно само движењето назад - во времето што го познаваат. Назад во минатото, кое со секоја нова година на многу Македонци им се присторуваше сѐ поживо од сегашноста во која се наоѓаа. Едни се предаваа на „Југоносталгијата“, други на „Александроманијата“. Минатото за многу Македонци стана засолниште, идеализиран вечен рефугиум, во кој тие се чувствуваа заштитени од очајот на сегашноста. Меѓутоа, бегството во најдалечното минато, кое затоа станува „златно време“, е секогаш симптом на национална и политичка регресија. Таква регресија беше и бегството во Александровото време. Тие што беа заразени од таа манија, тоа го чинеа и од повредена национална гордост, иако уште не се свесни за тоа. Во Република Северна Македонија и новокомпонираниот „антички македонски идентитет“ ќе почне да се топи како снегот под пролетното сонце. Ќе остане тоа што беше и е суштината на македонскиот национален идентитет – јужнословенскиот карактер на јазикот и на националноста.
Други колумни од авторката:
2018-та - македонскиот испит на зрелоста
За мирот што не го познава светот
Секако, националниот идентитет е, пред сѐ, културен идентитет. Тој се легитимира и пофилира на најдобриот начин низ културата, низ творештвото. Токму затоа културата е толку значајна за обликувањето на националната свест. Во Република Северна Македонија македонските граѓани ќе имаат за првпат можност да му покажат на светот кои се тие. Без, притоа, некој да ги оспорува нарекувајќи ги „измислена“ нација, како што често се случуваше во минатото. Сознанието дека Преспанскиот договор е токму легитимација на македонскиот идентитет уште не е сфатливо за еден дел од македонските граѓани. Но, тоа сознание допрва ќе созрева и кај нив. Кои се Македонците, кои се граѓаните на Република Северна Македонија на меѓународната сцена најбрзо и најуспешно може да се покаже преку презентацијата на македонската култура. Македонскиот национален идентитет најсилно се изразува низ јазикот, низ пишаниот збор, низ литературата. Нема поубав и подобар начин светот одблизу да ја запознае автентичноста на македонската историја од оној што го нуди литературата на македонскиот народ. Литературата најуверливо ја брани македонската историја во естетската форма. Таа ги раскажува приказните на македонското општество. Таа ја предава на најсилен начин драматичноста на неговите историски премрежиња. Треба да се учи од германското сфаќање на меѓународната политика како политика на посредување со светот преку културата. Се надевам дека во Република Северна Македонија ќе се засили свеста за огромното значење на литературата и за образованието на националниот и културниот идентитет на идните генерации. Тоа го знаеја творците на македонската република во југословенската федерација.
Оние дома и оние надвор
Но, за да се направи тоа, треба да се има вистинска стратегија. Различна од досегашните претставувања на македонската литература на Саемот на книгата во Франкфурт, која, за жал, често повеќе сведочеше за непрофесионалност и неукост, отколку за извонреден квалитет. Зошто? Затоа што таквите потфати досега не им се доверуваа на најдобрите по квалитет. На оние што поседуваат солидно познавање на светските искуства. Туку најчесто на тие што имаа најдобри врски во админстрацијата на Министерството за култура. Непотизмот е најголемиот непријател на квалитетот во македонското општество. Квалитетот, пак, се развива онаму каде што има натпревар на творечки идеи. А за да има натпревар на идеи и размена на модерни искуства, треба да почне да се менува самоперцепцијата што е уште закотвена во умот на многу Македонци. Дека Македонија се само тие што живеат во нејзините граници. Во денешниот глобален свет е анхронизам да се зборува за „тие дома и тие надвор“. Некој може да живее во Лондон и сепак да не биде „надвор“, туку многу повеќе „дома“ и од тие што се постојано дома, во Македонија. Горан Стефановски сведочи за тоа со сиот свој живот и сето свое дело. Тој во седумдесеттите, кога и тој и јас студиравме, беше исто толку дома во Скопје, колку и во Лондон. Припадноста на Македонија не се дефинира со граници. Да се надеваме дека во Република Северна Македонија, која за повеќе граѓани ќе ја олесни комуникацијата со светот, ќе има сѐ повеќе творци во културата кои ќе учат од примерот на Горан Стефановски.
Време е да дојде до промена во однесувањето на македонските граѓани во сите сфери на животот. Промената на името на државата може да донесе и нов полет и мотивација. Тој полет треба умно да се канализира преку успешни проекти. Како да се стори тоа може да се научи од другите народи. На пример, од Хрватите. Тие уште во 2008-та, неколку години пред приемот во ЕУ, подготвија неверојатно успешна презентација на хрватската литература на Саемот на книгата во Лајпциг. Стратегијата ја подготви една искусна и способна министерка за култура, која ги избра за соработници во тимот најдобрите познавачи на германската и на хрватската литературна сцена. Тие направија мудра одлука, кога за промотор избраа еден во Германија реномиран унгарски писател. Зошто да не се стори тоа и за македонската литература? Зошто да не биде промотор на презентацијата на македонската литература во Франкфурт или во Лајпциг некој познат грчки или бугарски писател? Република Северна Македонија ќе биде успешна приказна само ако македонските граѓани се подготвени за промени.