Само губитници на предизборите во Ајова
4 февруари 2020Експертите зборуваа за дебакл вечерта по гласањето. Имаше значителни проблеми при пребројувањето и објавувањето на резултатите од изборниот собир (кокус) во Ајова - првиот натпревар во предизборите за кампањата за претседателските избори во САД. Во 22 часот по локално време ниту една изборна единица немаше официјални бројки. Пред четири години, до овој момент 90 проценти од изборните единици веќе ги објавија своите резултати. И на полноќ, набљудувачите сè уште чекаа залудно. Демократската партија во Ајова вечерта не даде детални повратни информации зошто процесот толку се одолговлече. Во една изјава нејасно беа спомнати „контролите на квалитетот“ кои го одложиле објавувањето на резултатите. Подоцна се додаваше дека не станува збор за хакерски напад. Барем нешто.
Но, апликацијата со која доброволните претседатели на изборните единици требаше да ги пренесат резултатите во седиштето на партијата во Ајова, не функционираше како што треба. Теоретски, волонтерите можеа да ги пренесат своите бројки и преку телефон. Но, барем еден волонтер пријавил дека бил ставен на чекање повеќе од еден час. Додека телевизијата Си-Ен-Ен известуваше во живо, некој во партиското седиште го прифатил повикот, но потоа го затворил телефонот пред волонтерот да има шанса да ги пријави своите резултати.
Проблемите сериозно влијаат на угледот на изборниот собир (кокус) во Ајова. Она што беше понудено во понеделникот вечерта беше спротивно на професионалната политика. Дебаклот кај набљудувачите го интензивира впечатокот дека во системот има нешто од предминатиот век. Претседателите на изборните единици мора рачно да ги бројат таканаречените „Картички за претпочитан претседател“, кои учесниците ги пополниле откако застанале во аголот на просторијата каде се одржува кокусот, доделен на нивниот кандидат. Дури тогаш волонтерите можат да пресметаат колку од делегатите кои ги одредува нивната изборна единица ќе добие секој кандидат.
Крај на методот на избирачки собир (кокус)?
Во средното училиште Линколн во Де Моин, каде вкупно четири изборни единици ги одржуваа своите кокуси, последниот чекор беше најпроблематичен. Избирачите од една област беа готови за еден час, сите ги предадоа своите картички. Но, на прашањето како петте делегати од нивната изборна единица би биле распределени на Берни Сандерс, Пит Бутиџиг и Елизабет Ворен, еден од организаторите малку иритирано одговори: „Тоа штотуку се обидуваме да го разјасниме “.
Повеќе:
-Може ли жена да го победи Трамп во трката за Белата куќа?
-Поранешниот потпретседател сака да биде претседател на САД
-Што се крие зад аферата Трамп против Бајден и притисокот врз Украина?
Сето тоа за демократите е разочарувачки почеток. Очите на целиот американски печат беа насочени кон Ајова за да видат кој ќе се искристализира како ветувачки предизвикувач на Доналд Трамп од сојузната држава на американскиот среден запад - и тогаш се случи вакво нешто. Некои политички експерти веќе го гледаат крајот на специјалниот статус на Ајова како „прва во нацијата“ трка на предизборите, па дури и крајот на методот на кокус.
Локалните новинари од Де Моин и Седар Рапид, сепак, истакнаа дека критиката е премногу екстремна. Системите за пренесување на резултатите се нови и имало многу кандидати. Според нив, било предвидливо дека ова ќе трае подолго.
Значи, дали е прерано да се објави крајот на системот на кокус? Настанот дефинитивно има одреден шарм. Ретко може да се види толкав ентузијазам за демократскиот процес како оној кај учесниците на кокусот, кои навиваат кога ќе успеат да добијат уште еден поддржувач за „нивниот“ кандидат. Но, методот може да опстане само како куриозитет заборавен од времето, дури и ако функционира. Но ако одложувањата, како вчерашното, доведат до сомнежи за непобитноста на резултатите, кокусот е неодржлив.