Саркози се враќа на политичката сцена
25 август 2016„Јас сум кандидат.“ Со оваа куса реченица Саркози им стави крај на шпекулациите. Поранешниот француски претседател сака тоа да стане повторно. Со тоа воедно ја заврши и летната пауза и на Французите им прати порака дека тој го одредува дневниот ред во политиката. Моментот на објавување на кандидатурата е внимателно избран, а изборната кампања ќе ја води неговиот партски колега Брис Ортефо.
Во изборната кампања ќе доминираат „силни идеи“, вели Саркози, кои тој веќе ги напиша во својата нова книга „Се’ за Франција“. А во неа е агенда која би можела да потекнува и од Националниот фронт: Укинување на правото на соединување на семејството за странци, превентивно затворање на осомничените за тероризам, отежнување на условите за стекнување француско државјанство. Економијата ретко се појавува во книгата.
Оланд се обидува да го поправи угледот
Кај сегашниот претседател Ооланд сѐ се врти околу бројките. Ни најновиот мал пад на стапката на невработеност на 9,6 отсто во јули годинава не му даде крила на Оланд. Спорната реформа за пазарот на труд според една студија на Еулер Хермес на француската економија ѝ носи раст од само 0,05 насто. Тоа е далеку од вистинска пресвртница.
Затоа и терминот за предизборите кај социјалистите е одреден доцна, за крајот на јануари. Парискиот професор по политикологија Бруно Котре вели дека на социјалистите им недостасува храброст. „Тие ќе чекаат до крајот на подобри економски показатели за Оланд да би можел да каже: ’Гледајте, сепак успеав’.“
Конзервативците ја нагласуваат темата - безбедност
„Тој е подготвен“, вели арогантно за Саркози неговиот близок соработник Ортефо. Во кампањата на републиканците која што сега започнува повеќе внимание ќе се посвети на чувствата отколку на фактите. И Саркози како претседател повеќе вети отколку што исполни, и Саркози уништи неколку политички проекти. „Никој од него не очекува да се промени. Кој ќе го одбере него, го бира Саркози таков каков што е“, нагласува Бруно Котре во разговорот за ДВ.
Соработниците на Саркози зрачат со самоувереност. Состојбата во која се наоѓа Франција не би можела да биде подобра за почеток на изборна кампања: земјата е сѐ уште во шок од најновите терористички напади. Тоа му одговара на Саркози. Негови омилени теми одамна се внатрешната безбедност, суверенитетот, силна држава. Тој сака, вели Котре, на Франција да ѝ објасни зошто ѝ е тој потребен повеќе од кога било порано.
Испитувањата на јавно мислење покажуваат оти тероризмот и невработеноста се најважни причини поради кои Францизите во 2017. година ќе излезат на избори (институтот ИФОП). А според испитувањата на институтот ЕЛАБЕ, 65 насто од Французите сметаат дека владата не прави доволно против тероризмот.
За Оланд би можело да биде непријатно ако неговиот внатрепартиски противник Арно Монтебур се пријави како директен кандидат. А тоа е можно. Арно е поранешен министер во социјалистичката влада, кој припаѓа на левото партиско крило.
Меѓу конзервативците е очигледно оти ќе се води војна помеѓу Саркози и поранешниот премиер Алан Жипе. Партиската база на 20. и 27. ноември ќе одлучи зад кого ќе застане.
Прогнозата е тешка. Жипе не претставува нов ентузијазам, вели Котре. „Во Франција нема скриени желби за враќање на неоголистите, кои шират лоша атмосфера.“ Па сепак е тој еден од ретките кои би можел да победи, сметаат набљудувачите, бидејќи луѓето му веруват. Тоа е неговиот адут. И за тоа Никола Саркози треба да води сметка ако сака да стане претседател.