Републиканските сенатори „не го даваат“ Трамп
27 јануари 202145 републикански сенатори се изјаснија за прекин на постапката за отповикување на американскиот екс претседател Доналд Трамп, што 55 сенатори го одбија. Но, тоа покажа дека 50 демократски сенатори на своја страна имаат само пет репубикански колеги, а за осуда на Трамп е потребно против него да гласаат најмалку и 17 Републиканци.
„Ова е една од ретките прилики во Вашингтон при која поразот всушност е победа. 45 гласа значат дека импичмент процесот уште на самиот почеток е мртов“, изјави републиканскиот сенатор Ранд Пол, кој го поднесе барањето за прекин на постапката.
Трамп е обвинет за поттикнување бунт во врска со неговиот говор пред упадот на неговите поддржувачи во Капитол на 6 јануари. Во своето обраќање пред своите сипматизери тој ги повтори целосно недокажаните тврдења дека изборната победа наводно му е украдена, по што ги повика да се упатат кон Капитол. Кратко потоа неговите поддржувачи таму предизвикаа масивни безредија, во кои пет лица починаа.
Повеќе на темата:
Импичментот во Сенатот – брз процес против Доналд Трамп
Како Трамп со говорот ги манипулира своите приврзеници
Конгресот по вторпат му изгласа импичмент на Доналд Трамп
Во постапката против Трамп Сенатот има улога на еден вид суд. Иако по завршувањето на неговиот мандат на 20 јануари тој веќе не е претседател, доколку биде прогласен за виновен може да му биде изречена забрана за извршување јавни политички функции во иднина и да се исклучи негова претседателска кандидатура во 2024 година.
Републиканците кои се на исто мислење со сенаторот Пол аргументираа дека постапката е неуставна, со оглед што Трамп веќе не е на функцијата, а процесот го раководи претставник на Демократската партија, наместо претседателот на Врховниот суд, Џон Робертс. Претседателот на демократите Чак Шумер приговорот го отфрли како целосно погрешен.
Повеќе експерти за уставно право сметаат дека импичмент постапката е исправна иако се води накнадно, иако има и спротивни мислења. Официјално импичмент процесот против Доналд Трамп во Сенатот ќе започне по две недели.