Проценка на штетите: Не се мери со бројки, велат Малешевци
12 август 2021По бројните пожари што ја зафатија Северна Македонија и опустошија голем дел од нејзиниот шумски фонд, полни раце работа има Јавното претпријатие за стопанисување со шумите во државна сопственост, „Национални шуми“. Негови екипи веќе излегоа на терен за да направат проценка на состојбата.
„Како што се гасат пожарите, така веднаш на тие локации заминуваат наши екипи. Се прави проценка колкава површина е опожарена, колку кубни метри дрва изгореле, каков вид, со каква старост, колкава е финансиската штета“, вели директорката Јулијана Николова.
За последиците предизвикани од првите пожари, се очекува во текот на идната недела проценките да бидат готови.
„Имаме Посебни планови за стопанисување со шумите, кои содржат податоци за состојбата на шумите пред пожарите, и тие податоци се споредуваат со новонастанатата состојба по огнените стихии. Штетата се утврдува врз основа на изгорената површина, количината на дрвна маса и видот на сортиментот, но не според комерцијалниот ценовник, туку според оштетен ценовник“, објаснува Николова.
Чистење, па пошумување
По проценката, се очекува Државниот инспекторат за шумарство и ловство да даде забелешки и задолженија за санација: најпрво чистење на теренот, а потоа и пошумување - процес кој треба да се спроведе во рок од две години. За изборот на садници одлучуваат шумарските инженери, според тоа кој вид на каков терен најдобро вирее. Од „Национални шуми“ велат дека изборот на садници е голем и квалитетен, со оглед дека Јавното претпријатие има добро опремени расадници во Куманово, Свети Николе, Кавадарци... Но, за да зазеленат опустошените простори, потребни се најмалку 20 години, односно 50 години за шумите да се вратат во состојбата како пред пожарите.
-повеќе:
Стогодишни дрвја изгореа во пожарите, пеплосани повеќе илјади хектари шума
Малешевци за австриската опрема: Доживеавме културен шок!
Менковски: Порано го спасувавме Солун, сега со странска помош ги гасиме пожарите
За разлика од годинава, лани шумскиот фонд претрпел многу помали штети. Според јавно објавени податоци на ЈП „Национални шуми“ во периодот јули -декември 2020 година биле евидентирани 46 пожари. Вкупно опжарената површина во тој период изнесувала 349,26 хектари, а била опожарена дрвна маса од 939 кубни метри, со причинета материјална штета над 10 милиони денари.
Непроценлива штета
Годинава штетите се огромни. Според неофицијални проценки на локалните власти во опожарените реони, само во почетокот на месецов изгореле повеќе од 10.000 хектари шума, од кои околу 5.000 хектари во Малешевијата, пред се, борова шума.
Жители на Малешевијата уште во првиот ден од пожарите алармираа: „Горат најубавите шуми, овде се белите дробови на Македонија!“
Откако битката со пламените јазици стивна, велат дека штетата практично е непроценлива.
„Се е црно, пеплосано. Не се опишува тој пустош. Не се искажува со бројки“, велат жителите.
Жалат што ова се случува во време кога Малешевскиот регион како една природна целина веќе почна со крупни чекори да се мапира како значајна дестинација за планински и велосипедски туризам, на ретки природни вредности и локални производи.
„Ќе треба многу време да се обнови шумата. И ќе треба со поголема институционална грижа да се штитат природните ресурси кои останаа нечепнати од оваа катастрофа“, сугерираат Малешевци.
И во Делчевско не е подобра состојбата. Од 28.000 хектари шума на територија на Општина Делчево, според градоначалникот Горан Трајковски, изгорени биле околу 2.400 хектари, или околу 8 проценти од вкупниот шумски фонд во општината.
Во Старо Негоричане пожарите пеплосаа 600 хектари шума, а во Општина Свети Николе околу 30 хектари ниско и високо стеблеста шума.
Штетите допрва ќе се проценуваат, но според експерти, потребна ќе биде голема акција за пошумување на сите опустошени места, бидејќи и кога нема пожари - алармантни се податоците за пустошење на шумите преку бесправна сеча и уништување на дрвната маса.