С. Македонија меѓу првите пет во светот по смртност од Ковид
4 јануари 2021Северна Македонија е петта во светот според смртноста од Ковид-19 на 100,000 жители. Друштво и прават уште четири европски држави.
Од почетокот на пандемијата на коронавирусот до денеска, регистрирани се вкупно 85 милиони и 51,970 случаи на заразени. Од нив, се смета дека најмалку 54 милиони луѓе оздравеле, покажува статистиката на новинската агенција Франс Прес.
-повеќе на темата: Црниот октомвриски бран на починати од Ковид-19 ја смести С. Македонија во светскиот врв
Само вчера, во неделата (3.1.2021) во светот беа регистрирани нови 8,0007 смртни случаи и 579,556 новозаразени. Во апсолутни бројки, држави со најголем број смртни случаи вчера биле САД со 1,532; Русија со 482 и Обединетото Кралство со 454.
Севкупно, најтешко погодени се САД со 351,590 досега регистрирани смртни случаи од вкупно 20,639,854 случаи. Потоа следуваат Бразил, Индија, Мексико и Италија според вкупниот број на смртни случаи.
-повеќе на темата: Коронавирус: Северна Македонија во европскиот и светски врв
Земја со најголема стапка смртност во однос на бројот на населението е Белгија со 170 смртни случаи на 100,000 жители. Следува Словенија со 135, Босна и Херцеговина со 126, Италија со 125 и Северна Македонија со121.
Рекордер по бројот на смртни случаи е европскиот континент со 584,364 досега, а следуваат Латинска Америка со нешто над 500 илјади, САД и Канада со 367,450, Азија со регистрирани 221,176 случаи, Блискиот исток со над 90 илјади, Африка регистрирала 67,251 и Океанија 945 смртни случаи.