Руски вирални видеа ги врбуваат гласачите
3 март 2018Средовечна брачка двојка во спалната соба. Таа вели дека го наместила часовникот да ја разбуди во девет утрото. Тој: „Супер, а сега исклучи го, утре е недела.“
„Но, имаме работа, мораме да гласаме“, одговара жената. А мажот, пред да заспие: „Види ја ти неа, ќе оди да гласа. Како без твојот глас да нема да успее.“
Потоа следува некој вид руски ноќен кошмар. На вратата ѕвони офицер кој на збунетиот маж, чија улога ја толкува познат актер, му врачува повик за војска. „Но, јас имам 52 години“, протестира овој. „Новиот претседател ја подигна старосната граница за задолжително служење војска на 60 години“, вели офицерот. Во негова придружба е еден црнец, па пораката е јасна: во земјата раководена од „новиот претседател“ и мигрантите смеат да служат војска.
Во кујната човекот наоѓа исклучително карикиран хомосексуалец. Според новите закони, му објаснува жената, граѓаните мораат да ги вдомат хомосексуалците кои немаат партнери. Се случуваат и други хорори, а на крајот мажот се буди од непријатниот сон: „Станувај“, ѝ вели на жената и ја вика итно да одат на избори. „Инаку ќе биде предоцна“, додава тој.
Навални повикува на бојкот
Триминутното видео стана вирално на социјалните мрежи во Русија. Се слушаат пофалби за креативноста и критики поради хомофобијата. Нејасно е на прв поглед кој е автор на видеото, иако изгледа професионално направено и со јасна порака: одете на гласање! Претседателските избори се одржуваат на 18. март, а една од грижите во Москва е можната слаба излезност.
На парламентарните избори во 2016. година одгласот на гласачите падна драматично, на 48 проценти. Првенствено слаб беше интересот во милионската метропола Москва, каде гласаа само 35 проценти од бирачите.
Повеќе на темата:
Претседателски избори во Русија: Путин и седумте џуџиња
Путин останува, остануваат и тензиите со Запад
Бидејќи претседателските избори ветуваат уште помала неизвесност- победата на Владимир Путин како да е однапред зацртана, во март годинава би можело да биде уште полошо. Затоа многумина кампањата со виралните видеа ја толкуваат како намера да се поттикне излезноста и да се придонесе во убедливата победа на актуелниот претседател.
Освен тоа, најпознатиот опозиционер во земјата, 41-годишниот Алексеј Навални, повикува на бојкот на изборите. Навални сакаше да се кандидира, но не му беше дозволено, зашто во процесот за наводни злоупотреби во едно претпријатие беше осуден на условна казна затвор. Тој тврди дека процесот е политички мотивиран.
Кој е вистински возрасен?
Приврзеници на Навални се главно млади Руси. Нивниот канал за комуницирање се социјалните мрежи, но се појавија и во „аналогниот свет“. Посебно бројни младите беа на уличните протести минатата година. Можно е токму тие млади да се целна група за виралните видеа. Зашто, кај нив излезноста на изборите е најмала.
„Кремљ сака да ги мотивира луѓето да гласаат не затоа што се плаши од пораз, нема кој да му нанесе пораз, туку се плаши од раскринкување на митот за широка поддршка кон Путин во случај на ниска излезност“, пишува рускиот аналитичар Константин Егерт.
Едно друго видео кое се појави покажува млада бремена жена која во такси возило доживува брзо и лудо возење. Но, таа не брза во породилиште, туку - на гласачко место.
Или трето видео, млада брачна двојка во излив на нежност. Пред да стане конкретно, девојката го прашува момчето дали е полнолетно. „Секако, веќе сум возрасен.“ Но, кога младата дама дознава дека нејзиниот партнер не бил да гласа, заминува и вели: „Ти не си возрасен.“ Ова видео е прегледано стотици илјади пати, а го потпишува продукциската куќа РОСВИДЕО, во чии постојани муштерии спаѓаат Гаспром и руските министерства.