1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија ја шири пропагандата преку тролови

Б. Георгиевски/ап30 мај 2015

Кремљ отсекогаш бил преокупиран со пропаганда, но последнава година кампањата на „тролање“ е особено засилена со ангажманот на стотици онлајн оперативци. Анализа на агенцијата Асошиејтед прес.

https://p.dw.com/p/1FZ0Y
Troll-Puppe
Фотографија: CC BY-SA 2.0/Eirik Solheim

Длабоко во една четирикатна зграда во Санкт Петербург, стотици работници со своите компјутери се во првите линии на информативната војна, велат оние кои престојувале внатре. Познати како „Тролови на Кремљ“, мажи и жени работат во 12-часовни смени преку целото деноноќие, поплавувајќи го интернетот со пропаганда чија цел е ширење на визијата на Владимир Путин за Русија и за светот.

Кремљ отсекогаш бил преокупиран со пропаганда, но последнава година кампањата на „тролање“ е особено засилена со ангажманот на стотици онлајн оперативци кои треба да помогнат против западниот притисок поради прорускиот бунт во источна Украина. Програмата исто така ја влече и Србија, која има аспирации кон ЕУ, назад во руската орбита, а особени цели се Германија, САД и други западни држави. Операцијата толку ја загрижи ЕУ што изработи план за борба против руската дезинформациска кампања, иако деталите се‘ уште не се објавени.

Орвеловски универзум

Лјуда Савчук, самохрана мајка на две деца, работела во „трол-фабриката“ во Санкт Петербург до средината на март годинава. Оваа 34-годишна новинарка вели дека имала сознанија за орвеловскиот универзум во кој влегува кога ја прифатила работата, но го потценила неговиот интензитет и широчината.
„Знаев дека е нешто лошо, но никогаш не се посомневав дека е толку страшно и распространето“, вели Савчук. Таа раскажува дека троловите имале по неколку профили на социјалните медиуми под различни имиња. Оние во нејзиниот оддел морале да напишат по 160 постови за време на 12-часовната смена. Во некои оддели, вели таа, вработените добивале упатства што да пишуваат, па дури и какви емотикони да употребуваат во дискусиите. Повеќето „тролови“ биле млади луѓе, а привлечени се со релативно високите плати кои се движеле од 800 до 1.000 долари.

Jugend hackt
Повеќето „тролови“ се млади луѓе, а привлечени се со релативно високите платиФотографија: Getty Images/Patrick Lux

Ги вработува фирмата „Интернет рисрч“, која е во сопственост на близок пријател на Путин.

Новинарот Андреј Сошиков од Санкт Петербуг, кој беше меѓу првите кои јавија за постоењето на „трол фабриката“ вели дека околу 400 луѓе работат во зградата. Во последните месеци регистрирал и ново масовно регрутирање на лица од англиското говорно подрачје, во обид да се влијае врз јавното мислење во САД.

Регрутација на десничарите во Србија

Во Србија, троловите се регрутираат преку неколку помали десничарски партии кои се финансирани и политички поддржани од Москва. По убиството на рускиот опозиционер Борис Немцов во Москва во февруари годинава, српските тролови експресно реагираа: „Кој најмногу добива од убиството ако не Америка? Тоа е дело на ЦИА“, беше доминантната мантра во дискусиите на српските интернет-портали. На ваквите ставови се редеа „лајкови“, додека коментарите против Путин добиваа исмејување и негативни реакции.

Symbolbild Partei Einiges Russland
Проруската пропаганда зема голем замав во СрбијаФотографија: Getty Images/AFP/D. Serebryakov

Поголемиот дел од информациите за Русија, Србите ги добиваат од медиумите поддржани од Москва, а „троловите“ само ја зацврстуваат линијата на Кремљ. Резултатот на тоа е широко распространетото гледиште во Србија дека владата во Киев е неонацистичка и дека Путин имал право да го анектира Крим.
„Една од последиците е фактот дека поддршката во јавноста за ЕУ падна под 50 проценти за првпат по демократските промени во Србија во 2000 година“, вели Јелена Милиќ, политички аналитичар во Центарот за евро-атлантски студии во Белград. „Ќе биде многу тешко да се врати јавната поддршка“, дополнува таа.