1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Oд строг учител во ЕУ до дарежлив чичко

Кристоф Хаселбах
17 јули 2020

За време на финансиската криза, Германија во Европа наметна цврст курс на штедење. Сега се залага за финансиска помош за партнерите потешко погодени од корона-кризата која ќе се обезбеди преку заедничко задолжување.

https://p.dw.com/p/3fSJ4
Kanzlerin Angela Merkel Europäische Union
Фотографија: picture-alliance/dpa/Belga/T. Roge

Карикатури од Ангела Меркел во нацистичка униформа имаше пред десет години во грчките весници. На врвот на финансиската криза Германците важеа за „камшикари” кои земјите должнички од јужна Европа безмилосно ги научија на буџетска дисциплина. За штедливите северњаци пак, Германија беше спасувачкото сидро за стабилност кое требаше да ја спречи Европа да влезе во вртлогот на бескрајното задолжување.

Денес на истата таа германска канцеларка која тогаш настапуваше како штедлива домаќинка, фондот за обнова по короната не може да и биде доволно голем. Пакетот за помош мора да биде „гломазен”, изјави Меркел во вторникот по разговорот со италијанскиот премиер Џузепе Конте. Италија изгледа ќе биде најголемиот профитер од помошта. Министерот за финансии од редовите на Социјалдемократите, Олаф Шолц, сака во Европа со оглед на економските последици од корона-пандемијата да прати „силни пораки”, меѓу другото и во поглед на финансиските пазари.

На првиот самит на ЕУ по четири месеци кој ќе се одржи денеска и утре и на кој повторно се лично присутни претседателите на држави и влади на земјите членки, ќе се разговара за фонд за помош со волумен од 750 милијарди евра. По предлогот на Европската комисија 500 милијарди евра треба да се слеат како субвенции за најтешко погодените земји од короната, а остатокот да се користи како кредит. 500 милијарди евра како подарок финансиран од заедничко задолжување е идеја која токму Меркел ја разработи заедно со францускиот претседател Макрон во мај годинава.

Короната смени сѐ

Од каде таквата промена на свеста? „Бидејќи кризата е невообичаена, ние бараме и невообичаено решение”. Така канцеларката ја појаснува новата дарежливост. Политичарот на ЦДУ Андреас Јунг за ДВ вели: „Короната ги погоди сите земји во Европа, а некои посебно тешко. Потребна е поддршка од партнерите во итна ситуација. Но, тоа е и во наш личен интерес: силна Германија и силна Европа одат рака под рака.”

Повеќе:

Претседателството со ЕУ како „последна шанса“ на Меркел

Големи очекувања: Може ли Меркел да ја спаси ЕУ?

Казино Ројал: Почнува покерот на ЕУ околу корона-фондот

„Штедливите“ контра Меркел и Макрон

За ЦДУ на Меркел која е ориентирана кон стабилноста како една од клучните вредности, ова беше тешко да се соџвака. Шефот на пратеничката група на Унијата, Ралф Бринкхаус во мај го призна тоа кога Меркел го претстави германско-францускиот предлог. „Сето тоа е голем скок за нашата пратеничка група”.

Но, дури и првиот човек на Либералите Кристијан Линднер денес не е принципиелно против пакетот. Неговата партија за време на финансиската криза беше коалиционен партнер на ЦДУ и уште повеќе од конзервативните притискаше на кочницата кога беа во прашање задолжувањето и трошењето пари. Линднер сепак смета дека е важно „помошта да биде врзана на одредени услови, односно реформски планови”.

Само АфД е принципиелно против

Единствената партија која до денес наоѓа влакно во јајцето, е АФД. Шефицата на пратеничката група, Алис Вајдел, помошта ја гледа како „попуштање на браната”. За германските даночни обврзници тоа ќе било „огромен товар”. Таа не сака да чуе за европска солидарност: „Во ваква ситуација немаме вишок милијарди за подарување оти мора и самите себеси да си помагаме”, рече таа во Бундестагот.

Освен од АФД, критиката од друга страна во најголем дел замре. Баварскиот премиер Маркус Зедер од ЦСУ кого половина од  Германците би сакале да го видат како кандидат на Унијата за иден канцелар, во меѓувреме застана зад плановите. Земјите во ЕУ не треба веќе да се делат за должници и доверители, туку сите повеќе да се гледаат како партнери, изјави тој.

Норберт Валтер-Борјанс, еден од двата претседатели на СПД, уште минатиот месец во партискиот орган на СПД „Напред” појасни дека очекува нов правец од сѐвкупното германско претседателство со ЕУ ова полугодие. „Не ја имаме истата улога како пред 13 години кога во кризата бевме дресерот на Европа, сега треба да бидеме партнер кој ги почитува другите”. Тука спаѓа и посилен финансиски придонес на Германија.

Многумина ги изненади фактот дека тој „дресер” Германија сега е подготвен 500 милијарди евра да подели како субвенции за потешко погодените ЕУ партнери. Но, Меркел инсистира на тоа и покрај отпорот од т.н. „Штедлива четворка” Холандија, Австрија, Шведска и Данска - бидејќи кредити уште повеќе би ја зголемиле должничката стапка на пример на Италија и би ја уништиле тамошната економија. Холандскиот премиер Марк Руте веќе не може да ги разбере Германците. Тој и останатите премиери на „Штедливата четворка” стравуваат дека ќе има расипништво и дека ќе се испратат погрешни сигнали. Андреас Јунг од ЦДУ пак инсистира дека „Без субвенции не може да функционира. За земјите кои и онака се многу задолжени исклучиво понудата на кредити би била камен наместо леб.”

Можен компромис?

Веројатно за некои во ЦДУ на новата репутација како спонзор во меѓувреме е нејасна. Шефот на пратеничката група Бринкхаус еден ден пред самитот, во едно интервју побара, дека паритe мора недвосмислено да бидата целно насочени и поврзани со реформите во покраините. 

Ова целно насочување е еден можен компромис на самитот, кој исто така може да ја смири „Штедливата четворка“. Различни политичари споменаа области кои би можеле целно да се промовираат, како што е животна средина и климатска заштита и дигитализација. Исто така е можно сумата на грантови од 500 милиони евра да биде намалена или да се промени во комбинација од кредити и заеми.

Но, тоа нема да ја промени новата дарежливост на Меркел. На почетокот од месецов таа пред Европскиот парламент при претставувањето на германското претседателство изјави: „Која е посоодветна порака од тоа дека оваа Европа е способна за големи работи ако стоиме еден покрај друг и се држиме заедно.“ Андреас Јунг на прашањето што е се во игра, одовара кратко и отсечно: „Европа. Идејата, вредноста и економијата.“