Се стравува за над 300 загинати во потресот во Италија
25 август 2016Во подрачјата погодени од катастрофалниот земјотрес кој ја зафати централна Италија во тек се непрестани спасувачките операции. Бројот на жртвите постојано се зголемува. Иако властите го коригираа официјалниот број на загинати од 247 на 241, во Италија се стравува дека со оглед на бројот на исчезнатите лица кој изнесува преку 100, црниот биланс на катастрофата би можел да биде поголем. Земјотресот во централна Италија би можел да биде уште посмртосносен и од оној во Л'Аквила пред шест години во кој загинаа 309 луѓе. Првиот човек нја италијанската служба за цивилна заштита Фабрицио Чучио истакна дека во потресот од 6,2 степени според Рихтеровата скала кој ги погоди регионите Умбрија, Лацио и Марки, и по кој следуваа уште преку 400 помали потреси би можело да има повеќе од 300 загинати. „Ова може да биде полошо од „Л'Аквила“ изјави Чурчио.
Инаку денеска регионот беше потресен од афтершок со магнитуда од 4,3, кој предизвика уште поголема штета во градовите речиси разурнати ден претходно.
Во местото Аматриче по овој потрес насекаде можеше да се видат столбови од чад и повторно избувна паника меѓу населението.
Пожарникарите и останатите спасувачи се обврзаа дека ќе продолжат да работат сѐ додека не бидат сигурни дека нема никого под урнатините. „Сѐ уште сме во фаза кога е можно да се најдат преживеани“, изјави портпаролот на службата за цивилна заштита Лука Кари, додавајќи дека по еднакво катастрофалниот земјотрес во Л'Аквила жив човек е пронајден под урнатините 72 часа по потресот. Впрочем пожарникарите веќе успеаја да извлечат 10-годишно девојче кое минало 17 часа под урнатините.