Ружин: Ципрас вели - јас и Заев сме како браќа!
20 декември 2018Имавме многу срдечна средба со прекрасна, едноставна и скромна личност. Вака професорот и ректор на Универзитетот ФОН, Нано Ружин, за Дојче веле ги сподели првите импресии од синоќешната средба со грчкиот премиер во Атина. Алексис Ципрас и беше домаќин на „четворката“ која еден ден претходно на официјална церемонија во Скопје, објави дека грчкиот и македонскиот премиер ќе бидат номинирани за Нобеловата награда за мир. Номинацијата ќе ја поднесе добитничката на Нобеловата награда за мир за 2015 година, тунижанката Уидидед Бушамауи, која заедно со поддржувачите на таа идеја - Нано Ружин, грчкиот европратеникот Стелиос Колуглу и генералниот менаџер на ФОН, м-р Сефер Цаноски, иницијативата синоќа му ја претставија и на грчкиот премиер.
„Премиерот Ципрас беше пријатно изненаден што иницијативата доаѓа од добитник на Нобеловата награда за мир, и од претставници на една независна институција - Универзитетот ФОН. Рече дека тој чин го разбира и го прифаќа како силна поддршка за процесот што го започнале заедно со неговиот колега, Зоран Заев. Иако и двајцата се уште се изложени на разни националистички испади, смета дека оваа номинација им дава дополнителна сила успешно да го завршат процесот. Според Ципрас, таа им праќа порака и на внатрешните сили кои не прифаќаат да се реализира Договорот од Преспа, а испраќа порака и до пошироката заедница, дека се работи за добар модел за создавање големи резултати, со кои ќе се гордеат и многу идни генерации. Тој потенцираше дека Договорот од Преспа е историски настан меѓу две соседни држави - и пријатели, и идни големи сојузници“, пренесува Ружин акценти од средбата.
Повеќе: Заев и Ципрас ќе бидат предложени за Нобелова награда за мир
Празнични честитки од Ципрас
На средбата со гостите од Македонија, грчкиот премиер ја пренел и неговата честитка за Нова Година и Божик до сите наши граѓани, со желба двете земји идните прослави да ги дочекаат без никакви билатерални проблеми.
„Во тој пријатен и спонтан разговор, реков дека господинот Ципрас во многу нешта е сличен со нашиот премиер Заев, на што тој низ насмевка одговори: 'Да, да, ние сме како браќа'“, раскажува Ружин.
Средбата е остварена во многу фреквентен ден за грчкиот премиер: расправа за првиот буџет во периодот по завршувањето на финансиска помош за Грција, и негова подготовка за службен пат во странство. Но, како што вели Ружин, периодот бил фреквентен и за неговиот пријател, грчкиот европратеник Стелиос Колуглу, кој ја подржа номинацијата на двајцата премиери.
„Мојот пријател Стелиос, кој е и писател, во недела се жени и има свадбена церемонија во Атина. Тој и неговата избраничка, новинарката Фотини Ламприди, со цел да присуствуваат во Македонија на значајната номинација на двајцата премиери за Нобеловата награда, го откажаа планираното предсвадбено патување во Шпанија. Решија деновите пред нивната свадба да ги поминат во Скопје“, вели Ружин.
Импресии од вчерашната средба во Атина објави и менаџерот на ФОН, Сефер Цаноски на Фејсбук, потенцирајќи дека Ципрас со задоволство ја прифатил номинацијата за Нобеловата награда за мир.
„Тие (Заев и Ципрас- н.з) како лидери на новото време имаа храброст и визија да излезат од стереотипните политики кои се водеа со децении наназад, со една единствена цел - да градиме нормални, добрососедски и пријателски односи“, пишува Цаноски, со став дека „Ципрас и Заев заслужуваат да бидат новите лауреати на Нобеловата награда за мир“.
Модел за решавање на споровите
Сите грчки медиуми ја објавија веста за средбата во Атина, на која премиерот бил информиран за номинацијата. Грчката новинска агенција објави дека „Ципрас ѝ се заблагодарил на нобеловката и голем борец за мир, Уидидед Бушамауи, за иницијативата да го предложи него и неговиот македонски колега Зоран Заев за големата награда, во знак на признание за Преспанскиот договор, како модел за дијалог и мирно решавање на споровите“. Тој со нобеловката разговарал и за случувањата во Тунис и за нејзината посветеност на мирот и стабилноста во нејзината земја.
Медиумите ја пренесоа и изјавата на премиерот Заев, дека „Преспанскиот процес може да биде пример за решавање на спорот меѓу Белград и Приштина“, која тој ја даде вчера во Брисел, по работниот ручек со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, и лидерите од Западен Балкан.
„Убедени сме дека можеме да помогнеме во целиот процес со искуството што го имаме од Преспанскиот процес, тоа може да биде искуство и за ова проблематично прашање на Балканот. Дефинитивно Балканот има заедничка иднина и мораме сите заедно да работиме на таа иднина да си помагаме меѓу себе и да имаме разбирање меѓу себе. Верувам дека ќе помогнеме сите во целиот овој процес за наоѓање решение“, изјави Заев во Брисел.
Претходно тој имаше средба и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. И од Туск, и од Могерини, Заев доби поддршка за имплементација на Договорот од Преспа, и за сите актуелни процеси кои водат кон реформи, помирување и интеграција.