Русија повторно покажува „мускули“
14 септември 2017Москва и Минск ги завршија подготовките за еднонеделната воена вежба „Запад- 2017“, која почнува денеска. Во неа, двете земји ќе распоредат трупи, наречени „северни“ кои ќе треба да ѝ се спротивстават на агресијата од „западните“- вооружени напаѓачи од измислени земји со имиња Везбарија, Лубенија и Веишнорија. Според сценариото објавено од руските и белоруските воени претставници, Везбарија и Лубенија се лоцирани во Балтичкиот регион и го контролираат коридорот кој ја поврзува руската енклава Калининград со Белорусија. Во реалниот свет, коридорот одблизу кореспондира со границата меѓу Литванија и Полска, обете членки на НАТО.
Измислената држава Веишнорија, пак, е лоцирана во регионот Гродно во Белорусија, во близина на нејзината западна граница.
Независните експерти во тоа гледаат сигнал дека Минск и Москва подготвуваат сценарија за опасности кои потекнуваат од НАТО држави како и од самата Белорусија. Регионот на Гродно се чини има посебно значење затоа што во него живее голем процент полско население. Сепак, воени претставници инсистираат дека сценариото е развиено против „замислени противници, неповрзани со конкретен регион“.
Која е целта на вежбата?
„Во Белорусија и Калининград се инфилтрирани екстремистички групи со намера да извршат терористички напади. Илегалните милиции се поддржани од странство со оружје, воздушна и поморска поддршка. Со цел да се неутрализира непријателот, ќе бидат распоредени копнени сили кои треба да го отсечат нивниот пристап до море и да ги блокираат воздушните коридори, со помош на воздухопловството и морнарицата“, се наведува во официјалниот план.
Целта на маневрите е да се се координираат активности меѓу регионалните воени команди „во интерес на обезбедување на воената сигурност“, велат Москва и Минск. Вежбата ќе се одвива во два дела. Прво, војската ќе ги искористи воздухопловните сили и противвоздушната одбрана за да се заштитат клучни воени и државни објекти и подготовка да „се изолира регионот на активност од страна на илегалните вооружени групи и нивните субверзивни тимови“. Втората фаза ќе биде насочена кон „менаџирање на трупите додека се отфрла агресијата“ против Русија и Белорусија.
Колку трупи учествуваат?
Двете земји тврдат дека 12.700 војници ќе бидат инволвирани во вежбите. Покрај нив, ќе бидат активни 70 авиони и хеликоптери, 280 тенкови, 200 артилериски орудија, десет бродови и други видови воена опрема. Во вежбите ќе бидат вклучени и агенти на руската разузнавачка служба ФСБ, како и службеници на руското МНР и на министерството за вонредни состојби.
Но, НАТО во повеќе наврати ги отфрлаше овие бројки, додека германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен тврди дека вистинската бројка е околу 100 илјади војници. Меѓународните договори ги обврзуваат државите да обезбедат поголема транспарентност кога држат вежби со повеќе од 13 илјади војници.
Минатата недела, руското министерство за одбрана соопшти дека е „шокирано“ од тврдењата на Фон Дер Лајен, и ги повтори своите проценки дека се работи за 13 илјади трупи. Претходно, Кремљ ги повика странските воени и дипломатски претставници да ја посетат последната етапа од вежбата на територијата на Русија.
Каде ќе се одржи вежбата?
Воените маневри ќе се одржуваат на седум локации во Белорусија, една локација во Калининград и две во западна Русија. Со цел да се избегнат тензии со соседните држави, авторите на маневрите одбрале региони кои на значителна оддалеченост од границата.
Источните држави-членки на НАТО се загрижени од распоредувањето на руските трупи во близина на нивна територија, затоа што Москва одржуваше слични воени вежби и пред конфликтот во Грузија во 2008 година и пред анексијата на Крим во 2014.
Вежбата има стриктно „дефанзивен карактер“, а нејзиното спроведување нема да биде закана за европската заедница ниту за соседните држави, тврди руското министерство за одбрана. Белорусија, исто така, испрати уверување дека по завршувањето на вежбата „до 30 септември сиот воен персонал, оружје, воена опрема и специјализирани орудија ќе бидат вратени на местото на постојаната локација, а руските воени сили ќе ја напуштат територијата на Белорусија“.