1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Руски управник: Херсон нема да се врати на Украина

ЕМФ | агенции
28 април 2022

Додека во Херсон се слушаат експлозии, рускиот управник на регионот, Кирил Стремоусов тврди дека Херсон нема да се врати во Украина.

https://p.dw.com/p/4AY6A
Ukraine Proteste gegen die russiche Invasion in Cherson
Херсон, 5.03.2022 - протести против руската инвазијаФотографија: Yanis Obarchuk

Руските трупи продолжуваат со напади во јужна и источна Украина, освојувајќи територии во регионот Донбас. Напаѓачите направија мал напредок во правец на Рубишне благодарение на речиси постојаното гранатирање, изјави украинскиот гувернер на областа Луганск, Серхиј Хајдаи. Украинските војници, додава тој, возвраќале и се повлекувале само кога немало што да се брани, бидејќи сѐ било уништено од бомби. Претставници на западни влади, повикувајќи се на разузнавачки информации, велат дека руските војници напредуваат бавно и дека зазеле некои села и мали градови јужно од Исјум и околу Рубишне.

Херсон: Експлозии во близина на телевизиската кула

Од Херсон, кој неколку недели е во рацете на руските сили, доаѓаат информации за експлозии недалеку од телевизиската кула. Според украински медиуми, избил и пожар.

Украинскиот онлајн-весник „Украинска правда“ пишува дека поради ракетните напади е прекинат преносот на руските телевизии. Руската државна агенција Риа Новости јави дека емитувањето на програмата подоцна повторно продолжило. Според агенцијата, руските телевизии од минатата недела известуваат од Херсон.

DW Videostill | Leben im besetzten Cherson
Херсон беше окупиран од руските сили на почетокот на мартФотографија: Nick Connolly/DW

Стремоусов тврди дека Херсон нема да се врати во Украина

Агенцијата Риа Новости ги пренесува и изјавите на Кирил Стремоусов, кој е дел од управата на регионот поставена од страна на Русија и кој зборува за иднината на Херсон: „Враќање на регионот Херсон во нацистичка Украина е исклучено“, вели Стремоусов. Москва тврди дека во украинското раководство доминираат „нацисти“, за што нема докази.

Според Стремоусов, во Херсон нема да има референдум за статусот на регионот. Владата во Киев предупреди дека Русија во регионот Херсон планира референдум за независност по урнек на сепаратистичките региони Доњецк и Луганск.

Русија го има окупирано регионот Херсон од пред неколку недели. Во истоимениот град Херсон постојано има протести против окупаторските трупи. Управата на Херсон верна на Москва најави дека од први мај во регионот ќе ја воведе рубљата како платежно средство. Во преодниот период од четири месеци во оптек ќе биде и украинската гривна. Стремоусов е уверен дека регионот потоа ќе доживее „економски процут“.

„Одете си од нашиот град“