Сајбер-напад во Бундестагот предизвика големи штети
11 јуни 2015Бундестагот деновиве е кујна на шпекулации. Кој шпионирал, какви информации протекле? Многу нешта се нејасни. Пратениците, како Константин фон Ноц, сметаат дека управата на Бундестагот не ги информира како што треба. Во ходниците се мрмори дека источни тајни служби шпионирале петмина колеги. Политичарите ја загубија сета доверба во мрежата на Бундестагот.
„Сите компјутери мораа да бидат исклучувани повеќе пати. И ние во канцеларијата презедовме мерки на претпазливост, поради тоа што знаеме дека оваа комуникација, поради ситуацијата, веќе не е сигурна.“, вели Фон Ноц.
Тој сега на интернет работи само на својот приватен компјутер. Интерната мрежа на Бундестагот, Парлаком, за него е табу. Тука тројанецот најверојатно се‘ уште е активен. Затоа сега се креваат раце од целата мрежа - ќе се менуваат и хардверот и софтверот. Тоа ќе трае со месеци и ќе проголта двоцифрен милионски износ.