1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ризикот на Бајден и помошта за сојузниците во Европа

Инес Пол
2 март 2022

Американскиот претседател е соочен со многу проблеми, па сепак - во својот прв говор за состојбата на нацијата Џо Бајден жртвуваше внатрешнополитички капитал во интерес на трансатлантските односи, оценува Инес Пол.

https://p.dw.com/p/47slt
USA Präsident Joe Biden Rede zur Lage der Nation
Фотографија: Victoria Spartz/Getty Images

Додека 46-от американски претседател Џо Бајден го држи својот прв говор за состојбата на нацијата, во срцето на Европа во бегство се стотици илјади луѓе. Никој не може да каже колку точно луѓе умираа во моментот додека тој зборуваше. Убиени во војна што ја започна еден руски претседател, кој го загубил разумот во една заостаната мегаломанија.

Како и изјавите од изминатите денови, и сега зборовите на речиси 80-годишниот Американец делумно звучеа како да се извадени од архивите на Студената војна. Бајден се повикува на силата што доаѓа од единството со сојузниците, му се заканува на агресорот од Москва и ги брани основните демократски вредности. Тој зборува за сплотеност и пожртвуваност и ја објаснува својата политика на санкции кои треба да ја погодат руската економија.

Мизерен рејтинг

Бајден ожнеа еуфорични меѓуаплаузи, вклучително и од редовите на републиканците. Кој не би сакал да ја слави храброста на Украинците и силата на Америка во таков трагичен момент од историјата? Воената реторика за одбрана на секој квадратен сантиметар од територијата на НАТО има дејство под куполата на зградата на парламентот. Но, оваа егоцентрична прослава на својата воена моќ е само краткотрајна слика.

Ines Pohl Kommentarbild App
Инес ПолФотографија: DW/P. Böll

Зашто, Џо Бајден со својот важен говор имаше нешто сосема друго предвид - долго по почетокот на новата година конечно да собере поени. На само осум месеци пред важните меѓуизбори, на кои тој би можел да го загуби сиот свој простор за политичко делување, Бајден, чиј рејтинг падна на драматични 41 проценти, сакаше да зборува за својот успех - во борбата против короната, економскиот пораст и позитивниот развој на пазарот на работна сила. Сакаше да биде славен како прв претседател кој на врвот на највисокиот суд донесол жена црнка. И да биде славен поради тоа што исполнил важни ветувања, како иницирањето на големиот инфраструктурен пакет. Се разбира, тој зборуваше и за овие работи - и за тоа исто така доби еуфоричен аплауз, но главно од сопствените редови.

Меѓутоа, она што за гласачите е навистина е важно е неговата одлука да ѝ даде приоритет на борбата за демократскиот повоен поредок во далечната Европа, да ја стави пред непосредните национални интереси. Да ризикува експлозија на цените на бензинот во сопствената земја поради дејството на санкциите, како и натамошен раст на стапката на инфлација која веќе сега во просек изнесува 7 проценти и уште повеќе им го отежнува животот на милиони Американци.

Русија заменета со Кина

Бајден ризикува популистите од Републиканската партија на крајот да ја искористат неговата борба против воените злосторства на Путин против него - да ја искористат како муниција за нивната кампања на страв „Америка на прво место“. Прво на меѓуизборите, а потоа и на претседателските избори.

Како и многумина од неговата генерација, Џо Бајден е убеден дека во случај на сомнеж, Америка мора да застане на страната на своите европски сојузници. Во САД, многумина сега на работите гледаат поинаку. Страшниот непријател Русија беше заменет со Кина. За повеќето Американци, трансатлантската поврзаност со стариот континент веќе не е приоритет. Сметаат дека иднината ќе се решава во Азија и дека Европа треба конечно да се грижи за себе.

Џо Бајден е политичар веќе 50 години. Тој е можеби последниот голем „трансатлантичар“ во Белата куќа. Нема потреба да се замислува сеништето на Доналд Трамп - без разлика кој ќе го наследи Бајден, американските политички тежишта ќе се променат. Добро би било Европа конечно да почне да се прилагодува на тоа.