Руски противудар за медиумите од САД
5 декември 2017Русија прогласи девет американски медиумски куќи, вклучувајќи ги Глас на Америка и Радио Либерти, за странски агенти. Новиот закон, според кој странски медиуми можат да бидат прогласени за странски агенти, е усвоен во рускиот парламент минатиот месец. Објавувањето на регистерот доаѓа во момент на зголемени тензии меѓу Вашингтон и Москва поради државните медиуми. Според законот, девет медиумски организации кои се наоѓаат на списокот на руското министерство за правда ќе мораат своето емитување да го означат како работа на „странски агенти“ и да ги откријат своите извори на финансирање.
Повеќе на оваа тема:
- Русија со заострени мерки против странските новинари
-Руската Дума со нов закон за медиумите
- САД: Први обвиненија за аферата со Русија и изборите
Американската влада ги финансира Глас на Америка и Радио Слободна Европа (Радио Либерти). Уште 7 други медиумски куќи кои се поврзани со нив исто така ќе мораат да се регистрираат како странски агенти.
Списокот на овие 9 медиуми вклучува веб-страници, радио и телевизиски станици со кои управуваат овие два радиодифузера и чија програма се емитува во Северен Кавказ и на Крим. Некои од нивните програми се на татарски и башкирски јазик. Статусот на странски медиум може да добие секој медиум кој се финансира или има средства во странство.
Советот на Руската Федерација вчера предложи на американските новинари да им се укинат акредитациите за влез во парламентот, а за таа мерка ќе се решава во наредните денови. Портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, изјави оти новите мерки се одговор на, како што наведе, нападот врз Раша Тудеј (РТ) во САД. Таа наведе дека нејзиното министерство нема да ги укине акредитациите за странските новинари за да не ги попречува во работењето.
Овој потег е одговор на наредбата на американското Министерство за правда - руските медиуми РТ и Спутник да бидат регистрирани како странски агенти во САД. Американските разузнавачки ангенции ја обвинија РТ за учество во кампањата за руско мешање во минатогодишните американски претседателски избори, додека оваа медиумска куќа ги негира тие обвинувања.