1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Респиратори: Мачење или спас?

агенции | Клаудија Ромеч
30 април 2020

Во досегашната дискусија околу здравствената нега на тешко заболените од Ковид-19 во фокусот беше бројот на респиратори. Може ли интензивниот третман кај постарите лица да предизвика повеќе штета отколку полза?

https://p.dw.com/p/3bcvq
Deutschland München Coronavirus Intensivpflege
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel

Во Евангелистичкиот центар за стари лица во Теренсинау во близината на Бон, поголемиот број од жителите веројатно никогаш не ни размислувале за тоа дали сакаат во случај на зараза со коронавирусот да бидат приклучени на „апарати“. Михаел Телен, директор на домот, вели дека досега само околу половината од 130-тина жители во неговиот дом потпишале документ во кој овластиле други лица, во случај на нужда, во нивно име да одлучат за интензивен медицински третман. По правило тоа се членови на нивните семејства, вели Телен. „Никому не му посакуваме да се најде во таква ситуација.“

„Многу болна работа“

„Интензивниот третман на многу начини е многу болна работа“, додава Томас Тенс, доктор по палијативна нега во Витен на западот од Германија. Деновиве тој често гостува на телевизија во разни интервјуа и емисии во живо и се бори против, како што вели, „етичката катастрофа“, која според него се наѕира во Германија. Поголем дел од тешко заболените пациенти со коронавирусот се постари лица, тие се припаѓаат во ризичната група и имаат други сериозни здравствени проблеми.Тенс смета дека е погрешно во моментов овие луѓе автоматски да се приклучат на апарати и да се одржуваат во живот со помош на респиратори. Тоа за нив значи две до три недели многу болни медицински процедури, вели тој. И не треба да се заборави уште една работа во врска со короната: „Во тој случај не смеат да го видат ниту сопственото семејство“.

Поголемиот дел од тешко заболените не го преживуваат третманот

Поголемиот дел од тешко заболените корона-пациенти не преживуваат, и покрај вештачкото дишење. Германското друштво за пнеумологија и респиративна медицина цитира една британска студија според која со вештачко дишење на интензивен оддел може да се спаси животот само на секој трет пациент.

Coronavirus Krankenschwester Klinikum Schwerin
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Büttner

Тенс затоа се залага за постарите лица и за оние кои имаат сериозни болести негата да се врши со помош на средствата на палијативната медицина, за да можат да починат во кругот на семејството.

Повеќе:

-Коронавирусот и етиката: Кого да спасуваат лекарите?

-Пациентите над 80-години во Стразбур веќе не се ставаат на респиратори

-Трамп ѝ нуди респиратори на Германија и „се вади“ за последниот испад

Токму овој пат го избрале на крајот на животот луѓето со воспаление на дишните патишта, вели овој германски доктор. „Зошто би било поинаку кај Ковид-19?“ Освен тоа, шансите за да се преживее кај коронавирусот се значително помали во однос на другите болести на дишните патишта, нагласува Тенс. 

 „Фиксирање на апарати“

И Здружението на болници и палијативна медицина во сојузната покраина Северна Рајна Вестфалија изразува загриженост дека во моментов не се користат доволно можности на палијативната нега кај тешко заболените и кај постарите корона-пациенти. „Во моментов забележувам силно фиксирање на апарати“, забележува претседателката на Здружението, Улрике Хервалд. Таа е загрижена оти набавката на распиратори и стресната ситуација за многу медицниски лица би можела да води во насока на автоматизам -  односно, на третман со вештачко дишење.

Лукас Радбрух, директор на Клиниката за палијативна медицина на Универзитетот во Бон, на тоа гледа поинаку. „Дискусијата во моментов оди во погрешна насока“, уверен е тој. Сепак, признава дека има ситуации кога шансите за интенивен третман се толку лоши што би било најдобро да не се применува овој третман и на пациентите да им се пружи грижа на палијативен начин. „Но, не забележувам дека постарите луѓе претежно имаат тенденција да починат отколку што сакаат да се подложат на интензивно лекување.“                

Слични размислувања забележал и Михаел Телен кај жителите на пензионерскиот дом Терезиенау. „Немам впечаток дека расположението е такво да се отфрла интензивната медицина и вештачкото дишење“. Телен се залага за тоа одлуката сепак да се носи индивидуално и да се зема предвид волјата на самите пациенти.

Палијативните експерти се согласни во оценката дека решавачка работа е да се знае што воопшто сакаат пациентите. „Сега е најважно да се потпише документ со кој тие пациенти овластуваат други луѓе во нивни име да можат да донесат одлука за третманот, доколку тоа биде потребно“, советува Тенс. Радбрух од друга страна вели дека би требало да бидат извршени консултации со лекар, за да се добијат сите потребни информации за можните интензивни медицински мерки.