МАНУ бара транспарентни и стручни реформи
21 декември 2020Најавената образовна реформа во Северна Македонија, во која меѓу другото се предвидува спојување на предметите историја и географија во еден, со денови ја бранува јавноста. Реакции пристигнуваат од сите страни - писма со свои аргументи до Министерството за образование испраќаат наставници, професори, институтите по историја и географија. Секој се обидува да докаже зошто е битно изучувањето на секој предмет поединечно, и кои би биле штетните последици од интегрирањето на предметите во еден. На оваа проблематика се јави и Македонската академија на науките и уметностите - порачаа дека е потребно систематско изучување на македонската историја и македонскиот јазик. Реформите се покренуваат во период кога ескалираше спорот со Бугарија околу сензитивни прашања поврзани со историјата, но и спорни барања на бугарската страна за интервенции во македонските учебници.
Транспарентни реформи
Претседателството на МАНУ се залага за транспарентно, стручно и целисходно водење на сите реформи на образованието во земјата. „Реформите треба да обезбедат систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја, укажувајќи на научниот факт дека македонскиот народ зборува на македонски јазик, веќе со векови, на територијата на нашата држава и надвор од неа“, укажуваат од највисоката научна институција.
-повеќе на темата: Основците ќе учат историја во рамки на општествените науки
MAНУ смета дека е неопходно да се обезбеди динамична рамнотежа меѓу математиката, природните и техничките науки, од една страна, и општествените и хуманистичките науки, вклучувајќи ги етиката и моралните вредности, од друга страна, како и да се обезбеди континуиран (на подолг период и без прекин) инклузивен и одржлив економски раст на Македонија. Тие во соопштението наведуваат дека при носењето на заклучоците ги имале предвид седумнаесетте цели на одржлив развој (ОН, Агенда 2030), посебно целите да се стави крај на сиромаштијата во сите нејзини форми насекаде и да се обезбеди инклузивно и правично квалитетно образование и промовирање на можностите за доживотно учење за сите.
МОН ги брани реформите
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, минатата недела на прес-конференција го најави новиот концепт на основно образование, кој ќе вклучи спојување на повеќе предмети во еден. Во план е историја да не се изучува посебно, туку да се спои во еден предмет заедно со географија кој ќе се вика со едно име - општествени науки. Спојување е предвидено и на предметите биологија, физика и хемија исто така во еден предмет со заедничко име природни науки, а треба да се спојат и ликовно и музичко. Откако беше презентирана ваквата идеја, започнаа и превирањата во јавноста околу ова прашање. И наставниците и родителите се збунети - сите се прашуваат какво ќе биде влијанието на измените врз наставниот процес.
-повеќе на темата: Македонските ученици добија „единица“ по природни науки“ и „двојка“ по математика
Од Министерството за образование и наука испратија нови појаснувања за дилемите и критиките кои се појавија во јавноста. Тие се децидни дека воведувањето на наставниот предмет општествени науки не значи укинување на предметот историја ниту, пак, бришење или менување на содржини од овој предмет. „Воведувањето на наставниот предмет општествени науки не значи дека се укинува наставниот предмет историја, туку содржините од него стануваат задолжителен дел од интегрираната наставна програма. Преку интегрирање содржини од историја, граѓанско образование и географија, наставниците по овие предмети продолжуваат да работат во училиштето, но сега заеднички ја планираат наставата, ги поврзуваат општествените појави и процеси, а учениците ги учат од различни перспективи“, велат од МОН.
Во однос на критиките дека се спојуваат несродни предмети како историја и географија, од МОН велат дека интегрираното изучување на географијата и историјата е карактеристично за голем дел од земјите со развиени образовни системи и дека секој историски настан е неразделно поврзан со географскиот амбиент во кој се одвивал. Наставните програми ќе бидат изработени од наставници, универзитетски професори и советници од Бирото за развој на образованието.
Преку дебата до најдобриот модел
Коментирајќи го новиот концепт за основното образование, премиерот Зоран Заев денеска порача дека не е намерата да се укинат некои предмети, туку да се намалат содржини што се вишок. Тој нагласи дека нема да се брза со оваа реформа, иако е важна и што поскоро треба да започне. „Новите содржини не одат на сметка на постоечките. Учениците и натаму ќе учат историја, географија, хемија, биологија и се' друго што е неопходно за нивните знаења. Но, за оваа работа низ дебата ќе го избереме најдобриот модел“, изјави Заев, претставувајќи ги десетте приоритети на „Акција 21“. Во образованието ќе биде вклучена медиумска и дигитална писменост, содржини за антикорупција, екологија, но и содржини и часови по хигиена, која се покажа како круцијална во борбата со Ковид-19.
Реакциите не стивнуваат
Наставници по историја од повеќе градови во државата во писмо до министерката Мила Царовска порачаа дека нема да дозволат да се нанесе голема штета на образовниот процес со укинување и девалвирање на предметите. Откако Институтот за национална историја побара од Владата и од МОН целосно повлекување на Концептот за предметот историја, реагираат и од Македонското географско друштво.
-повеќе на темата: Реформа на наш начин: Од вревата не се слушаат аргументите
„Природата на предметот каде што физичките и социоекономските содржини причински-последично се поврзуваат, испреплетуваат и надополнуваат за да се дефинираат состојбите, појавите и процесите, укажува на потреба од изучување на географијата како целина. Секое подвојување може неповолно да се одрази врз квалитетот на знаења од областа на географијата со кои ќе се стекнат учениците“, се вели во нивната реакција.
Наставниците стравуваат за своите работни места, по најавата за спојување на предметите во еден, но надлежните уверуваат дека ниту еден наставник нема да остане без работа.