1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Роѓа пак во Скопље

24 август 2017

Последната епизода на балканскиот серијал „Позориште у региону” на повлекување дипломати е омаж на третманот на Белград, кој го користи Скопје како последно упориште за докажување на сопствената - веќе свената - моќ.

https://p.dw.com/p/2ijlM
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

„Немам ништа против сцене, нек сви глуме око мене.
Ал' да ми се да, да сам главни ја! - Седморица Младих 

Од протерувањето на Нушиќ, Чкаљиниот одговор на прашањето „со кого се граничи Албанија“ па сѐ „појужно-потажното“ на Бора Чорба, во поп-политичката матрица на Белград Македонија била и сѐ уште е нешто помеѓу мрачен објект на страст и кутре за шега. А сепак, најдобриот метафорички опис на односот на Белград кон Скопје е оној на Родољуб Роѓа Петровиќ од легендарното „Позориште у кући“, кој секогаш кога сакаше да избегне непријатни гости или обврски, се вадеше на изговорот дека „Роѓа е на службен пат во Скопје“. Последната епизода на балканскиот серијал „Позориште у региону на повлекување дипломати е омаж на тој третман во кој официјален Белград го користи Скопје како последно упориште за докажување на сопствената - веќе свената - моќ. Додека останатите екс-ЈУ соседи се веќе во или под ЕУ/НАТО, Македонија (и донекаде Босна) останува како регионално сираче во улога на единствената преостаната боксерска вреќа врз која потомците на некогаш силната српска политика си ги вежбаат своите мускули и паланечка смисла за дипломатија.  

Можеби сѐ ќе беше поинаку доколку полит-дипломатите на Белград пред да ја донесат одлуката за затворање на aмбасадата во Скопје и предизвикаат вештачка криза, ќе си одвоеја час-два да ја прочитаат темата на неделата во весникот „Политика“ посветена токму на српската дипломатија и објавена – пророчки – ден пред да донесат одлука за повлекување на дипломатите од нашиот град. Накусо, би ги набројал само насловите низ кои може да се опише состојбата и разбирањето за тамошната дипломатија („Школуваме дипломати без познавање на протоколот“, „За кого е резервирана дипломатската академија“, „Заминување пред рокот“, „Дипломатијата е денес друго име за употреба на сила“). Според српската народна, за паметниот – доволно. За останатите ќе треба време да се разберат последиците на преседаните со необразложени причини и долгорочниот третман на одлуките на Белград, елегантно сумирани од „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ како навика на Вучиќ да ветува разјаснувања на своите потези и редовно заборава да испорача објаснување.

Балкански интриги и протежирања

Политичките таблоиди секако ќе ја смират ситуацијата онака како што и ја загреаја атмосферата по потегот без преседан на официјален Белград. Но дипломатијата, онаа посериозната, нема да пропушти поведението на Белград да го испита подетално, посебно во однос на обвинувањата за офанзивно делување на странски служби против Србија, имплицирајќи дека во тоа учествувале неименувани странски сили. Притоа, се разбира, од старт амнестирајќи ја Русија. Во контекст на таквото образложение, интересот на сериозните дипломатии и служби секако ќе го вклучи и настанот кој се случи две недели пред затворањето на Амбасадата, имено посетата на шефот на турското разузнавање Хакан Фидан на Белград и долгата тет-а-тет средба со Александар Вучиќ зад затворени врати. Случајност, коинциденција или не, Вучиќ ќе мора да даде конкретен и детален одговор пред западните партнери врз што ги заснова неговите сознанија и обвиненија, вклучително и изворот од кој се добиени.  

Објаснувањето е неопходно дотолку повеќе што Белград несмалено продолжува со инсинуациите за странски служби свртени против Србија. Како што може да се заклучи од написот „Џес Бејли и шпионирањето на српските дипломати“ објавено во денешното издание на „Политика“. Зачудува што Белград прстот на сомнеж го насочува кон американски амбасадор во соседна земја, иако под нивен нос службува Кајл Скот како амбасадор на САД во Србија. Бизарната нелогичност наметнува ред дилеми за таквиот потег и однос на Белград кон Бејли и Скот – дали е тоа поради желбата на нарачателите да се дефамира Бејли како трн во око на овдешната антиамериканска и просрпска струја на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Иванов? Дали поради фактот што Амбасадата во Скопје сѐ повеќе ја игра улогата на Балкански Стејт Департмент кон останатите дипломатски претставништва на Вашингтон во регионот? Или пак наостреноста на Белград кон Бејли е признание дека надворешнополитичката игра во Македонија ја смета како внатрешнополитичка интрига на тронови преку протежирање на инсталирани тролови? 

