1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самостоен Курдистан останува долгорочен проект

Фолкер Вагенер
9 јуни 2017

Ирачките Курди сакаат да основаат своја држава. На 25 септември треба да се одржи референдум за тоа прашање. Патот до држава може да биде долг, оценува Удо Штајнбах во интервју за ДВ.

https://p.dw.com/p/2ePWr
Kurdistan - Erbil: kurdische Flagge
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/K. Dobuszynski

ДВ: Ирачките Курди сакаат да станат независни. Дали е тоа аларм или е логичен следен чекор од автономен Курдистан до сопствена држава?

Удо Штајнбах: На сопствена држава ќе се почека, но тоа е следен чекор до автономен Курдистан - во иднина која треба да биде дефинирана преку сопствена држава. Референдумот сега не може да се одолговлекува. Најавен е одамна и постојано беше одлаган, зашто познато е дека владата во Багдад тоа ќе го сфати како аларм. Значи, притисокот од курдската заедница во северен Ирак е толкав, што референдумот веќе не може да се одлага. Но уште долго ќе се чека до реализација на независноста.

Курдите живеат разделени во четири држави: Турција, Сирија, Иран и Ирак. Какви последици би имала независноста на ирачките Курди за нивните браќа и сестри во другите земји?

Islamforum in Duschanbe Udo Steinbach
Удо ШтајнбахФотографија: DW

Тоа е една од причините зошто референдумот постојано се одлагаше, меѓу другото и од турска страна.Во Анкара воопшто не се среќни поради ваквиот развој на работите. Создавање на курдска држава - доколку до тоа дојде - во Анкара би наишло на голем отпор. Сосема сигурно така ќе биде и во Дамаск и Техеран. Отпорот во Анкара ќе биде особено голем, затоа што во моментов сме сведоци што сѐ прави владата во Турција за да спречи што било што на сириска страна би имало облик на државност. Значи, доколку се оди во насока на државност, не може да се исклучи интервенција.

Како ќе реагира централната влада во Багдад? Таа де факто управува со автономен Курдистан уште од 1992 година?

Да, но не така одамна ирачкиот премиер, господин Абади, беше во Берлин и кога му беше спомната идејата за референдумот, тој рече дека тоа „не е добра идеја“. Претседателот на Курдите, господин Барзани, за тоа би требало уште еднаш да размисли. Значи, отпорот во Багдад на чекор во насока на курдска држава ќе биде огромен.

Професор Удо Штајнбах е германски истражувач на исламот. Тој од 1976 до 2007 раководеше со Германскиот институт за Ориентот во Берлин.