Сојуз против антициганизмот
8 април 2016Кристина живее во ромска населба на периферијата на едно трансилванско село во Романија. Има 15 години и потекнува од сиромашно семејство. „Мајката на Кристина има седум деца од седум татковци“, вели Егиналд Шлатнер, евангелистички свештеник во селото, кој во Германија е познат како автор. Кристина живее кај баба ѝ, „четири генерации, единаесет лица во една колипка со три кревети“.
Огромна сиромаштија, насилство, криминал и речиси без можности да се избега од овој ѓаволски круг - тоа е секојдневието на многу Роми. Така е и во Романија. И покрај националните програми за помош, кај погодените на маргините на општеството стигнува малку. Затоа локалните приватни иницијативи се многу важни. На Шлатнер му успеа да овозможи посета на 25 деца Роми од селото на едно занаетчиско училиште во соседниот град Сибиу. Со помош на донатори од Швајцарија, Австрија и Германија, Шлатнер и натаму го прповедува проектот. „Кристина успеа да го заврши првиот семестар на ова училиште“, вели Шлатнер со гордост.
Куќата на свештеникот е отворена за децата Роми, тие таму може да јадат, да се истушираа или да пишуваат домашни задачи. Образованието е единствениот начин за Ромите да фатат приклучок во општеството, уверен е 83-годишниот свештеник и романсиер.
Борба против предрасудите
„Ромите се губитници од обединувањето на Европа“. Во тоа е убедена и Петра Розенберг. Таа припаѓа на малцинството Синти во Германија и е еден од познатите застапници на нивните интереси. Пред сѐ на ситуацијата на Ромите во балканските држави треба да ѝ се обрне поголемо внимание, вели Петра Розенберг во разговор за ДВ. Повеќето Роми таму живеат во најголема сиромаштија, нивните шанси за образование и работа се мали, тие често се мета на омраза и непријателства. Нивна последна надеж често е бегство во Западна Европа. „Но, и тука не наидуваат на посебно внимание, туку се судираат со стари предрасуди“, вели Розенберг.
Тоа не важи само за Ромите, туку и за Синтите во Германија, кои се признати како национално малцинство, додава таа огорчено: „Сѐ уште се судираме со изолација и отфрлање“, нагласува претседателката на Покраинскиот сојуз на германските Роми и Синти во Берлин-Бранденбург. Затоа многумина, пред сѐ млади луѓе, го кријат своето етничко потекло.
Уве Нојмеркер, директор на фондацијата Споменик за убиените Евреи во Европа, во пресрет на Меѓународниот ден на Ромите (8 април) повика на кампања против антициганизмот и за солидарност со Синтите и Ромите во Европа. Над 20 организациии од политиката, цивилното општество и културата се споија во сојуз за да обрнат внимание на дискриминацијата на најголемото европско малцинство која не запира.
„Расизмот со кој се соочуваат секојдневно Синтите и Ромите, е неподнослив, а никој не гледа“, изјави Нојмеркер при претставувањето на иницијативата. Не може да им се остави само на погодените да се борат и да укажуваат на антициганизмот и неговите последици, кои често ја загрозуваат егзистенцијата, вели тој. „Ние како мнозинство конечно мора јавно да проговориме за ваквата ситуација, да ја осудиме и да преземеме мерки против тоа“, нагласува иницијаторот на Сојузот.
Солидарност и од проминентните
Сојузот добива поддршка и од познатиот германски фудбалски репрезентативец Арне Фридрих. Фондацијата која го носи неговотот име се залага за интеграција на децата и младите со мигрантско потекло. За Фридрих посебно е важно да се поддржува Сојузот, поради тоа што „од расизам страдаат пред сѐ децата на малцинството“. Без образование и еднаквост на шансите за овие деца нема можност за интеграција, нагласува познатиот спортист, кој денеска во Берлин ќе го чита повикот на Сојузот во рамки на една манифестација на Споменикот на убиените Синти и Роми во времето на националсоцијализмот.
Со повикот Сојузот има намера да ја поттикне повторно дебата околу протерувањето на Ромите во т.н. сигурни земји на потекло. Притоа, во фокусот е приказната на браќата Роми - Кефает и Селами Призрени. Нивното семејство на почетокот на 1990-тите побегнало од Косово во Германија. Кефает тогаш имал 4 години, а неговиот брат Селами е роден во Германија. Двајцата оделе во градинка и на училиште во Германија. Како хип хоп музичари наскоро стануваат познати и надвор од границите на Есен. Во 2010 година браќата се протерани на Косово. Таму, како „Германци“, не се прифатени од страна на своите поранешни сонародници. Браќата Призрени од 2014 година се повторно во Германија, а за нивниот статус сѐ уште не е донесена одлука. Во писмо до германската јавност двајцата браќа ја опишуваат својата судбина, а нивната одисеја е раскажана и во документарниот филм „Trapped by Law“. „Не сакаме сочувство, сакаме признавање“, нагласува Селами Призрени. Двајцата браќа со својата порака стојат и денеска на бината во Берлин, на собирот по повод 8 април. Порака која важи за сите малцинства и која конечно треба да стигне и до мнозинството.