Роботизирано Собрание: командите се кај партиските лидери
30 март 2021Добро е што Заев и Мицкоски постигнаа согласност за повеќе прашања, меѓу кои и за пописот, но тоа можеа да го сторат и порано. Вакви се генерално впечатоците во јавноста по вчерашната плодна средба на двајцата политички опоненти. Забелешката се темели главно на фактот дека претседателот на државата Стево Пендаровски уште пред два месеца порача дека не е грев пописот да се одложи, за да нема воопшто страв кај граѓаните поради епидемијата.
„Политичката поларизација ја уназадува државата. Место да ги споиме сите потенцијали, ние ја растураме енергијата. Проблем ли е да се одложи пописот, да не се повикува на бојкот, но да си подадеме рака, да го направиме тоа за да нема воопшто страв кај граѓаните поради ковидот“, изјави Пендаровски во интервју за емисијата „Отворено“ на ТВ „24“, а истото го повтори и во други јавни настапи. Оттука и впечатокот дека непотребно е изгубено време, но и дека е пропуштена шансата да се покаже автентичен порив за подавање рака и решавање на проблемите.
Влијание „одозгора“
Поради тоа, но и други околности, вчерашното согласување на Заев и Мицкоски на некои од аналитичарите им наликува ем на задоцнет, ем на резултат од „надворешна мотивација“.
„Една недела по телефонскиот разговор на господинот Метју Палмер со лидерот на опозицијата Мицкоски, почнува ‘преобразбата' и излезот од политичкиот ќорсокак на Македонија", оценува поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска.
„Се разбира дека средбата меѓу лидерите на двете партиие задоцнета, ама од она што можевме да слушнеме дека е договорено, најблаго речено, јавноста е ‘пријатно шокирана'. Значи можело да се држат прес-конференции без никакви дисквалификации на луѓе, со легитимни критики, па дури и да се договорат нови, продуктивни политики. Жал ми е што тоа не е направено меѓу пратениците во Собранието, бидејќи тие за тоa се платени, а оваа средба зборува дека нашето Собрание (со чест на исклучоци) е ‘роботизирано' и копчињата за одлучување се кај партиските лидери. После толку плукања, отровни стрели меѓу двата блока, кога мислите дека е стигнато до дното а гледате дека во него има уште дно, сепак можело поинаку. Така да, мојата благодарност, а верувам и на многу други е упатена кон високата американска администрација, поточно кон господинот Метју Палмер, кој ете има ‘свој' начин како да ја покрене политиката на нормални нозе", вели Марковска.
„ДУИ им прави штета на Албанците“
Од Коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива првите критики вчера ги вперија кон владејчката ДУИ, чиј лидер на присуствуваше на вчерашната средба.
„ДУИ, која се преправа дека е претставник на Албанците во Владата, денес уште еднаш го потцени своето гласачко тело и сите Албанци. Заев потврди дека само го известил Ахмети за одлуката за одложување на пописот по телефон, и дека не го прашал за неговиот став во врска со оваа прашање. Мицкоски, во меѓувреме, го нарече само квантитет, а не квалитет. На овој начин - од партија што влезе во владата мамејќи нѐ со ’албански премиер‘, ДУИ денес се претвори во партија што им прави поголема штета на Албанците, овој пат со одложување на пописот“, реагираа од оваа коалиција.
Во среда и тие треба да имаат средба со Заев, на која ќе се разговара за предлог-законот за државјанство што тие го поднесоа во парламентот, и најавија дека ако тој не биде донесен, тогаш ќе ги блокираат сите други закони што ќе стигнат во Собранието.
Услов за присуство
Од опозициската Левица за ДВ велат дека делумно се задоволни околу предлозите за кои Заев и Мицкоски вчера постигнаа согласност.
„Делумно сме задоволни. Како што напоменуваме и во нашата кампања ‘Не отворам врата', сметаме дека одложувањето на пописот е потребно минимум до април 2022, и тоа со услов подготовките за пописот да почнат веднаш. Инаку, ние, цврсто стоиме на ставот дека е потребен нов Закон за попис, кој ќе ги отклони сите недостатоци на постоечкиот, односно јасно ќе направи дистинкција помеѓу резидентното население и населението кое живее повеќе од една година надвор од државата, и закон кој точно и прецизно ќе воведе контролни механизми за добиените резултати од терен. Постоечкиот Закон за попис е донесен шверцерски, без можност за расправа по истиот, со грубо искористување на ‘европското знаменце' за прескокнување на редовните процедури во Собранието“, велат од Левица.
Притоа потенцираат дека законот е во колизија со повеќе членови на Уставот, како и со одредени домашни и меѓународни закони и конвенции.
„Особено проблематичен е моментот на врзан потпис на партијата ДУИ, која во ваков случај има практично моќ на ВЕТО. Што значи дека, доколку резултатите од пописот не им се допаѓаат, тие едноставно можат да го прогласат за невалиден. Впрочем, токму тоа беше причината за пропаѓање на претходниот попис од 2011-та година, со таа разлика што сега на ДУИ тоа легално им е дозволено. Поради овие причини потребно е итно носење на нов Закон за попис“, образложуваат од Левица.
Запрашани - дали ќе присуствуваат на консултативната средба со други партии, што Заев ја најaви за в среда, одговараат потврдно, но имаат еден услов.
„Доколку добиеме покана за во среда, начелно би присуствувале на средбата, но под услов таа да се одржи внатре во Собранието и да биде целосно транспарентна за јавноста“, децидни се од Левица.