1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Се бара крај за неказнивоста на нападите врз новинари

25 ноември 2020

Министерството за правда подготвува нов Кривичен законик, во кој ќе се подигне нивото на заштита на новинарите и медиумските работници

https://p.dw.com/p/3ln1X
Mazedonien Protest von Journalisten in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

„Бараме осуда за заканите и дискредитациите кон новинари“ ,„Да престане неказнивоста за нападите врз новинари“, „Институциите да поведат постапка...“ Со години ваквите апели од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) осамнуваа во медиумите и ги полнеа архивите на двете организации, но не и институционалната графа „решени случаи“. Новинарите со години беа во оставени во позиција на „глинени гулаби“, изложени на разни дискредитации и вербални и физички напади, иако медиумските организации не престанаа со битката за промена на ваквите состојби.

„Поради тоа што случаите на напад врз новинари и медиумски работници многу ретко завршуваат со некаков исход, ССНМ уште во 2017 година изработи анализа за потребите за зајакнување на казните за нападите врз новинари и медиумски работници и оттогаш лобира за промена на Кривичниот законик“, вели Дарко Дуридански од ССНМ.

Барањето се однесува на две цели – крај на неказнивоста за напади врз новинари, и заштита на новинарите од сите видови напади -вербални, физички, закани, спречување при извршување работни задачи...

„Баравме напад врз новинар да се третира како напад врз службено лице, но само во делот со кој обвинителството ќе биде задолжено да отвора предмети по службена должност. Второ, зголемување на казните. Овие барање се засноваат на досегашното искуство кое вели дека институциите си ја префрлаат топката, но и дека поради недовербата во системот, неговата бавност, како и високите трошоци, новинарите ретко се решаваат да поднесат приватна тужба како што е според сегашниот закон. Како илустрација дека сегашното решение не функционира речиси воопшто, е тоа што од вкупно 18 напади во 2019 и 2020 година, решен е само еден“, вели Дуридански.

Mazedonien Protest von Journalisten in Skopje
Протест на македонските новинари поради различни закани, архива 2018 годинаФотографија: DW/P. Stojanovsk

Нов Кривичен законик

Министрите за правда ветуваа измени и си заминуваа од ресорот, но овие барања остануваа - неисполнети. Сѐ досега. Во почетокот на октомври годинава, претставници на ЗНМ и ССНМ се сретнаа со министерот за правда Бојан Маричиќ, и ја реафирмираа потребата да се воспостави поефикасен систем за заштита на новинарите при нивната работа. На средбата беше договорено ЗНМ и ССНМ да бидат дел од работната група за дефинирање на измените во Кривичниот законик.

Повеќе на темата:

Новинарски протест пред владата: врзете си ги кучињата!

ЗНМ: Напади за замолчување на новинарите

Новинари со тужба бараат отштета за прислушкувањето

Македонски новинар дел од тимот кој го победи БНД пред германскиот Уставен суд

Дали е на повидок решение? Вчера министерот за правда Бојан Маричиќ изјави дека еден од приритетите на Владата и на Министерство за правда, е подобрување на амбиентот во кој работат новинарите, но пред се, подобрување на нивната безбедност. За таа цел Министерството за правда започнало постапка за подготовка на нов Кривичен законик, во кој ќе бидат вметнати и кривичните дела со кои ќе се подигне нивото на заштита на новинарите и медиумските работници.

„Експертската група која работеше на новиот Кривичен законик состави првична работна верзија и одредби со кои новинарите и медиумските лица, заедно со наставниците, лекарите, социјалните работници и други, се класифицираат како лица кои вршат професионално функции, должности и работи од јавен, односно општ интерес. Оваа категорија на лица ќе биде посебно заштитена, а сторителите ќе се гонат по службена должност за следните кривични дела: убиство, спречување службено лице во вршење службено дејствие, загрозување на сигурноста, и присилба“, велат од Министерството за правда.

Медиумските организации ќе ги разгледаат овие предлози и ќе се изјаснат дали се прифатливи за новинарите и медиумските работници, односно ќе достават свои сугестии и предлози. Министерот Маричиќ смета дека само преку отворен дијалог со новинарите ќе може да се донесе нов закон што дополнително ќе ги заштити слободно да ја извршуваат одговорната работа, а оние што ќе се обидат да ги заплашат или нападнат - ригорозно да се казнат.

„Се надеваме дека преговорите и соработката со Министерството за правда набрзо ќе вродат со плод, пред се, за да се намали неказнивоста, а со оглед на фактот што оваа година имаме драстично зголемување на нападите и заканите споредено со минатата“, вели Дуридански.

Во пораст закани на социјалните мрежи

За тоа каква е и глобалната состојба во оваа сфера, сведочи фактот што во 2013 година Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи втори ноември за „Меѓународен ден за ставање крај на неказнивоста за злосторства против новинарите“.

На локален план, од 2014 година до денес, регионалната Мрежа на безбедни новинари регистрираше 774 инциденти: 43 во Црна Гора, 64 во Хрватска, 72 во Северна Македонија, 128 во Косово, 171 во Босна и Херцеговина и 296 во Србија. Многу од овие случаи сè уште остануваат нерешени.

Во декември 2018 година, во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје беше промовирана бесплатната телефонска линија за помош на новинари во случај на закани, напади и насилство кон нив, каде ќе добијат совети како да постапат и кои механизми за делување им се на располагање. Иако физичките напади денес се понамалени во однос на вербалните, загрижува фактот дека сѐ повеќе закани по животот кон новинарите се забележуваат на социјалните мрежи.