Сведок со адвокат: И „правото“ се претера!
21 август 2019Или Јанева била повикана во својство на осомничено лице штом е придружувана од адвокат или станува збор за тешка импровизација доколку во својство на сведок и бил доволен адвокат. Ова е генерално оценката на повеќе правни експерти со кои разговараше ДВ, откако специјалната јавна обвинителка Катица Јанева вчера заедно со адвокат дојде да дава исказ за случајот „Рекет“ во Основното јавно Обвинителство за гонење криминал.
На прашањето до Обвинителството - во какво својство е повикана Јанева, кусо ни одговорија: „Во својство на лице од кое се бараат потребни известувања“, но без одговор дали овој „опис" подразбира и право на адвокат.
Сведок или осомничено лице?
Според правниците со кои разговаравме, ова е широк опис на статус на сведок, но за сите кои биле повикувани во такво својство никогаш не била користена оваа долга фраза, туку кратко и јасно - „сведок".
„Сведок по дефиниција не смее да биде придружуван од адвокат. Сведокот треба да ги раскаже и опише настаните така како што тој ги видел и доживеал, а не некој друг да му влијае дали и како да го каже тоа во исказот. На ниеден сведок не му се дозволува адвокат. Затоа, ова е ‘малку многу'. Значи, или не се зборувала вистината во однос на својството во кое е повикана Јанева, или се работи за импровизација. Ако лицето во нејзина придружба не е полномошник, не е бранител и не е технички советник, тогаш во какво својство е? Интересно е да се види како ќе биде декларирано присуството на тоа лице во записникот“, вели скопски адвокат.
Наводното право на Јанева да користи „правен консултант“ во улога на сведок, нашите соговорници го сметаат за смешно образложение, бидејќи Законот за кривична постапка не предвидува такво нешто. Според нив, дури и ако може да се разбере дека на некое правно неедуцирано лице му треба правен консултант, срамно е тоа да го бара шеф на Обвинителство, кому правото треба да му е најсилната страна.
Повеќе:
-Шпигел: Катица Јанева- од симбол на правда до вмешана во „Рекет“
-Базните станици може да откријат каде стигнала торбата од „Рекет“
-„Рекет“: Двете лица на дистанцирањето од Јанева
За втор спорен аспект го сметаат фактот што адвокатот Стеван Павлевски кој ја придружуваше Јанева е бранител на еден од осомничените од СЈО во предметот „Империја“ - бизнисменот Цветан Панделевски.
„На ова морало да се реагира, имајќи предвид дека Јанева се уште е специјална обвинителка. Дали таа може да има влијание во ‘Империја'? Дали може да биде поблагонаклона? Да. Затоа некој во Обвинителството морал да реагира на ова“, велат нашите соговорници, потсетувајќи дека токму предметот „Империја“ е во сржта на сомнежите за „Рекет“.
Со критика за ваквиот конфликт на интереси, вчера прва се огласи адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска.
„Согласно законската дефиниција, под судир на интереси се подразбира состојба во која службеното лице има приватен интерес што влијае или може да влијае врз непристрасното вршење на неговите јавни овластувања или службени должности. Зошто ова ни се случува?", праша Јошевска.
ВМРО-ДПМНЕ: Истрагата е фарса!
Ваквите аспекти ги нотираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која во изминатиов период искажуваше сомнеж во истрагата.
„Како што можете да видите, истрагата за случајот „Рекет“ е една огромна фарса“, рече на вчершната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Пред наши очи гледаме како целосно се распаѓа и девалвира целиот правен систем притиснат од корумпирани политичари и обвинители. Наместо борба против криминалот и корупцијата, сведоци сме како сите инструменти се ставаат во заштита на мафијата. Катица Јанева доаѓа да даде исказ како сведок во присуство на адвокат! И тоа не било кој, туку адвокат на еден од таргетите во случајот ‘Империја', случај кој што е конструиран по истекот на законскиот рок за постапување на СЈО, само и само за да се рекетираат бизнисмените. Нема поголема иронија и нема поголемо потценување на интелигенцијата на граѓаните“, рече Арсовски.
Според партијата, ако Јанева сакала да и помогне на истрагата, ќе дошла сама и ќе кажела се што знае, а за тоа не и треба адвокат.
„Адвокатот и треба само за да се прикријат дупките и за да се има контрола врз се она што ќе каже, бидејќи очигледно Катица Јанева нема сама капацитет да отиде и да даде исказ во обвинителство. Или СЈО го злоупотребува Законот за кривична постапка, или Вилма Русковска. Трето нема! Факт е дека правдата и процедурите не се еднакви за сите. За циркусот да биде целосен, Катица Јанева која е повикана лично како сведок, на сослушувањето доаѓа со службено возило и личен возач, демонстрирајќи сила и моќ. Класична злоупотреба на ресурсите кои ги плаќаат граѓаните", обвини Арсовски.