Нови казнени царини против Кина
18 септември 2018Американскиот претседател Доналд Трамп наметна нови вонредни казнени царини од десет проценти за кинескиот увоз во вредност од 200 милијарди американски долари (нешто помалку од 172 милијарди евра). Тие стапуваат во сила наредниот понеделник, објави Белата куќа. Од 2019 година царината ќе се зголеми на 25 отсто.
Посебните издатоци важат, меѓу другото, за апарати за домаќинство, потрошувачка електроника и играчки. Американските увозници стравуваат дека овие производи ќе станат многу поскапи на домашниот пазар. Најновата објава значи дека половина од целиот увоз од Кина сега е изложен на дополнителни давачки во САД.
Повеќе на темата:
-Трговски конфликт: Кина им се заканува на САД со контрамерки
-Трамп го зголемува притисокот врз Кина
-Кина се реваншира за американските царини
Во исто време, претседателот се закани со натамошно заострување доколку Кина реагира со одмазднички мерки против американската индустрија или земјоделството. Во таков случај „веднаш ќе започне фазата три“, која предвидува царини за нови групи на производи во вредност од 267 милијарди долари. Трамп претходно изјави дека има огромна почит кон кинескиот претседател Ши Џинпинг, но трговскиот дефицит на САД едноставно е преголем.
Откако економскиот советник на Трамп, Лари Кадлоу, најави наметнување на дополнителни казнени царини, вчера дојде и првата реакција од Пекинг. Министерството за надворешни работи порача дека Кина ќе биде принудена да „преземе контрамерки за да ги брани своите легитимни права и интереси". „Ескалацијата на трговскиот конфликт“ не му помага на никого, додаде портпарол на министерството.