Себастијан Курц, студениот канцелар
28 мај 2019Недовербата за австриската влада не мораше да биде голема драма. Нови избори во септември беа и онака договорени. Како чувствува и размислува земјата впечатливо дојде до израз уште еднаш во неделата, на европските избори. „Црно-синиот“ проект на младиот канцелар беше и е популарен. Алтернативно мнозинство нема на повидок. Ништо не зборува во прилог на тоа дека вчерашното успешно изгласување недоверба може многу да промени во односот на силите.
Па сепак, од тоа се направи голема драма. И социјалдемократите и од владата истурканите „слободарци“ беа неодлучни со денови. Дали сѐ уште може да му се верува на овој канцелар? Оние кои зборуваа за доверба, не мислеа само на откажување од гласањето за доверба, значи на она што Уставот го подразбира под овој поим со „човечки својства“. Довербата во последните изјави на политичарите звучеше навистина како нешто поврзано со личноста.
Социјалдемократите беа искрено гневни што канцеларот Курц сакаше да го искористи својот мандатен бонус без какви било отстапки за опозицијата за да биде реизбран. „Слободарците“ не ја разбираа возбудата околу Ибица-видеото, кое ја прикажа нивната партија и нивниот шеф на пратеничката група како раздаваат тендери и како алчно посегаат по медиуми. Па, таква е политиката, си мислеа и тие и нивните избирачи, и сметаа дека е безобразно и подмолно што Курц ги смета за одговорни за нешто што, според нив, го прават сите. По 30 години десен популизам цинизмот ќе му дојде нешто како искреност.
Себастијан Курц во текот на дебатата за изгласување недоверба со својот замрзнат израз на лицето потсетуваше на фигурата во музејот Мадам Тисо. Емоциите кои ги предизвикува нему лично му се туѓи, а тие се дотолку поголеми колку што тој самиот останува постуден. 32-годишникот, секогаш умерен во тонот, со извонредни манири, ги доведува своите противници до усвитеност. Туѓа му е културата на компромиси, која е всушност австриска карактеристика. Курц со извајани реченици го претставува она што е договорено во најтесен круг. Тоа што со исфрлањето на својот коалициски партнер, кој претера по сите основи, и самиот се доведе до тоа да нема парламентарно мнозинство, не му предизвика ниту капка пот. Неговата публика го обожава поради тоа.
На Курц може да му биде сеедно како се одлучиле неговите противници. Сега, кога е соборен, за својата победа ќе може да му се заблагодари на ореолот на маченик. Ако не го собореа и останеше на функцијата, на новите избори во септември ќе постигнеше исто толкава победа поради својата величествена недопирливост. Опозициските партии кои го соборија не ги поврзува ништо, ниту едно единствено политичко барање.
Тактизираа пред сѐ социјалдемократите. За изгласување недоверба на канцеларот се залагаа особено оние во СПО на кои алијанса со десничарската Слободарска партија, во основа, им доаѓа добро. Заменикот шеф на партијата Ханс Петер Доскозил во својата покраина и самиот коалицира со „ултрасите“ и не му пречи доколку владата во Виена и нејзиниот националистички курс ја заобиколи од десно. Скептични кон изгласување недоверба беа оние кои сакаат да покажат решителен став против десничарите, како што е на пример сѐ уште неискусната партиска шефица, Памела Ренди-Вагнер. Нејзините шанси не се којзнае какви. Австриските партии не се наредени како германските, по една лево-десно-оска. Тие едни кон други се однесуваат повеќе како трите површини од ѕвездата на Мерцедес - ги поврзуваат три, по должина еднакви, пресеци.
Тактизираа и „слободарците“. Отпуштениот министер за внатрешни работи Херберт Кикл и водечкиот кандидат на европските избори, Харалд Вилимски, и онака не сакаа коалиција со десноконзервативната Австриска народна партија. Тие се уверени дека еден ден ќе бидат на прво место и дека канцеларот ќе биде од нивните редови. Хардлајнерите со право стравуваат дека тоа нема да им успее до позиција на помал партнер. Други, како Норберт Хофер, кој треба да го наследи компромитираниот партиски шеф Хајнц-Кристијан Штрахе, по изборите во септември радо би постигнале договор повторно со Австриската народна партија. Втор „црно-син“ кабинет не е во никој случај неверојатен. Круц не сака да ја исклучи ваквата можност. Внатрешнопартиската критика која во псоледните месеци ја слушаше поради својот десничарски курс, по изборната победа на европските избори во неделата веројатно ќе запре.
Курц има јасен компас: против странци, против Брисел, против прераспределба во социјалниот сектор. Неговите противници се единствени само во тоа дека канцеларот неправедно уживал во чествувањето од страна на неговите фанови. Доколку аферата Ибица на крајот не предизвика којзнае каков ефект, тогаш десничарскиот курс на земјата ќе остане каков што е. Во Виена се покажува дека сексот, лагите и видеата не се помош од доверба за да се постигне политички пресврт.