1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија официјално ја призна независноста на Ј. Осетија и Абхазија

Агенции / З. Јордановски26 август 2008

Во двата грузиски сепаратистички региона решението на рускиот претседател Дмитриј Медведев примено со воодушевување. Разбирливо, сосем спротивни се реакциите на западните политичари.

https://p.dw.com/p/F59R
Медведев зборува пред нацијатаФотографија: AP

Рускиот претседател Дмитриј Медведев ја прифати вчерашната препорака од двата дома на рускиот парламент и веднаш, веќе денеска, го потпиша указот за признавање на независноста на Јужна Осетија и Абхазија. Во специјалното телевизиско обраќање Медведев рече: „Признавањето е резултат на слободно изразената волја на народот на Јужна Осетија и на Абхазија и е во согласност со Повелбата на ОН, завршните акти од Хелсинки од 1975-та и со другите меѓународно-правни документи“. Медведев го образложи решението со тоа дека двата региона морале да бидат заштитени од натамошни можни агресии од Грузија.

Луѓето во двата сепаратистички региона реагираа со воодушевување на веста од Москва. Со јужноосетиски и руски знамиња тие излегоа на улиците на главниот град на Јужна Осетија Цхинвали, во голема мера разурнат при неодамнешните борби. Од многу страни моижеле да се слушнат и рафали од огнено оружје како израз на славење. Регионалната мобилна телефонска мрежа доживеа слом поради преоптоварување непосредно по објавувањето на решението на Медведев.

За Западот решението е „за жалење“ и „сосем неприфатливо“

Грузиската влада изјави дека Москва ќе се изолира самата себе си со ова решение.

Решението на Медведев е „апсолутно неприфатливо“ и спротивно на меѓународното право, оцени германскиот канцелар Ангела Меркел во естонскиот гравен град Талин, каде се наоѓа на разговори токму во врска со кризата во Грузија. Со овој чекор на Русија се „многу отежнати“ политичките напори за изнаоѓање решение. Претходно Меркел нагласи дека планот во шест точки за повлекување на руските трупи од Грузија мора да биде спроведен „колку што е можно побргу“. Територијалната целовитост на Грузија е еден од принципите на интернационалната соработка, изјави Меркел по средбата со естонскиот премиер Андрус Ансип и се заложи за испраќање меѓународни набљудувачи. На Грузија и’ вети натамошно приближување кон ЕУ и можност за олеснување на визниот режим.

Естонија побара поостер став спрема Русија, на што Меркел возврати дека „проблемите меѓу земјите не можат да се решат со тоа што тие нема меѓусебно да разговараат“. Таа искажа и увереност дека земјите на ЕУ ќе изнајдат заеднички став во однос на актуелната криза во односите со Москва на претстојниот вонреден самит на 1-ви септември. Кон критиките од канцеларот Меркел на сметка на Русија се приклучи и германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер.

Франција во изјавата на Министерството за надворешни работи вели дека „е за жалење“ решението на Москва и оти се чувствува приврзана кон „територијалниот интегритет“ на Грузија во нејзините меѓународно признаени граници.

Утре во Поти пристигнуваат американските воени бродови

Претходно американскиот претседател Џорџ Буш апелираше до Медведев да не ја прифати препраката од парламентот. Американската амбасада во грузискиот главен град Тбилиси најави дека утре воената морнарица на Соединетите Држави ќе испорача хуманитарна помош преку грузиското пристаниште Поти, каде руските војници поставија контролни пунктови. За рускиот генерал Анатолиј Ноговицин е „ѓаволски“ да се користат воени бродови за хуманитарна помош. „Зголемената активност на бродови на НАТО во Црно море предизвикуваат кај нас недоверба“, изјави заменик-шефот на генералштабот на руската армија.




Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема