САД се опремуваат против ракетите на Ким
26 април 2017Стотици мештани денеска протестираа додека американските војници започнаа да го поставуваат системот за пртоивракетна одбрана, познат како ТХААД, во Јужна Кореја, јавија локалните медиуми. Во текот на ноќта 6 камиони ги пренесуваа деловите од системот, кој се поставува на локација во Сеонгју на југоистокот од земјата.
Јужнокорејското министерство за одбрана потврди дека започнало „разместување во целосен обем“, наведувајќи оти „оваа мерка овојпат има за цел да ги осигура почетните оперативни капацитети со поставување на некои елементи на локацијата“.
Портпаролот на американското Министерство за одбрана во Вашингтон изјави дека САД соработуваат со Јужна Кореја во поставувањето на ТХААД „кога тоа е изводливо“. Населението во Сеонгју, кое е загрижено оти нивниот град би можел да стане цел на севернокорејските ракети, се судри со полицијата за време на демонстрациите против поставувањето на системот, а носеше и транспаренти на кои пишувало: „Не за ТХААД, не за војна“.
САД почнаа со стационирање на системот ТХААД во Јужна Кореја во март, непосредно откако Северна Кореја предводена од властодржецот Ким Јонг Ун, лансираше 4 балистички проектили во Јапонското Море. САД и Јужна Кореја се согласија во минатата година да го постават системот, за кој САД тврдат дека е „исклучиво одбранбен“.
Загриженоста околу севернокорејските ракетни и нуклеарни програми значително се зголеми во последно време. Изолираната земја изведе неуспешно ласнирање на балистички проектил на 16 април, на денот по прославата на 105. роденден на својот покоен основач, и по што ги изведе најголемите вежби со боева муниција во својата историја.