1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СДСМ не се враќа во парламентот

Б.Георгиевски13 мај 2015

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска при објавувањето на 31. „бомба“ соопшти дека неговата партија ќе се врати во парламентот само по оставката на премиерот Никола Груевски

https://p.dw.com/p/1FPKX
Фотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

СДСМ не се враќа во Собранието, без оглед на оставките на двајцата министри Јанкулоска и Јанакиески и на шефот на тајната служба Сашо Мијалков.

„Ќе се вратиме во Парламентот само по оставката на Никола Груевски за да ги дефинираме чекорите за формирање на преодната влада. Само со негово заминување може да се вратат работите во нормала" изјави Заев.

Заев денеска објави нова серија разговори меѓу владини министри и функционери во рамките на т.н. 31 „бомба“.

Меѓу нив и разговор на премиерот Никола Груевски и, сега веќе бившата, министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска околу набавката на службено возило „Мерцедес“ кое чинело 600 илјади евра.

„Желбата за луксуз на Груевски оди до таму што си порачал луксузен мерцедес со масажери и сите луксузни средства во него, во износ од 600 000 евра, каков што нема во Југоистична Европа.

Мерцедесот е купен од парите на граѓаните, а се планира да се изрежира и како да е купен за потребите на МВР. Со Јанкуловска договараат како да ја наместат оваа јавна набавка, да глумат како да е за МВР“, рече Заев.

Во друга група разговори, Јанкулоска и министерот за здравство Никола Тодоров расправаат за тендери со вештачки подигнати цени, неизведени градежни работи и покрај тоа што биле платени и сл.
Објавени беа и разговори на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и министерот на ДУИ, Муса Џафери во кои наводно, според Заев, се откриваат договори за незаконско работење.