Се омажи нобеловката Малала
10 ноември 2021„Денешниот ден е скапоцен во мојот живот. Асер (Малик) и јас склучивме брак“, напиша Малала на Твитер, каде објави и фотографии од свадбата. Свадбената церемонија се одржала во кругот на семејствата, во Бирмингем.
„Испратете ни ги вашите молитви. Се радуваме на заедничкото патување кое е пред нас“, додава Малала.
Пакистанската Малала Јусафзаи ја доби Нобеловата награда на 17-годишна возраст, во 2014-тата. Како ќерка на училишен директор, таа уште на 11-годишна возраст, во блог за Би-Би-Си, се заложи силно за тоа девојчињата да одат на училиште. Во тоа време пакистанската долина Сват беше упориште на талибанците и Малала го опишуваше својот живот „под чизмата“ на талибанците. Четири години подоцна талибанците ѝ пукаа во глава.
15-годишната Малала преживеа со тешки повреди и беше пренесена во Бирмингем, Велика Британија, каде оттогаш живее заедно со семејството. Минатата година ги заврши студиите по филозофија, политика и економија на Универзитетот Оксфорд. Малала и натаму се залага за образование на девојчињата.