Преку грбот на Македонија

Последното прашање засега нуди најлогични одговори на сомнежот дека станува збор за типична операција на напад како најдобра одбрана во префрлање на одговорност за замислени и недокажани обвинувања врз Скопје со цел да се израмнат и скријат одговорностите за веќе јавно докажаните замешателства на Белград во внатрешните политики на Македонија. Што не би нѐ зачудило, доколку се разбере дека во новите околности во Скопје, официјална Србија се има почувствувано дискриминирано и „незаслужено“ оцрнето во споредба со другите соседи. Во светло на таквата можна перцепција, интервенцијата на Србија е своевиден гамбит со која Белград сака да добие свој пандан на Тиранската Платформа, Грчкиот Спор за Името, Бугарскиот Добрососедски Договор. Навидум преку од нафталин извадената и провидна блеф аргументаџија за Косово во УНЕСКО, која интимно ниту керберите на српската пропаганда не би ја изеле со тегла масло врз неа. Барем не по последното издание на српското разбирање за гласот на владата ВМРО-ДУИ во прилог на истото членство и интересно изненадувачката дипломатската трпеливост и кроткост на Белград кон другите регионални престолнини кои гласале и повторно ќе гласаат во прилог на Приштина. Впрочем, оправданието на Белград е сосема нелогично со оглед на изјавата на премиерката Брнабиќ дека „Заев на самитот во Трст ѝ има ветено дека Македонија ќе се возрджи од гласање за прием на Косово во УНЕСКО“.

Ни се допаѓало тоа нам или не, доколку мотивот на Белград е со цел заштита на сопствените интереси, тоа е сепак разбирливо и очекувано, посебно во тековните околности. Но доколку тоа е со цел на поткопување на политичките текови во земјата, тогаш Србија сигурно веќе ја губи на реверс дадената аура на „фактор на регионална стабилност“. А судејќи според вокабуларот на образложенија, оваа Белградска Платформа однапред има сериозен хендикеп и причина за сомнеж. Бидејќи, за разлика од останатите платформи и нивните образложенија (Тиранската за правата на Албанците, Грците за сочувување на географската одредница, Бугарите за добрососедство) Белградската Платформа ниту се залага за правата на Србите во Македонија ниту за дефанзивна одбрана на сопствената територија, или пак добрососедски односи. Но затоа, низ измислени и недокажани обвинувања, преку грбот на Македонија цели кон Западот како прво, и ја презема улогата на заштитник на македонството како второ. Со што цели да ја пополни празнината констатирана од медиумите на Путин дека „во Македонија веќе не постојат патриотски партии“ како резултат на прозападната определба на безмалку сите политички партии во земјата. И воедно ја имплементира новата стратегија на Путин за продор на Балканите како фактор на стабилност и префрлање на вината врз Западот како фактор на дестабилизација на регионот.

Ниту Скопје не е неспорно невино

Официјално Скопје секако не може да се обвини за овој испад на српската полит-дипломатија. Но не може ниту да се амнестира однапред како неспорно невино, посебно поради придонесот на премиерот Заев и неговите поведенија без глава и опаш и неизбалансираноста во вниманието рамномерно искажано кон сите соседи. И покрај сите громогласни заложби за добри односи со сите соседи, три месеци по стапнување на власт ногата на Заев стапна единствено на тепихот во Софија и сѐ уште без назнака за скорешно билатерално зачекорување во Тирана, Атина, Приштина, па и Белград. Да не ги заборавиме ни неговите несреќни и провокативни изјави за Вучиќ, за едвај прикриениот флерт со православието како „намигуша-политика“ кон соседните земји, за израелски искуства во меѓуетнички односи, за пишман ветувања кон турската амбасадорка и.т.н. Белград секако не може да биде обвинет што поимањето на Заев за меѓусоседски односи сѐ уште се сведува на чекори базирани врз приватните аудио-визуелни купопродажби со Борисов, наградни функционирања на српски сомнителни лица, фаворизирање на системски Албанци и вахабистички ориентирани албанофони под плашт на граѓанскиот концепт. Кои засебно и севкупно не навестуваат новост, туку потсетуваат на првите години на владеењето на груевизмот и традиционалната еквилибристика во етапно фаворизирање на еден сосед на сметка на останатите. 

Овдешните набљудувачи не забораваат дека продорот на Заев во првата политичка постава не се случи поради неговите исклучителни политички, дипломатски или лидерски способности, туку поради прозаичната реалност на имање пари за плаќање струја, вода и кирија за банкротираната Бихаќка. Но, затоа, надворешните партнери треба час поскоро да се потсетат на предупредувањето на Коѕијас „да не создаваат нов Груевски“ и истото го преточат во дело низ кротење на брливоста и паланечката склоност кон интриги на Премиерот. Македонија ем нема причина, ем има меморија по првите сто дена веќе да не очекува некаков маѓионичарски пресврт на Заев во политички „вундеркинд“. Доколку Западот не му стави до знаење на Заев дека мора да престане со креирање магли во односот кон Грција, Албанија, Србија, Косово, тогаш теа самите се виновни за волците кои ќе сакаат и ќе умеат да ја искористат густата магла надвиена над Македонија.   

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема