1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руската империја го возвраќа ударот

Константин Егерт
1 март 2019

САД точно проценија дека рускиот претседател почитува само сила. Но по американските сајбер напади врз руски цели, Владимир Путин сигурно ќе возврати, смета Константин Егерт.

https://p.dw.com/p/3EHb4
Russland Karikatur zum Thema Russische Hacker in den USA

Според Вашингтон Пост, неодамна формираната Армиска Сајбер Команда на САД комплетно го блокирала интернет сервисот на Агенцијата за Интернет Истражувања во Санкт Петербург- подобра позната како трол фабрика на Кремљ, за време на одржувањето на изборите во САД во ноември минатата година.
Руската агенција е финансирана од Јевгениј Пригожин, милијардер кој се верува дека е близок до Владимир Путин. За него уште се смета дека е главен поддржувач на руските платеници во источна Украина, Сирија и Африка.

Агенцијата - за која се смета дека стои зад руското мешање во претседателските избори во САД во 2016 година како и за серија други непријателски упади во сајбер-просторот на Западот- била целосно блокирана што предизвикало збунетост и паника кај нејзиниот менаџмент.
Американските сајбер експерти наводно успеале да ги хакираат личните мејлови и сервиси за пораки на нивните колеги од руската воена разузнавачка сајбер служба. Тие им испратиле пораки кои не оставиле простор за сомнеж кај Русите: Знаеме кои сте и ве набљудуваме.

Путин долго сметаше дека Западот не е толку слаб, колку што е дефанзивен. И секогаш успеваше да биде чекор понапред - од Грузија во 2008 година, Украина во 2014, во Сирија во 2015 и во САД во 2016. Доколку извештајот на Вашингтон Пост е точен, тогаш Белата Куќа одлучила да го изненади Кремљ и да го зададе првиот удар. Тоа сигурно го натерало Путин да размисли за својата стратегија.

Но, не очекувајте дека тој ќе се повлече. Идејата за тактичко повлекување ретко, доколку воопшто некогаш, му паѓа на ум. Тоа за него е покажување слабост. Путин го гледа светот на многу персонализиран начин. Тој ќе го смета публицитетот кој му беше даден на нападот за намерно омаловажување од Вашингтон.
Но тоа не значи дека тој ќе им нареди на своите сајбер трупи веднаш да возвратат во САД. Рускиот моќник сака да води ткн. асиметрични битки во кои тој никогаш не реагира експресно и никогаш на ист начин.

von Eggert Konstantin Kommentarbild App
Константин Егерт

Целите на Владимир Путин

Клучна цел би можеле да бидат претседателските избори во Украина на 31 март. Предизвикувањето хаос во државата во која веќе изврши инвазија ќе биде полесно отколку тоа да го стори во САД. Помага и тоа што капацитетот на Украина да се одбрани е далеку помал од оној на САД. Очекувајте провокативни лажни вести кои ќе целат кон банкарскиот сектор и системите за одржување.

Број два на листата: Претстојните избори за Европскиот парламент. Иако евроскептиците бележат релативен пад, Кремљ ќе продолжи да ги поддржува нив, исто како и многу помалку познати, но сигурни, левичари. Целта на Путин е да има Европски парламент кој ќе ги продлабочи постојните поделби во ЕУ.
И на крајот тука е и Велика Британија. Промовирањето на Лабуристите на Џереми Корбин сигурно ќе биде на агендата затоа што неговите анти-НАТО погледи и подготвеноста да ги слуша официјалните руски аргументи го прават најпосакуван кандидат на Москва за влез во Даунинг Стрит 10.
Путин исто така би можел да одлучи да ја тестира сигурноста на инфраструктурата на НАТО на неговото источно крило и во Балтичките земји. Од некоја причина, Москва смета дека тоа е слабата точка на Алијансата каде заканата нема да чини премногу.

Пари, убиства и идната сајбер војна

Конечно, самите САД. Американскиот Конгрес наскоро ќе одобри широки нови санкции против Русија. Меѓу предложените мерки две се директно насочени против Путин.

Прво, Конгресот сака американските служби јавно да објават сѐ што знаат за личното богатство на рускиот претседател. Второ, сакаат да покренат американска истрага за убиството на Борис Немцов, еден од најострите опоненти на Путин. Иако наводните убијци беа откриени и осудени, имињата на оние кои го наредија атентатот никогаш не беа откриени.

Иако се мали шансите дека ФБИ и ЦИА ќе ја откријат целосната вистина, самото отворање на случајот е фактички директно обвинување на Путин дека бил вмешан во убиството.
Во двата случаи, Путин ќе смисли одговор. Очигледна цел ќе бидат изборите на претседателските кандидати во двете американски политички партии. Тешко е да се замисли дека путинова Русија нема „да земе учество“ во претседателските избори во САД следната година. Првата сајбер војна тукушто почнува.