1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Само лидерите нудат оставка

30 мај 2019

Неделите пред нас ќе бидат релативно одлучувачки за иднината на Македонија и квалитативно за судбината на Заев како премиер. Колумна на Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/3JUvj
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Првите сто дена на владеење на било кој владин кабинет се грејс период во кој – доколку нема непростливи скандали – и самата критика, а камо ли барања за оставка од ново-назначениот премиер е рамно на бесрамност, нецивилизираност и простотилак.  Првата година не владеење е пак период во кој барањето оставка е теоретски легитимна, но сепак реал-политички сведена на конструктивно предупредување без озбилна желба и очекување да истата се ефектуира. Втората година на владеење означува политичко полнолетство во кое од премиерот веќе се очекува да биде сосема свесен дека односот кон оставката е тест за созреаноста на еден водач за сопствените постапки и политички последици. Во третата година на своето владеење, Зоран Заев сеуште смета дека е смешно и апсурдно дури и да му се спомне можноста дали некогаш - онака, во некој час на лудост, додека си ги врзува чевлите или се бриче – помислува да си даде оставка. И тоа е проблем.

Наш. Не негов.

Темпирањето на тајмингот за барање оставка од премиер кај нас е сеуште едно од оние мистерии кои немаат точно определен датум за поднесување ниту непишано правило за аргументирање. Временскиот период, погоре опишан, е дополнително оптоварен од магловитоста на криериумите поради кои од еден премиер може да се побара (изнуди) оставка. Некаде таквиот критериум е пропаднат Референдум, некаде е поврзаноста на кабинетот со корупција или непотизам, на трето место е неспособноста за испорака на предизборни ветувања. Некаде пак, како што е кај нас, сеуште се смета како „ајдеее, будалаштина” и самиот обид да во третата година од владеење и при редица скандали некој се осмели да ја спомне благата помисла да од премиерот се побара оставка.  Па нека е тоа и новинар кој – во отсаство на вистинска опозиција во земјата – ќе се осмели да го запраша премиерот дали помислува на таков чин на одговорност.

Mazedonien Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski

Одговорот на Заев исполнет со потсмев и вчудоневиденост кон новинарското прашањето беше единствената дамка во ноќта на партијската чистка во Бихачка. Смената на комплетната постава секако беше потег без преседан во историите на партијските политики од независноста до денес. Ниеден потсмев од ВМРО-ДПМНЕ, ниедна интерпретација на мотивите во позадина, никаква елаборација за техниките на кои е изведена може да ја минимизира тежината и моралноста на таа одлука. Да, чинот на смена на комплетната постава на СДСМ беше морален акт на одговорност и отчетност. Кој на крај беше девалвиран од нејзиниот водач кој очигледно смета дека за него важат некои други правила во кои нема место за преседани. Како што би бил логичниот акт на оставка на Заев (ако не од Премиерското) тогаш од водството на СДСМ п камарадерски солидарно заминување, во чекор со сите ликови кој тој и Шеќеринска ги имаат именувано. Но, ниту Заев е Меркел, ниту Шеќеринска е Анегрет Крамп-Каренбауер.

Други колумни од Арсим Зеколи:

-Оптимистичниот песимизам на реализмот

-Во бомбите сѐ уште има барут

-Света метла во Свети СДСМ

Неспремноста на Заев за давање оставка, било каква оставка (освен ако тоа не му го побара Макрон или Меркел), ги легитимира шпекулациите дека не станува збор за никакво „освестување” на Заев и СДСМ, туку за опортунистичка покорност пред оние кои не бараат, туку ти налагаат давање оставка. Сето друго е едноставно купување време и манипулативно амортизирање на заситеноста и гневот на јавноста од комплетната отуѓеност од реалноста и отчетноста од страна на СДСМ, Владата и Заев. Колку ли само бледо и блуктаво звучат панагириите на „уцвилените” од СДСМ кон оставката на Богоевски Павле и заветите дека со тој акт покажал „дека е подобар од сите нив”. Сенешто! Доколку тоа навистина беше оставка од „висока морална побуда” поради која „повторно ќе се врати уште посилен”, ве уверувам дека досега и Заев и Шеќеринска со сѐ шоферите и келнерите ќе даваа оставки пред камери и на плоштад.

Не, оставката на младиот Павле не е никаков акт на морална или политичка одговорност. За тоа како изгледа оставка од морална и политичка одговорност поупатно е да како пример го земат чинот на Алексис Ципрас во давање оставка и повикување предвремени избори, неполна година пред редовните избори. Секако, и Алексис можеше да се чуди пред микрофони и глуми лудило, да се теши дека нема потреба бидејќи има владеачко мнозинство, дека приоритет е имплементацијата на Преспанскиот, дека има уште реформи за спроведување, дека тоа од него не го бараат ни Меркел ни Макрон, дека ќе го менува комплетно водство на Сириза итн. Зошто тогаш оставката на Ципрас е толку логична, колку што и замислата да се побара оставка од Заев е сеуште толку апсурдна?

