НАТО: Русија скапо ќе плати за нова инвазија врз Украина
30 ноември 2021Сѐ погласните шпекулации за нова инвазија на Русија врз Украина го алармираа НАТО. Генералниот секретар Столтенберг вели дека ќе има „сериозни политички и економски последици“, и нови економски санкции од НАТО сојузниците по состанокот на министрите за надворешни работи на Сојузот во Рига.
НАТО размислува за зајакнување на своето присуство на источното крило, како што стори и по анексијата на Крим во 2014, вели Столтенберг. Тој вели дека иако е нејасно кои се намерите зад руското трупање војска во и околу Украина последните месеци, сепак „треба да се биде подготвен за најлошото“. Засега, додаде тој, целта е да и се испрати порака на Русија да се повлече и да се избегне ескалација.
Во понеделникот, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба алармираше поради наводната опасност од руска инвазија и тврдеше дека на границата се натрупани 115.000 руски војници. Овие информации досега немаат официјална потврда.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во вторникот предупреди дека секоја нова агресија од Русија ќе повлече „сериозни последици“. Шефот на германската дипломатија Хајко Мас рече дека „Москва ќе плати висока цена за секоја форма на агресија“.
Кремљ минатата недела ги отфрли обвинувањата од Западот и порача дека на своја територија може да прави што сака со своите трупи. Претседателот Владимир Путин во вторникот изјави дека Русија е загрижена поради воените вежби на НАТО во близина на нејзината граница.
Познавачите на состојбите не веруваат дека НАТО ќе возврати со воен одговор при евентуална нова агресија од Русија, но можни се дополнителни санкции.