1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руските „шпиуни“ се вратија дома

Ж.А. /агенции
2 јануари 2017

Руските дипломати, протерани од САД поради наводните хакерски напади, се вратија во Москва. Рускиот претседател Путин се воздржа од реципрочна мерка.

https://p.dw.com/p/2V8dj
USA | Ausweisung russischer Diplomaten nach Cyberattacks
Фотографија: Getty Images/AFP/P. J. Richards

Специјален авион денеска на московскиот аеродром ги врати руските дипломати и нивните семејства, кои од САД беа протерани поради спорот околу хакерските напади, за кои Вашингтон ја обвинува Русија. Рускиот претседател Владимир Путин ги покани децата на руските дипломати на традиционална новогодишна прослава во Кремљ.

Американскиот претседател Барак Обама во четвртокот протера од земјата 35 американски дипломати, кои истовремено работеле и за тајната служба на својата земја, реагирајќи на тој начин на хакерските напади, со кои според него Русија извршила влијание врз изборната кампања за американските претседателски избори, наштетувајќи ѝ на неговата Демократска партија. Москва ги негира обвинувањата. Рускиот претседател Владимир Путин се воздржа од реципрочна мерка по невообичаено острата акција на Обама. Кремљ се надева на подобрување на влошените односи со САД по стапувањето на должноста на идниот американски претседател Доналд Трамп. Трамп пак и во саботата повторно изрази сомнеж во соодветните информации на тајните служби околу сајбер-нападите од Москва. Не е фер подигање вакви обвинувања против Русија сѐ додека постои сомнеж, им изјави тој на новинарите во својата резиденција во Флорида. Оној кој подига толку тешки обвинувања, мора да биде целосно сигурен, истакна Трамп, додавајќи: „Знам многу за хакирањето. Докажувањето во такви случаи е многу тешко. Значи, можно е да бил некој друг. Знам работи кои другите не ги знаат.“ Шин Спајсер, еден од советниците на Трамп, кој се очекува да биде негов портпарол, во интервју во неделата изјави дека американските санкции можеби се претерани, имајќи ги во предвид ефектите врз целокупните односи со Русија. Наспроти тоа, водечки републикански претставници го поддржаа курсот на Барак Обама, барајќи уште построги казни против Москва.

Трамп на 20. јануари ја презема функцијата од Барак Обама. Тој се залага за потесни врски со рускиот претседател Владимир Путин, на што Кремљ повеќекратно изрази задоволство.