1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руските интереси во БиХ

Драган Максимовиќ / ЕМФ22 септември 2016

Претседателот на Република Српска Милорад Додик денеска е во посета на Русија. Какво е руското влијание во БиХ и нејзините интереси во таа земја?

https://p.dw.com/p/1K6ZB
Нафтената рафинерија во БродФотографија: DW/V. Tesija

Во односите на Русија и Босна и Херцеговина досега немаше проблеми, ниту во политичка ниту во економска смисла. Меѓутоа, многумина ќе речат дека тоа е производ на добрите односи на официјална Москва со Република Српска (РС), на што се повикуваат властите во тој ентитет на БиХ. Политичката поддршка на Русија е недвојбена, а тоа е особено видливо од последните одлуки во врска со референдумот, при што Русија не се приклучи кон останатите земји во Советот за имплементација на мирот.

Иако тоа го демантираше повеќепати, многумина веруваат дека денешната (22.09) посета на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, на Русија е поврзана токму со референдумот во РС. „Овој состанок е договорен од порано. Требаше да се дефинира само точното време. Состанокот нема врска со фактот дека се одржува референдумот, тоа е готова работа. За него се направени сите технички подготовки“, рече Додик.

Без оглед на тоа што Колегиумот на Народното собрание на РС вчера не закажа одржување посебна седница, на која евентуално би се зборувало за откажување на одлуката за референдум, многу аналитичари веруваат дека посетата на Додик на Русија ќе биде токму во врска со тоа прашање. Тие велат дека е неспорно оти Русија има геополитички цели на Балканот, но прашање е дали тие интереси ќе бидат поставени над добрите односи со Република Српска.

Руската политика фокусирана на РС

„Во денешно време нема неважни политички партнери, па тоа можеме да го кажеме и за Босна и Херцеговина. Русија има интерес кон БиХ затоа што таа геополитички е интересен јазол. Интересен е за САД, Европа, па зошто не би бил и за Русија? Етнонационално погледнато, би можело да се каже дека руската политика кон БиХ е многу повеќе фокусирана на Република Српска. Меѓутоа, имајќи ги предвид односите во БиХ и нејзината структура и меѓународни стандарди, и официјална Москва би морала да го има предвид тој факт и да ја развива својата политика кон БиХ“, вели новинарот и аналитичар Зекерија Смајиќ.

Во политиката нема пријатели, смета професорот на Филозофскиот факултет во Бања Лука, Миодраг Живановиќ. Односите меѓу БиХ и Русија, односно Русија и Република Српска, се првенствено работа на интерес, вели Живановиќ, наведувајќи дека регионот е толку минорен, што одделни земји немаат што да бараат во преговорите со големите сили.

„Ние сме толку мали, сироти и никакви, што немаме што да бараме со тие големи сили. Ние ретко ќе бидеме интересни за некого. И, ние ги прогонуваме нив, а не тие нас. Едноставно, јас мислам дека не сме во фокусот на интерес. Не само ние, туку целиот Балкан.“

Дека интерес сепак постои, може да се види од рускиот капитал во БиХ. Тука првенствено е нафтениот сектор во Брод, каде Русите влегоа уште во 2007 година. Од друга страна, тука е и присуството на рускиот гигант Газпром, како и мрежата банки во цела БиХ.

Bosnien und Herzegowina Banjaluka - Milorad Dodik Präsident der Republik Srpska
Состанокот нема врска со фактот дека се одржува референдумот, тврди Милорад ДодикФотографија: Klix.ba

Москва не е насочена само кон Бања Лука

„Фактичката состојба всушност покажува дека Москва води пожелна политика кон БиХ. Ако го погледнете нафтениот сектор, ќе видите дека концентрацијата на пумпи на Газпром е најголема во и околу Сараево, а не во Бања Лука. Исто така, ако се погледне банкарскиот сектор, ќе се види дека централата на руските банки за подрачјето на БиХ е во центарот на Сараево, а не во Бања Лука и.т.н. Може да се заклучи дека интенциите и тврдењата дека Москва е насочена само кон Бања Лука се пренагласени. Се разбира, тоа е резултат на посетата на Додик на Москва, додека од друга страна, преставниците на државата на некој начин ја игнорираат Москва, што е недопустливо“, вели Смајиќ.

Во БиХ во моментов престојуваат и руски инспектори кои го контрлираат квалитетот на месото и млечните производи, откако неколку недели претходно утврдија низа неправилности кога станува збор за овошјето и зеленчукот: од непостоење адекватни печати на сертификатите, сѐ до неквалитетни лаборатории за откривање штетни организми за овошјето и зеленчукот. Дали слично ќе биде и во случајот со месото и млекото, ќе се знае за неколку дена, со оглед на тоа што ветеринарите од Русија проверуваат дали стоката со животинско потекло од БиХ заслужува да се најде на нивниот пазар. Поради сето тоа, дел од јавноста смета дека токму ситуацијата во која е загрозен извозот на земјоделски производи од БиХ во Русија, ќе биде една од главните теми на денешната сребда на Додик и Путин.