1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија и НАТО заеднички ја одбележаа победата над фашизмот

9 мај 2010

Со традиционалната воена парада, денеска во Москва беше одбележана 65-годишнината од победата над Хитлерова Германија. На свеченоста присуствуваа 30-ина шефови на држави и влади, а на парадата и два баталјони на НАТО

https://p.dw.com/p/NJmg
Фотографија: AP

Точно во 10 часот утринава повеќе од 11 илјади војници излегоа на парада на Црвениот плоштад во Москва, придружувани од стотина авиони и стотици оклопни возила на одбележувањето на годишнината од победата над фашизмот.

30-ина светски лидери, меѓу нив и германската канцеларка Ангела Меркел и македонскиот претседател Ѓорге Иванов, во заедничката изјава искажаа почит „за храброста на милиони луѓе од различни националности и вери, и на сите кои се бореа против фашизмот и ги дадоа своите животи во името на победата на слободата и правдата“.

Медведев бара заедништво за одбрана на мирот

Домаќинот, рускиот претседател Дмитри Медведев, во говорот пред воените ветерани истакна дека светот не смее да попушти во напорите да спречи трагедии и војни како Втората светска војна. Фактот дека руските и НАТО-трупите заеднички учествуваат на парадата ја покажува решителноста да се одбрани мирот, рече рускиот претседател.

Militärparade in Moskau Russland 65. Jahrestag des Sieges über Hitler-Deutschland Angela Merkel
Фотографија: AP

„Само заеднички можеме да се одбраниме од денешните закани. Само врз основа на добрососедство можеме да ги решиме проблемите на глобалната безбедност. Само така, идеалите за правда и добрина ќе триумфираат, а идните генерации ќе живеат среќно и слободно“.

Парадата почна и заврши истовремено во 70 руски градови, но славјето ќе продолжи во текот на целиот ден, а за вечерва во Москва е најавен и голем огномет.

Автор: Кристина Нагел / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска