1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се’ помали се шансите на Хрватска наредната недела да започне со преговори за пристап кон ЕУ

11 март 2005

Мнозинство од државите на ЕУ се против преговорите со Хрватска за пристап кон Унијата да започнат на 17-ти март, како што во декември минатата година решија европските лидери. Но, тие тогаш почетокот на преговорите го условија со соработка на Хрватска со хашкиот трибунал. На вчерашната средба во Брисел амбасадорите на 25-те земји на Унијата оценија дека Хрватска не го исполни условот.

https://p.dw.com/p/Actv
Анте Готовина, обвинет за убиство на 150 и протерување на 150 000 Срби од Краина, главна пречка на патот на Хрватска кон ЕУ
Анте Готовина, обвинет за убиство на 150 и протерување на 150 000 Срби од Краина, главна пречка на патот на Хрватска кон ЕУФотографија: AP

Се’ помали се шансите на Хрватска наредната недела да започне со преговори за пристап кон Унијата. Во нејзин прилог се залагаа само амбасадорите на Австрија, Словачка и Унгарија, а со одредени задршки и Словенија. Против почеток на преговорите се пред се’ Велика Британија и Холандија, но Германија исто така. Хрватска ги исполнува политичките и економски услови за почеток на преговорите – клуч останува израчувањето на генерал Анте Готовина, обвинет пред Судот во Ден Хаг за злосторства против Србите во Краина, а за многумина од Хрватите херој на татковинската војна. Главниот обвинител на Хашкиот трибунал Карла дел Понте во писмото од 4-ти март остана на ставот дека хрватските власти не сакаат да го израчат обвинетиот генерал Анте Готовина, иако знаат каде се крие тој.

Претседавачот со Советот на Унијата, луксембуршкиот министер за надворешни работи Жан Аселборн, в понеделник треба повторно да се состане со дел Понте, а потоа ќе го формулира новиот предлог, што во вторник ќе го разгледаат амбасадорите. Конечно решение треба да донесат в среда министрите за надворешни работи – за почеток на преговори е нужна едногласност. Веројатно на Хрватска ќе и биде отворена опција самата да побара одложување на почетокот на преговорите. Конечно, и хрватскиот министер за надворешни работи Колинда Грабар-Китаровиќ во Виена изјави дека нејзината земја до 17-ти март нема да може да го реши проблемот. Претседателот Стипе Месиќ уште е отпимист: на средбата со луксембуршкиот премиер Јункер во Мадрид рече дека „може да се најде формула со која сите ќе бидат задоволни: ние да направиме уште некои чекори, а да почнат преговорите“.

Доколку почетокот на преговорите биде одложен на подолг рок, тоа ќе биде тежок удар за Хрватска и може да им даде поттик на противниците на ЕУ. Ова би било за прв пат Унијата да одложи почеток на преговори откако претходно веќе одредила термин за тоа. Но, во Унијата сакаат да статуираат пример и за другите земји од регионот кои се стремат кон Европа дека целосната и навремена соработка со Судот е неопходна.