САД сакаат да го бранат Тајван во спорот со Кина
22 октомври 2021Зборовите на американскиот претседател Џо Бајден се недвосмислени. Тој за Си-Ен-Ен рече дека САД би ја бранеле демократската република во случај на напад од страна на Кина. Според Бајден, американската влада има „обврска“ да го направи тоа. САД не бараат конфликт со Кина, но Пекинг мора да разбере „дека нема да направиме ниту еден чекор назад, дека нема да ги промениме нашите позиции“, рече Бајден.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, реагираше остро. Тајван е дел од внатрешните работи на Кина, во кои никој не смее да се меша. САД би требало да „делуваат и зборуваат внимателно“ и да „не испраќаат какви било погрешни сигнали до независните сили во Тајван“, оцени Ванг. Од кинеска страна се додава и дека никој не би требало да ја потценува одлучноста на Кина за зачувување на територијалниот интегритет.
Тензиите во Тајван во последно време се значително зголемени. Во т.н. „идентификациона зона за воздушна одбрана“ на Тајван навлегоа рекорден број кинески борбени авиони, со цел да ја стават на тест противвоздушната одбрана. Таа зона не е меѓународно дефинирана, туку е еднострано утврдена.
Тајванската влада го поздрави американскиот став. „Откако Бајден ја презеде власта, американската влада континуирано ја демонстрира својата цврста поддршка со практични чекори“, изјави портпарол на претседателката на Тајван, Тсаи Инг-вен.
Повеќе:
Тајван го отфрли повикот од Кина за повторно обединување
Блефот на Кина и Америка околу Тајван
Американската политика кон Тајван се потпира врз Законот за односи со Тајван донесен од страна на Конгресот во 1979 година. Тогаш САД воспоставија дипломатски односи со Кина и мораа да го постават својот однос кон Тајван на неофицијален степен. Во законот САД се обврзуваат да му лиферуваат на Тајван „оружје од дефанзивен вид“. Секој обид „да се определува иднината на Тајван со поинакви, освен со мировни средства“, ќе се гледа како закана за Западниот Пацифик, дефинирано е во законот.
Пред две недели кинескиот претседател Ши Џинпинг го зголеми притисокот врз Тајван, со тоа што побара „повторно обединување“, кое би било најдобро да се изврши по мирен пат. Тој предупреди дека отцепување на Тајван би имало „лош крај“.