1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рељиќ: Ципрас го решава спорот и од прагматични причини

Константинос Симеонидис
24 јануари 2019

Зошто Европа и светот се толку заинтересирани за решение на спорот за името и зошто се нема разбирање за противниците на Преспанскиот договор во Грција? На овие и други прашања одговара експертот за ЈИЕ, Душан Рељиќ.

https://p.dw.com/p/3C1A7
Mazedonien Griechenland Namensstreit beigelegt Zaev und Tsipras
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

ДВ: Ако се погледне што деновиве за грчките масовни демонстрации од викендот информираат германските медиуми, се добива впечаток како Грција да е многу националистичка земја. Дали е така?

Душан Рељиќ: Не може да се дава паушална оценка. Зашто, национализмот во последните години стана посилен насекаде во Европа и светот. Но, во ЈИЕ и во Грција има силна идентитарна и националистичка традиција во политиката. Таа во голем дел се должи на историјата, но е поврзана и со тоа што политичките елити во регионот, вклучително и Грција, не им нудеа на луѓето секогаш најдобро владеење. Грција во последните години мина навистина низ мизерија и сѐ уште ги нема сосема совладано проблемите, па оттука емоциите се добро средство за водење политика, корисно средство. На националистичката карта сега, пред изборите, многу силно игра конзервативната опозициска Неа Демократија.

Зошто Европа нема воопшто разбирање за противниците на Договорот (од Преспа, н.з.) во Грција?

На луѓето не само во Западна Европа, туку и во светот, никогаш не им беше јасно што е всушност проблемот. Зашто, Грција е една релативно голема земја - 10 милиони луѓе, членство во НАТО, во ЕУ, силна армија која стана уште посилна кога се гледа од аспект на значењето кое го има Грција на југоисточниот бедем на НАТО, како и во контекст на проблемите со Турција. Една вака зацврстена држава (е во спор, н.з.) со сосед кој нема армија, чие население во моментов на територија на Република Македонија се проценува на околу 1,3 или 1,4 милиони и кој нема сојузници кои би му дале поддршка за некакви експанзионистички тенденции. Сето ова ги направи позициите на Грција несфатливи во последните 20-30 години.

Dusan Reljic
Душан Рељиќ, добар познавач на состојбите во Југоисточна ЕвропаФотографија: DW

По деценискиот спор, сега работите одеднаш одат многу брзо. Како го објаснувате тоа што премиерот Ципрас го турка решавањето на спорот наспроти жестоките реакции во Грција и тоа толку бргу?

Претпоставувам дека од една страна треба да му се верува на Ципрас и на голем дел од политичките сили во Грција кога велат дека сакаат конечно да го решат проблемот. Овој проблем ја отежнуваше не само соработката со Скопје во последните години, туку беше и она поради кое Грција многу често изгледаше како „црна овца“ во заедницата на западни држави, а постојано ја труеше и политичката клима во Грција. Второ, претпоставувам дека двете страни - онаа на Ципрас и онаа на македонскиот премиер Заев - се позиционираат лево од центарот и нивното самопоимање, прашањата на идентитетите и националистичките прашања, не се во фокусот на нивното размислување и нивното политичко делување. Но, веројатно има и прагматични аргументи. Грција мора постојано да се договара со западните партнери околу финансиската поддршка која на земјата ќе ѝ биде уште долго потребна, а премиерот Ципрас знае дека решавањето на конфликтот помеѓу Скопје и Атина за него и за Грција ќе биде плус во односите со западните финансиски центри на моќ.  И конечно, во самиот регион, во ЈИЕ, една Грција која покажува подготвеност за отстранување на неизвесноста и долготрајните проблеми би била пример и би можела навистина да игра водечка улога при обидот за решавање на проблемите во регионот. Ова особено ако се има предвид дека турските напори во последните десет години имаа некаков вид на примат.

Зошто Европејците имаат особен интерес? Може да се види дека и Берлин и остатокот од ЕУ имаат многу голем интерес за решение на конфликтот.

И Американците се многу инволвирани. Во грчките весници прочитав дека американскиот амбасадор во последно време бил во контакт како со Ципрас, така и со опозицијата. Зошто е светот заинтересиран? Прво, ЕУ сака уште еднаш да покаже дека извезува стабилност и дека не е точно оти една ЕУ-држава не може да ги реши своите проблеми кои се важни за мировниот поредок во Европа. Второ, Македонија, или ПЈР Македонија, е лабилна држава поради етничкиот конфликт, и една влада во Скопје која ќе успее да ја внесе земјата во НАТО потоа може да каже дека придонесла значително за надминување на внатремакедонскиот конфликт помеѓу Албанците и Македонците. Без решение на спорот за името со Атина, лабилната ситуација во Скопје би продолжила, и со оглед на тоа што во регионот се шири страв од Голема Албанија, една Македонија која би се распаѓала сигурно би предизвикала бранувања во регионот. Значи, безбедносниот интерес на Западот е недвосмислено јасен.

Д-р Душан Рељиќ од фондацијата Наука и политика од Берлин е експерт за Југоисточна Европа

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема