С. Македонија во портокалова фаза
24 јуни 2021Северна Македонија до сабота ќе биде зафатена од топлотен бран со температури од портокалова (алертна) фаза. Владата информираше дека на сила е Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението, со кој се предвидува да бидат ослободени од работа бремените жени и лицата над 60 години, како најранливи категории на граѓани.
Понатаму се советува во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикуваат физички активности и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
-повеќе на темата: Не се дише во повеќе македонски градови, прашина од Сахара енормно го загади воздухот
Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран треба да им пружат помош на осамени, стари и изнемоштени лица и бездомници. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на работниците, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Во текот на екстремно топли денови треба да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка. Надлежните препорачуваат да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа и да се користи крема со висок заштитен фактор.
Внимавајте на труење со храна
Потребно е да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна, да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри. На хронично болните лица се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари, советуваат лекарите.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарски производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивна употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање веднаш по подготовката.
Комисијата за следење на ефектите од високите температури при Министерството за здравство соопшти дека во континуитет ја следи состојбата и по потреба ќе предлага мерки и активности за минимизирање на евентуални штетни ефекти од високите температури.
Топлотниот бран и прашина од Сахара енормно го загадија воздухот во Северна Македонија иминатите денови. Граѓаните се жалат дека не може да се дише, а загадувањето особено го чувствуваат во попладневните часови.
Големата концентрација на прашина во воздухот делува неповолно на здравјето на граѓаните. Синоптичарите за ДВ прогнозираат дека ваквата состојба ќе трае до сабота, кога се очекува намалување на температурите и расчистување на воздухот. До тогаш тешко ќе се дише особено во наредните два дена - кога се очекува и најголема концентрација на прашина, проследена со високи температури кои ќе достигнат и над 40 степени.