1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Саем во Детроит: Фолксваген се правда, останатите слават

Андреас Ростек/З. Јордановски 11 јануари 2016

Прво стручните посетители и новинари, од 16. јануари и обичната публика ќе види преку 40 премиери. Присутни се сите позначајни производители. Скандалот со издувните гасови фрла сенка врз настапот на Фолксваген.

https://p.dw.com/p/1HbRH
Фотографија: Getty Images/B. Pugliano

Саемот на автомобили во Детроит за автомобилската бранша е нешто како воодушевувањето за Оскарот во филмската бранша. Саеми на автомобили во текот на годината се одржуваат и во Њујорк, Лос Анџелес, Женева и Франкфурт, но Детроит е првиот, со посебен статус - учеството таму е „закон“ и за оние кои се величини, и за тие кои сакаат да бидат.

А за сите големи автомобилски производители - освен, се разбира, за Фолксваген - саемот годинава се одржува во извонредно поволни околности: автомобилите одлично се продаваат, цените на горивата се ниски, кредитите за купување автомобил поволни.

Во САД, вториот по големина пазар за автомобили во светот, лани биле продадени рекордни околу 17,4 милиони возила. Годинава се очекува натамошен пораст за еден процент. На најголемиот пазар, кинескиот, пласманот лани е зголемен за три проценти, а за годинава прогнозите за порастот се движат помеѓу пет и седум проценти.

Големи и силни автомобили во преден план

Новата автомобилска година, барем според она што е изложено во Детроит, ќе биде под знакот на големи и силни автомобили. Ретко кога публиката можела да види толку многу луксузни лимузини, „теренци“ (СУВ) со мотори со 12 цилиндри, пик-ап и возила за забава, колку годинава.

Алфа Ромео, традиционална марка во сопственост на групата Крајслер Фиат, прикажува спортска лимузина со историско име - Џулија (според некогашниот популарен модел на Алфа Ромеа - н.з.) и со мотор од 510 коњски сили!

Во сегментот на автомобили од горна класа, Мерцедес го претставува новиот кабриолет-модел со ознака АМГ С65, со сила од 621 КС! Изложен е и новиот, комплетно нов модел на Е-класата на Мерцедес, кој сигурно намерно значително наликува на скапата нова С-класа.

USA Detroit Autosalon 2016
Фотографија: Reuters/Ford Motor Company

Конкуренција на врвот

Во таканаречениот премиум-сегмент Мерцедес добива силна и бројна конкуренција од американските производители: новиот водечки модел на Кадилак - ЦТ6, кој од лето ќе се продава и во Германија, како и новото издание на Континентал - „иконата“ на производителот Линколн, внатре уредена како луксузна дневна соба.

Шведско-кинескиот луксуз на 4 тркала, моделот С90 на Волво, го карактеризираат нагласена безбедност, речиси аеродинамична линија на каросеријата и “кул“ внатрешност. Волво, кој сега е во кинеска сопственост, остави зад себе тежок период. Во последните пет години во таа марка се инвестирани 11 милијарди долари. С90 сега е своевиден патоказ за идниот развој кај Волво.

Ниските цени на горивата придонесоа за нов бум на големи возила, па во Детроит „теренците“ стојат изложени паралелно со мали автомобили, хибридни или возила на електричен погон. Во САД речиси секое второ продадено возило е СУВ или пик-ап. Во Детроит има и компактни СУВ, како освежениот „Спортаж“ на јужнокорејскиот производител Киа, потоа хибридно издание на СУВ моделот РХ (ер-икс) на Лексус - ширум светот најпродаван модел на луксузната марка на јапонскиот производител Тојота. И, го има и Бентајга - во моментов најголемиот, набрз, најсилен СУВ во светот, со повеќе од 600 КС, со максимална брзина од над 300 километри на час, со просечна потрошувачка од над 13 литри на 100 километри и со цена од (далеку) над 200 000 евра. Но, не е за чудење. оти е во прашање модел на Бентли.

USA Detroit Autosalon 2016
Шефот на Фолксваген, Милер мора да се извинуваФотографија: Reuters/M. Blinch

Случајот Фолксваген

Патем, Бентли, официјален лиферант на британското кралско семејство, од поодамна му припаѓа на концернот Фолксваген. И покрај скандалот со манипулираните издувни гасови, откриен токму во САД, Фолксваген не го пропушти саемот во Детроит. Но, овој пат таму не се толку во фокусот новите модели на германскиот производител, туку напорите на Матијас Милер да ги ограничи настаните штети пред американската јавност и пред своите колеги од автомобилската бранша. Тој недвосмислено се извини за вградувањето манипулирани софтвери во катализаторите, првенствено на дизел-возила. Но, во наредните денови ќе мора да ги увери и американските власти во искреноста на напорите да се поправи настанатата штета, како и во квалитетот на техничкото решение за катализаторите на засегнатите возила, што го предложи концернот на чие чело застана по избивањето на скандалот.

Првите директни штети од скандалот веќе се познати: лани во ноември продажбата на возила на Фолксваген во САД се намали за 25, а во декември за 9 проценти во споредба со истите месеци во 2014. година. Истовремено американските конкуренти забележаа пораст од шест, осум или 13 проценти. Пазарот бележи бум - но не за Фолксваген.