Референдум за Косово- нов трик на Вучиќ?
25 јануари 2018Српскиот претседател Александар Вучиќ деновиве изјави дека „народот најверојатно на некој вид референдум ќе мора да каже што мисли“ за договорот со Косово. Тој потсети дека западните дипломати нагласуваат оти Србија ќе мора да склопи правно обврзувачки договор со Косово, а тоа подразбира и решено прашање на границата.
Приказната за референдумот тргна, но досега не предизвика премногу политички реакции. Се огласи единствено министерот Расим Љајиќ кој смета дека „не е реално да се очекува дека во текот на внатрешниот дијалог за Косово ќе се дојде до компромисно решение и затоа референдумот би бил добро решение“.
Повеќе на темата:
- „На Косово се зборува со шепот“
- Историска шанса за проблемот на Косово
Како ќе гласи прашањето?
Основниот трик во секој референдум е формулацијата на прашањето и од тоа зависи дали референдумот ќе биде уште една манипулација на власта или граѓаните навистина ќе одлучуваат за така важно прашање. Но, дури и јасно референдумско прашање може да биде двосмислено. На пример: „Дали сте за потпишување на правно обврзувачки документ со Приштина?“, што би било подложно на толкувања што би значел тој договор.
Душан Пророковиќ од Центарот за стратешки алтернативи за ДВ вели дека прашањето мора да биде што појасно. „Што би значело дали сте или не сте за потпишување на сеопфатен документ, доколку во прашањето не се констатира што би била содржината на тој документ“, се прашува тој.
„Значи, би и се дал легитимитет на владата на Србија да потпише таков документ, граѓаните би се изјасниле, а не би имале никакво влијание на изгледот на документот“, додава Пророковиќ.
Претседателот на Напредниот клуб, Чедомир Антиќ не може да замисли дека Вучиќ ќе организира референдум на кој граѓаните навистина за нешто би одлучувале. „Тој референдум ќе биде само настојување да ја потврди својата политика“.
Промена на Уставот?
Но, постои и друга варијанта- да се смени уставно-правната позиција на Косово во рамки не сеопфатните реформи на Уставот кои и онака бараат референдум. Областа на правосудството, според акцискиот план за преговори со ЕУ, требаше да се реформира до крајот на минатата година, но се одолжи. Оттука, реформата е извесна до крајот на оваа година, па една од теориите е дека меѓу нив ќе се сокрие и прашањето за Косово.
„Можно е така на индиректен начин да се избегне конкретно прашање, но тоа нема да придонесе за решавање на косовскиот проблем, ниту за стабилизација на состојбата во земјата“, смета Пророковиќ.
Антиќ додава дека целта на симулацијата е да се создаде впечаток дека „народот се прашува“ бидејќи на тој начин „ќе се издува балонот на незадоволството кој постои околу Косово, а потоа да се пресече онака како што сака Вучиќ“.
„Тоа е референдум на кој сите ќе бидат на една страна, во кој нема да биде формулирано нормално прашање, и тоа ќе биде референдум во кој тие милион луѓе кои го поддржуваат секој авторитарен режим ќе играат оро пред гласачките места и ќе слават нешто што не разбираат“, вели Антиќ.
Доколку се работи за промена на Уставот, за признавање на Косово, намалување на државна територија, промена на границата- тогаш таков референдум е обврзувачки, тврди Пророковиќ. „Секогаш е подобро кај овие нешта да се оди на референдум отколку да се носи одлука во парламентот, или дури и во владата. Тоа е лоша тенденција во балканските држави последниве години“.