С. Македонија го затвори воздушниот простор за руски летала
27 февруари 2022Руските авиокомпании повеќе нема да можат да прелетуваат над македонскиот воздушен простор поради агресијата на Москва врз Украина. Македонската влада денеска одлучи да се приклучи на препораките на ЕУ и на земјите членки кои веќе донесоа таква одлука, и да воведе забрана за влез во воздушниот простор на територијата на Северна Македонија за авио компании од Руската Федерација.
Од одлуката се изземени хуманитарните и летовите кои се во случаи на итност.
Во неделата и германските власти најавија дека го затвораат воздушниот простор за руски летови. Забраната ќе важи првично за период од три месеци, при што хуманитарните летови ќе бидат исклучени од правилото. Претходно својот воздушен простор за руски летови веќе го затворија Бугарија, Полска, Чешка, балтичките држави - Летонија, Естонија и Литванија, како и Словенија, а денеска истото го соопштија и Белгија и Холандија.