Руски воен конвој пред Киев, се очекува офанзива
1 март 2022На сателитските снимки кои датираат од вчера (28.02) се гледа конвој кој се „протега од околината на аеродромот Антонов (оддалечен околу 25 километри од центарот на Киев) на југ сѐ до околината на Прибирск“ на север, соопшти американската компанија која е специјализирана за сателитски снимки со висока резолуција Maxar. Снимките покажуваат десетици возила наредени на патиштата во украинската внатрешност, од кои дел се „многу оддалечени едни од други“, соопшти Maxar. Други возила, пак, се групирани „по две и по три“. На дел од снимките се гледа чад од објекти. Американската компанија објави и слики кои, како што се вели, прикажуваат ново разместување на воени хеликоптери и возила во Белорусија, на помалку од 30 километри оддалеченост од украинската граница.
Генералштабот предупредува од офанзива
Од почетокот на руската инвазија во четвртокот (24.02), украинските сили, според сопствени наводи, одбиле неколку напади на руските сили врз Киев. Поголеми борби имаше околу аеродромот Антонов. Според западни воени претставници, отпорот на Украинците го „забавило“ рускиот напад. Меѓутоа, Русија носи сѐ повеќе сили околу поголемите градови во земјата и, според украински наводи, ги гаѓа со ракети.
Вчера главната руска колона напреднала „околу пет километри“ во насока на Киев и сега е на оддалеченост од „околу 25 километри“ од градот, наведува висок претставник на американското Министерство за одбрана. Генералштабот на украинската армија на Фејсбук напиша дека руските воени сили се прегрупирале во последните 24 часа и натрупале оклопни возила и артилериско оружје „пред сѐ за да го опколат и да го стават под контрола Киев и други големи градови “ во земјата.
Сирени во Киев
Украинските власти, освен тоа, јавуваат и за голема експлозија во вториот по големина град во Украина, Харков, при што загинале најмалку 11 луѓе. Насекаде во градот може да се видат руски тенкови и оклопни возила, го цитираат украинските медиуми градоначалникот на Харков, Игор Терехов. Агенцијата Укринформ јави дека руската армија кренала во воздух и електрична потстаница, поради што имало проблеми со снадбувањето со струја и вода. Агенцијата Униан јави дека се уништени горните катови на две висококатници. Ваквите информации не може да сецпотврдат од независни извори.
Експлозии вчеравечер (28.02) имало и во Киев, јавуваат новинари кои се во градот. Вклучени биле и сирените за предупредување. Во Киев многу луѓе се подготвуваат за нов руски напад и прават барикади на улиците. Руската армија, како што се вели, побарала од населението да го напушти градот преку еден автопат.
И Украина јавува за воени успеси
Во многу места во Украина се влошува хуманитарната состојба. Пред продавниците за храна има долги редици. Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчеравечер најави дека ќе се работи на повторно воспоставување на прекинатите ланци за снабдување.
- повеќе: Првата рунда преговори меѓу Украина и Русија без резултат, бомбите врз Киев и натаму паѓаат
Во меѓувреме, како што тврдат украински извори, градот Мариупол, на југот на земјата, е повторно под контрола на украинската армија. По воздушен напад, градот во регионот Доњецк е речиси сосема без електрична енергија, јави украинската државна Служба за информирање, повикувајќи се на информации од градоначалникот. Прекини има и на мобилната телефонска мрежа и интернетот. Украинската воена авијација тврди и дека соборила повеќе руски борбени авиони и еден хеликоптер. Авионите биле погодени во текот на воздушните напади врз Василкив и Бровари, во околината на Киев.
- повеќе: Давид против Голијат: Зошто планот на Путин во Украина засега пропаѓа?
Обединетите нации вчера соопштија дека во Украина загинале 102, а повредени биле 304 цивили, но, како што се наведува, вистинските бројки најверојатно се „значително“ повисоки. Украинската влада во меѓувреме соопшти дека од почетокот на руската инвазија загинале 352 цивили, а повредени се 2040 повредени луѓе.