1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Aвтопатот ќе изеде 500 милиони евра?!

23 јуни 2017

Само за изградба на шесте „заборавени“ клучки на автопатот Кичево-Охрид ќе бидат потребни дополнителни 30 милиони евра, сума која не е предвидена во првичниот договор со кинеската компанија, велат упатените во надзорот.

https://p.dw.com/p/2fEEh
Mazedonien Autobahnbau zwischen Ohrid und Kicevo
Фотографија: DW/M.Jovanovski

Скандалот со грешките во проектирањето на автопатот Кичево-Охрид, што го откри надзорот врз изведбата на проектот, секој ден добива нови димензии. Податокот дека во проектот било заборавено да се испланираат шест клучки од автопатот кон населени места во околината, отвора нови прашања за „сериозноста и стручноста“ со која бил изработен проектот. Досега нема официјален и аргументиран одговор од надлежните институции како можеле да се се „заборават“ основни позиции во проектираната траса на автопатот. 

Клучките додадени лани

Градежни експерти упатени во рaботите и надзорот околу автопатот, не можат да најдат оправдување за таквиот пропуст.

„Навистина е необјасниво како може да се заборави таков важен сегмент при изградба и на локална патна делница, а камоли на автопат“, велат соговорниците на ДВ. Тие тврдат дека биле дадени забелешки за недостигот од клучки во проектот, но Јавното претпријатие за државни патишта ги игнорирало тие забелешки, сѐ до минатата година, кога конечно биле вметнати во планот.

„Според проценките, за изградбата на шесте клучки ќе бидат потребни дополнителни 30 милиони евра, сума која не е предвидена во првичниот договор со кинеската компанија 'Синохидро' која го гради автопатот“, велат упатените во надзорот на проектот.

Вчера и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарски, изрази изненадување од пропустот со клучките. Тој за проблемот со автопатот идната недела ќе има средба со кинеската амбасадорка, како што рече, „на нејзино барање“. Претходно амбасадорката се сретна и со премиерот Заев.

Minister der neuen mazedonischen Regierung
Како министерот Сугарески ќе го решава проблемот со автопатот?Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Колку ќе порасне цената на еден километар автопат од Кичево до Охрид и дали Македонија ќе ги добие најскапите 50 километри автопат? Одговорот на ова прашање треба да го даде ревизијата на целиот проект, на завршените фази и на преостанатите трошоци. Со тоа ќе се знае дали 30-те милиони евра за клучките влегуваат во првичната проценка на штетите од 100 милиони евра, или таа сума дополнително ќе расте? Агенцијата за патишта првично поцени дека тој проект би требало да чини околу 270 милиони евра, но владата на ВМРО-ДПМНЕ потпиша договор за изградба во вредност од 373 милиони евра. Со трошоците за покривање на грешките од проектот, сега конечната цена на автопатот може да достигне и до 500 милиони евра.

Ревизијата од Министерството за транспорт и врски ќе треба да утврди и колку од објектите што сега се наоѓаат на трасата на автопатот, „израснале“ таму веднаш по потпишувањето на договорот со кинеската компанија за изградба на автопатот, со цел да добијат обесштетување од државата заради нивна дислокација.

Стравот лозјето го чува

Со цел да превенира натамошни штетни договори, Владата на вчерашната седница поништи одлуки потпишани од претходната влада, непосредно пред конституирањето на новата.

Поради „постоење сериозни индиции за злоупотреби на пари на граѓаните“, Владата го задолжила Генералниот секретаријат да ги преземе сите потребни чекори за запирање на постапката за распределба на околу 50 милиони денари (850 илјади евра) од буџетот, наменети за финансирање на здруженија и фондации. Било одлучено да се извести Државниот завод за ревизија да ја преиспита претходната одлука, а доколку постои основа за злоупотреби, да се отвори истрага за обид за ненаменско трошење буџетски пари.

„Со оглед дека постојат сомневања и за злоупотреби при распишаниот тендер од страна на ЕЛЕМ од 34 милиони евра, за набавка на опрема за ископ на јаловина, Владата одлучи да му наложи на Надзорниот одбор на ЕЛЕМ да ја поништи одлуката за распишаната јавна набавка и за тоа да биде известена. Владата го поддржува обезбедувањето сопствена механизација на ЕЛЕМ, наместо долгогодишните користења механизации од надворешни фирми, за што се трошени огромни суми пари на граѓаните, но за конкретниот случај има сериозни индиции за тендерски пропусти и фаворизирања фирми поради што се презема овој чекор“, се вели во соопштението од Владата.