Дали Финска ќе се приклучи на НАТО?
30 март 2022Која линија нема да ја премине Кремљ? Никој веќе не знае, дури ни во земја како Финска, која има големо искуство во препознавање на сигналите од Русија.
Источната граница на Финска, која се протега на 1.300 километри, е најдолгата граница на Европската Унија со Русија. Меѓу земјите владее мир од крајот на Втората светска војна. Но, сега кога Русија - без провокација - нападна друг суверен сосед, Финците не ја сфаќаат својата ситуација здраво за готово.
Но, на Ваалима, контролниот пункт најблиску до Хелсинки, капетанот Јуси Пекала вели дека засега работите се нормални, по минатомесечната инвазија на Украина, со исклучок на релативно мал број Украинци и Руси кои сакаат да побегнат од конфликтот.
Ситуацијата внимателно се следи
„Се разбира, ние сме спремни и се подготвуваме за различни ситуации“, вели тој за ДВ. „Не би рекол дека тоа е 'состојба на готовност', но ако сте на која било граница, ова е прво место на коешто ќе ги забележите сите промени коишто се случуваат во околината“.
Промената на ситуацијата би била крајно недобредојдена за Финска, која со децении работеше на одржување на својата деликатна геостратешка рамнотежа надвор од кој било воен сојуз, внимателно одржувајќи ги и цивилните односи со Москва и добро опремената, високо обучена војска.
Досега, Финците сметаа дека не им е потребна меѓусебната одбранбена гаранција на сојузниците во НАТО, при што мнозинството од населението постојано отфрлаше каков било предлог за барање членство.
Тоа беше се до 24 февруари - кога Русија ја нападна Украина.
Ненадејно, но не изненадувачки
Одеднаш, според анкетата нарачана од националниот радиодифузер YLE, 53% од испитаниците се изјасниле дека сакаат да влезат во НАТО. Овој месец, таа бројка се искачи уште повисоко - на 62%.
Финскиот министер за одбрана Анти Кајконен рече дека иако порастот на поддршката за НАТО е „огромен“, причините се јасни. „Луѓето мислеа дека ќе живееме во мир во 2020-тите, но сега имаме војна среде Европа, не толку далеку од Финска“, изјави тој за ДВ по состанокот во седиштето на НАТО во Брисел на почетокот на овој месец, на кој беа поканети заедно со шведскиот колега.
Кајконен објасни дека владата во април ќе му достави на парламентот ажурирана оценка за променетата безбедносна ситуација во земјата, ставајќи ја цврсто на маса дебатата за НАТО. Многумина веруваат дека по следната јавна и парламентарна дебата, Финска ќе побара членство.
Спомените на Зимската војна носат ново студенило
За Финците, преиспитувањето на ризиците за нивната независност не се однесува само на иднината; се работи и за минатото. Советскиот Сојуз ја нападна Финска во 1939 година. Во Зимската војна, како и сега во Украина, Москва го оправда нападот велејќи дека Финска го испровоцирала. Финците ја задржаа својата независност по огромна цена на живот, територија и благосостојба, борејќи се практично сами.
Оттогаш тие се подготвуваа за слична ситуација, доколку биде потребно. Во својот пристап за „цело општество“ кон националната безбедност, земјата го обучува целото возрасно население да биде подготвено за секоја вонредна ситуација, предизвикана од природата, индустриски несреќи или соседи кои ги атакуваат границите.
Финските резервисти во врвна форма
Во Вантаа, предградие на Хелсинки, воените резервисти работат на одржување на нивната стрелачка способност во врвна форма. Последниот месец, има повеќе членови кои засилено вежбаат, има драматичен пораст и на уписите на часовите за самоодбрана од страна на граѓаните и на обуката за воените резервисти.
Анти Кетунен, претседател на клубот на резервисти Вантаа, рече дека во првите две недели по руската инвазија, списокот на групата пораснал за 20%, што е повеќе од 250 членови. „Ние досега не сме виделе такво нешто“, рече тој.
„Ситуацијата во Украина покажува дека сè е можно. Мора да бидете подготвени“, рече Мина Ненонен, шеф на Здружението на финските резервисти. „Но, тоа не е паника“, објасни таа. „Луѓето само сакаат да преживеат. И сега е време да се научи тоа“.
Заканите од Москва
Но, барањето дополнителна заштита што би ја обезбедила клаузулата за заемна одбрана на НАТО- членот 5 носи свои ризици, кои историски беа дел причините кои што ја одвраќаа Финска да бара членство. Сега, постојано, Москва експлицитно се заканува со „сериозни политички и воени последици“ доколку земјата продолжи да аплицира.
Министерот за одбрана Кајконен вели дека Хелсинки е свесен за пораката на Кремљ. „Ќе има некаква реакција од Русија“, вели тој, но каква ќе биде таа на дело е невозможно да се каже.
Со оглед на неизвесноста, парламентарниот советник Анри Ванханен вели дека „сега или никогаш“ е време за апликација во НАТО.
„Ако не се приклучиме, тогаш треба да го најдеме образложението“, објасни тој. „Кој е столбот за нашата безбедност во иднина? Дали нашата блиска меѓународна одбранбена соработка со ЕУ би била доволна? Не знаеме“.
Ванханен верува дека тоа би било добар потег и за Алијансата. „Ние не сме потрошувачи на безбедноста“, рече тој. Со добро одржуваната војска на Финска, целосна интероперабилност на НАТО и клучна регионална локација, „ние сме всушност безбедносни производители“.
Барање изговори?
Но, без оглед на брзината со која се развива домашната дебата, Русија сепак веројатно е чекор понапред, рече Хана Смит, директорка за истражување и анализа во Европскиот центар за извонредност за спротивставување на хибридните закани. Смит укажува на твит од 16 март од руската амбасада во Хелсинки.
„Почитувани сонародници! - стои во твитот на руски. „Ве молиме, пријавете во конзуларното одделение на амбасадата за случаи на прекршување на правата, дискриминација и поттикнување омраза кон граѓаните на Руската Федерација и оние чиј мајчин јазик им е рускиот“.
Таа потсетува дека Путин тврдел оти руските говорници биле малтретирани во Украина и дека тој треба да интервенира за да ги „заштити“. „Дури и да знаете дека ова е погрешно, [дека] ова е тестирање, тоа на некој начин го буди стравот“, рече таа за ДВ.
Иако Финците се добро опремени да се справат со информациската војна, Смит укажува на предизвиците кои што допрва може да претстојат.
Судбината на Украина и покажа на нацијата, рече таа, дека „ова е сериозно, ова е реално и може да и се случи дури и на Финска“. Смит смета дека тоа на крајот ќе ја поттикне земјата за влез во НАТО.
„Ако има нова Железна завеса што доаѓа во Европа“, рече таа, „тогаш Финците се надеваат дека ќе бидат на западната страна на таа завеса“.