САД и Турција на курс на деескалација
16 февруари 2018Според изјавата на шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, на заедничката прес-конференција со неговиот американски колега Рекс Тилерсон во Анкара, Турција и САД сакаат нормализирање на затегнатите билатерални односи. За таа цел, планирана е нивна повторна средба во средината на март.
Тилерсон ги истакна заедничките интереси на двете земји - победа над терористичката милиција Исламска држава, создавање стабилни зони и зачувување на интегритетот и суверенитетот на Сирија. Освен тоа, САД го почитуваат легитимното право на Турција за осигурување на своите граници. Тилерсон истовремено апелираше до Турција да спречи каква било ескалација на ситуацијата.
Повеќе на темата:
Најавата на Ердоган за напад може да заврши неславно
Слободниот пад на „Слободната сириска армија“
Двете НАТО-членки влегоа во длабок спор поради својот воен ангажман во Сирија, каде имаат делумно спротивставени интереси. САД ги поддржуваат воените единици, во кои доминира курдската милиција ИПГ, во борбата против џихадистите од екстремистичката Исламска држава. Турција пак ја смета ИПГ за терористичка група и прави напори да го спречи нејзиното јакнење на границата, за да не му даде дополнителен поттик на курдското движење за автономија во Турција.
Американскиот министер за надворешни работи Тилерсон претходно во Анкара разговараше и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Претставник на Министерството изјави дека разговорот бил продуктивен и отворен. Ердоган ги пренесол недвосмилено очекувањата за американската воена помош на курдските воени единици ИПГ во северна Сирија. Турција одамна инсистира САД да ја прекинат воената поддршка на ИПГ во регионот Африн, каде од неодамна турската војска ја води операцијата „Маслиново гранче“ против курдските борци. Тилерсон го уверил Ердоган дека САД никогаш не лиферувале тешко оружје на ИПГ.