1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се стега обрачот околу „Рекет“

15 август 2019

Трет обвинител од СЈО што треба да даде исказ е обвинителот Бурим Рустеми, кој го води случајот „Поштенска банка“, за кој во јавноста испливаа детали поврзани со сомнителни наредби на Јанева.

https://p.dw.com/p/3Nvgr
Nord-Mazedonien | Staatsanwältin Vilma Ruskovska
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Дел од одземените електронски уреди на осомничените се вештачат, за дел се прават напори за декриптирање на пронајдените содржини, а во наредните денови повеќе лица треба да дадат исказ во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Ваква е моменталната динамика по враќањето од одмор на обвинителката Вилма Рускоска која ја води  истрагата за случајот „Рекет“,  а трет обвинител од СЈО што треба да даде исказ е обвинителот кој го води случајот „Поштенска банка“, Бурим Рустеми.

Овој предмет засега го привлекува вниманието по две основи. Уште пред две недели извори од СЈО за ДВ изјавија дека „единствено за предметите 'Империја' и ‘Поштенска банка' не се реферирало на колегиум, каква што била практиката за сите други предмети". Втората нејаснотија се однесува на причините зошто еден дел од имотот во случајот „Поштенска банка“ не бил замрзнат. Имено, станува збор за стан од 109 квадратни метри во Општина Карпош, кој го купил неодамна разрешениот директор на МЕПСО, Сашо Василевски. Станот го купил за 80 илјади евра од фирмата „Бентон“ ДООЕЛ експорт-импорт од Гевгелија, чиј сопственик е бизнисменот Томе Главчев, осомничен од СЈО во случајот „Поштенска банка“. Цената по која Василевски го купил изнесува околу 730 евра за квадратен метар, во делот од градот каде цените надминуваат 1.000 евра за квадратен метар. Разликата е евидентна и ако се има предвид дека истиот стан претходно „Бентон“ го купила од бизнисменот Цветан Панделевски за 113.000 евра, за што бил платен данок од 231.396 денари. Најсомнителниот момент во приказната е што Василевски го купил станот 17 дена откако СЈО ја отвори истрагата за предметот „Поштенска банка“. Според сомнежите, наводно Јанева не го замрзнала овој стан заедно со другиот имот на „Бентон“, со цел да му овозможи купородажна зделка на пријателот Василевски. Истрагата треба да открие дали тој потег имал влијание врз текот на постапката за „Поштенска банка“.  За овој случај по допрен глас постапка отвори и Државната комисија за спречување на корупција.

Бројни несогласувања

Обвинителот Рустеми ќе треба да даде исказ околу овие прашања, но и за оние за кои беше спомнат од неговата колешка,  обвинителката Лиле Стефанова,  во контекст на наредбите од Јанева за случајот „Империја“. Стефанова беше втората обинителка од СЈО која завчера пет часа беше на распит во во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Во интерес на истрагата не соопшти детали за сознанијата што ги споделила. Но, може да се претпостави дека се разговарало за она што таа го изнесе преку соопштението до јавноста, откако нејзиното име беше спомнато во снимките објавени во онлајн изданието на  италијанскиот весник „Ла верита“.

Nord-Mazedonien | Sonderstaatsanwaltschaft Katica Janeva
По налог на Јанева, Јосифовска потпишала согласност за враќање на пасошот на КамчевФотографија: DW/P. Stojanovski

„На 16-ти април 2019 година, во канцеларијата на Катица Јанева беше одржан состанок на кој таа изнесе одредени одлуки пред присутните обвинители, а кои се однесуваа на дејствија во предметите 'Империја' и 'Поштенска банка'. Конкретно, ни беше наложено, најкасно до 06. мај 2019 година, до неа да доставиме писмени извештаи за штетата во двата предмети кои осомничените траба да ја платат на државата, по што предметите “да бидат тука затворени' и осомничените 'да не одат во затвор'. Меѓутоа, јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и можните затворски казни согласно Кривичниот законик во случај на спогодување со јавниот обвинител. Дополнително, за предметот 'Империја' потенцирав дека е во многу рана фаза за евентуално спогодување и дека истрагата треба да продолжи во следниот период", се вели во писменото соопштение на Стефанова, објавено на страницата на СЈО.

Таа тврдеше и дека  Јордан Камчев  безуспешно се обидувал да влијае врз предистрагата за „Империја“, преку бизнисменот Ванчо Чифлиганец кој е нејзин пријател, и дека се противела затворскиот притвор на Камчев да се замени со куќен, бидејќи може да влијае на сведоци, но Јанева ги игнорирала нејзините реакции. Стефанова не се согласувала да му се врати пасошот на Камчев, но и покрај тоа, Јанева дала согласност пасошот да биде вратен. За ваквата намера, Стефанова дознала за време на користење одмор и тоа од овластената заменичка на Јанева, обвинителката Елизабета Јосифоска, кај која било донесено на потпис писмено изготвеното мислење во март годинава.

Пасошот вратен по налог на Јанева

Обвинителката  Јосифоска, кој прва беше на распит во Обвинителството, претходно потврди дека согласноста за враќање на пасошот на осомничениот во случајот „Империја“, Јордан Камчев, го потпишала по налог на Јанева, која била отсутна во тој период. Таа потврди и дека предметната обвинителка за „Империја“, Лиле Стефанова, не се согласувала да му се врати пасошот на Камчев. Сите кои се повикуваат на распит во моментов се во својство на сведоци. Додека Обвинителството не реши да ја прошири истрагата, засега единствени осомничени и притворени за рекетирањето се Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милевски (Кичеец). Освен Рустеми, во  Обвинителство  е повикана и шефицата на Кабинетот на Катица Јанева.