Nord-Mazedonien Premierminister Zoran Zaev und sein Gast Alexis Tsipras in Skopje
Фотографија: Imago Images/ZUMA Press

Причините се неколкукратни. Во вистински демократии, партиските членства и пратеници си го избираат лидерот според правилата на играта и приоритетниот интерес на партијата како константа. Во посткомунистичките имитации на демократијата, состојбата е обратна – Заев (исто како и Ахмети, Мицковски) со сопствените кланови и според интересот на меѓународната се наметнуваат како лидери со право и привилегија да си ги избираат сопствените пратеници и сопствените членства. Во вистинските демократии, лидерите ги исполнуваат идеолошките амбиции на партијата. Во имитаторските демократии партиите служат на амбациите на лидерот. Следствено, оставката на Ципрас е чин на одговорност со кој цели да се спаси партијата од понатамошно слабеење, по цена на сопствена елиминација. Од другата страна на границата, јуначењето на Заев на сметка на од избрани и кон него послушните пот-претседатели и комитетџии е испразна демонстрација на отчетност по цена на падот на популарноста на партијата. Заев секако не е првиот кој ја има измислено и практицирано таа технологија на владеење. Изборот на нови потпретседатели и комитетџии ќе докаже дали ќе биде и првиот партиски лидер кој послушноста ќе ја подреди на способноста. Но тоа сепак е прашање кое го засега членството на СДСМ.

Она што не засега сите нас останатите е најавената владина реконструкција и промените кои ќе го детектираат правецот во кој ќе се движат состојбите во државата. За разлика од чистката во СДСМ, колективистичкиот о-рук пристап на комплетна смена на владиниот состав е речиси неизводлив на Илинденска. Одлуката на премиерот кои од министрите треба да се простат од или ја задржат функцијата ќе биде директен индикатор за подземните струења во водството на државата и поделбата на улогите во носење одлуки. Заев може да решава сосема автономно во рамките на партијата, но кога станува збор за Владата тој допрва ќе мора да ја докажува сопствената независност од неговите семејни интереси и клановски ингеренции врз буџетските пари. Посебно во сферата на финансиите, економијата и здравството како сектори од најголем интерес на граѓаните, но и на криминалците, коруптократите и непотистите. Поведенијата на Заев во последните месеци ионака ја навестуваат неговата немоќ да се спротистави на семејните интереси или го сопре подемот на некои стари центри на моќ кои полека го обвиваат неговиот кабинет и него лично. Неговиот избор за паралелно откажување или задржување на одредени имиња од неговиот кабинет ќе бидат индикатори дали Заев ќе се отргне од нивната прегратка или пак се предаде на нивната милост. 

Mazedonien Regierungssitz in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Доколку би суделе според неговиот пристап во односот кон ДУИ, впечатокот е дека шансите за отпор се речиси минискулни. Намерата на Заев да омразената во јавноста ДУИ ја исфрли од игра преку фаворизирање индивидуални ликови од албанската заедница со долг личен или семеен педигре на „безбедносна санитаризација” е најголемата желба на македонците која Али Ахмети ќе сака да им ја исполни на секој можен начин. Неговото молчаливо толерирање на залетувањето на Заев и СДСМ во промоција на таквите „чесни Албанци” е вториот акт на драмолетката „камен по своја глава”, по претходниот чин на широкоградо префрлање на „интегристичкиот отпад” во дворот на Бихаќка. Во таа поделба на улогите, Ахмети со полн мерак ќе му дозволи на Заев пред Албанците да ги идентификува и воздигне токму оние и таквите Албанци кои на експресен и волшебен начин ќе ја воскреснат вратат доскора замрената љубов на албанските гласачи кон ДУИ.     

Неделите пред нас ќе бидат релативно одлучувачки за иднината на Македонија и квалитативно за судбината на Заев како премиер. Каква и да е одлуката од ЕУ за судбината на преговорите, упатно е да укажеме дека ниту минатогодишното безочно лажење од страна на Заев, Османи, Димитров и донесе успех за земјата, ниту пак евентуалните (не)давања препорака подразбираат пораз или победа доколку се подлегне на пониските побуди на манипулација. Неспособноста на оваа администрација да си го најде сопствениот компас на умереност редовно ја фрла во вртолзи направени од сопствените фантазмагории, еуфории и умислености на ефтино интроманство. Да се надеваме дека извесниот негативен одговор за препораката нема да биде искористен од страна на Заев за конструирање на сопствена пост-Букурештанска 2008 на патетично изглумено самосожалување, гнев и пизма. Впрочем, сеќавањата од букурештанскиот груевизам се доволно свежи за да бидат навреме прочитани од јавноста. Дотолку повеќе што новата распределба на сили низ институциите на земјата ја става под голем знак прашалник мудроста на користењето на  популистичкото сценарио Пост-Букурешт - по цена на губење на место под „чадорот”. Кој ионака е веќе  префрлен во нечии други раце.     

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач