1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руска забава во Белград

Драгослав Дедовиќ
16 јануари 2019

Србите во Путин гледаат единствена надеж, на Косово на крајот да биде барем нерешено. А Владимир Владимирович се обидува за Русија под санкции посилно да ја врзе единствената преостаната русофилна земја во регионот.

https://p.dw.com/p/3BdGX
Russland Wladimir Putin und Aleksandar Vucic Serbien
Фотографија: picture-alliance/dpa/Sputnik/M. Klimentyev

Таблоидите ги бројат Путиновите специјалци кои доаѓаат во земјата за да го чуваат претседателот од непослушните припадници на братскиот народ. 250 од нив, во споредба со 7.000 српски полицајци. Дежурните воено-естрадни аналитичари ја забавуваат масата со пикантерии од руската воена кујна. Во четврток, градот ќе биде мртов за сообраќај, многу повеќе мртов отколку за време на протестите.

Не смее да се заборави ниту на орденот за Вучиќ - тоа го знаете, Пашиќ па Вучиќ. Орденот ги буди русофилните сеќавања на Европеецот Вучиќ на радикалот Вучиќ. Како? Па убаво, еден од заслужните добитници на орденот е и Владимир Жириновски, големоруската верзија на Војислав Шешељ. Него младиот Вучиќ заедно со неговите ментори Воја и Тома го пречека во Белград во 1995 година. И сега тој е на истата листа со човекот со кого споделуваше агресивни настапи и милитантни вредности. Добро, на листата на одликувани светски лидери е и Лукашенко, а тој повеќе наликува на Мило Ѓукановиќ. За волја на вистината, и Вучиќ  ја води и партијата и државата авторитарно и слично како Мило. Претседателот е исклучително среќен поради ова одликување, па затоа е подобро да не го чепкаат. Сите во Србија здивнуваат кога тој е среќен, барем во моментите на среќа пред камерите, не влегува во кавга со отсутните противници.

Невладини владини организации

Владимир Владимирович може со мирна душа да тргне во прошетка до храмот Свети Сава. За волја на вистината, таму сѐ уште чади катранот на платото пред храмот, но тоа со нозе ќе го истапкаат обожавателите на ликот и делото на Путин. Истите оние кои во големо мнозинство се поклопуваат со обожавателите на ликот и делото на Вучиќ.

Putin Bar in Novi Sad Serbien
Фотографија: Reuters/Marko Djurica

Партијата на Вучиќ, инаку, тврди дека нема ништо со организацијата на најавената масовна русофилска прошетка од палатата Албанија до храмот. Тоа наводно го организираат некои граѓани, здружени во невладини организации. Вучиќ се труди дочекот да го претстави како општонародно славје. Од друга страна, на некој ќе му излета и зборот „контрамитинг“. Колку да се знае - вие имате свирчиња, ние го имаме Путин! Така саканиот гостин од Русија станува и партиски пријател. На интернет се нагаѓа дали дневницата од Напредната партија за одење во Белград и мавтање со руски знамиња изнесува 1500 динари, или, како што напиша еден шегобиец, 5 литри млеко.

Повеќе:

-Србија се надева дека Путин и Трамп ќе го пресечат косовскиот јазол

-На две столчиња, додека се може

Што уште успеавме да дознаеме? Од претседателот на Србија лично - дека Путин ги бакнал поклонетите српски икони и оти одлично свири клавир. Вучиќ си даде себеси малку оддишка откривајќи приватни детали од своите подмосковски вечери. Оној кому Путин му свири клавир и чија икона ја бакнал - тој секако е руски човек. Европски, а руски. Значи, сакал или не, Путин на Вучиќ му го крева рејтингот кај Србите.

Serbien Russland Wladimir Putin in Belgrad Plakat
Фотографија: DW/I. Petrović

Што добива Путин со овој белградски спектакл? Борис Варга, политиколог и надворешнополитички коментатор вели дека едно минатогодишно истражување на јавното мислење во Русија покажува оти граѓаните на Русија го сметаат Путин одговорен за лошата состојба во државата. „Зошто на Владимир Владимирович му е потребен еден видлив надворешнополитички излет во регион и во држава која не е постсоветска банана република, туку држава кандидат во ЕУ, каде Путин го сакаат, почитуваат и поддржуваат, а тоа е Србија.“

Што носи Путин?

Борис Варга смета дека речиси и не постои конкретен проект со Русија кој на Србија би ѝ донел поголема добивка. „Путин веројатно нема на Србија да и' донесе директни инвестиции, бидејќи и на самата Русија која е во криза и под санкции и' се потребни“, вели тој.

Сепак, ќе биде потпишан 21 договор. Иако, договорите се однесуваат на меѓууниверзитетска соработка, мирно користење на атомска енергија, железница, еден е особено интересен: План за консултација на Министерствата за надворешни работи на Русија и на Србија за 2019/2020 година, кој според наводите на Спутник ќе ги парафира министрите Сергеј Лавров и Ивица Дачиќ. Во тие две години сигурно нема да има воведување на санкции за Русија. Директорот на белградската канцеларија на Фондацијата Хајнрих Бел, Симон Илзе, потсетува на поглавјето 31 кое се однесува на заедничката надворешна политика на Европската унија. Тоа ја обврзува Србија да прифати санкции. Инаку, ништо од членството. „Тоа ќе може само ако се прифатат санкциите кои ги воведе ЕУ по анексијата на Крим.“ Во врска со тоа, Вучиќ во својот карачки стил преку телевизијата Пинк му порачува на Брисел: „Имате повеќе од половина поглавја да ни отворите, а пропишано е дека тоа да биде кога ќе се затвора, така што ни вие сами не знаете кога тоа ќе ни го отворите, а не пак кога тоа ќе ни го затворите.“

Balkan - Konflikt zwischen Kosovo und Serbien - Trump und Putin
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Isakovic

Преведено, тоа значи дека Вучиќ ќе реагира кога ќе мора, а и тоа - кој знае кога. Дотогаш - Каљинка.

Од прашината која често се подига поради воената соработка со Москва не се гледа многу поважната ставка - Евроазиската економска унија која ја предводи Русија ќе биде, доколку се придружи Србија, нов проблем во пристапните преговори со Брисел.