Северна Македонија и бугарскиот историски империјализам
25 јули 2020На 7 мај 2020 Бугарската академија на науките (БАН) во нејзините простории во Софија ја презентираше брошурата „За службениот јазик на Република Северна Македонија” која главно беше поддржана од Институтот за бугарски јазик при Академијата.
Најавата за претставувањето на книгата ја сумира поентата на содржината и на потенцијалните читател/ки им олеснува да не се мачат со читање на делото: “Во книгата се покажува дека службениот јазик на Република Северна Македонија е југозападна писмено-регионална форма на бугарскиот јазик”.
Па така се чини дека книгата целосно ја исполнува намерата на членовите и соработниците на БАН - имено тие ја предложија формулацијата за „единствена позиција” на бугарската наука за прашањето за „службениот јазик” на малата соседна земја на југозапад.
„Вистината” за македонскиот јазик
Аргументацијата во брошурата зошто кај „таканаречениот ‘македонски јазик’” всушност се работи за „политички променетa” варијанта на бугарскиот јазик е исто толку неоригинална колку и предвидлива.
Почнувајќи со јазични документи од 9 век и делото на „словенските апостоли” Кирил и Методиј, како и на нивните ученици - кои се разбира не создале азбука за црковниот старословенски, туку за старобугарскиот јазик - преку топоними и ономастија, изјавите на раните европски слависти кои словенскиот јазик што се зборува на територијата на Македонија го означуваат како бугарски, па сѐ до сопственото декларирање како Бугари на автори кои потекнуваат од Македонија од „периодот на повторното будење” - се наоѓаат вообичаените бугарски аргументи во сега веќе 70-годишниот бугарско-македонски конфликт за историјата, јазикот и културата на Македонија.
- повеќе на темата: За среќата и национализмот
Нешто ново не се смисли ни во проектот на БАН предводен од потпретседателот на Академијата, Васил Николов.
Човек се прашува кого тогаш авторите сакаат да убедат во „вистината” (поим кој се појавува во насловот на четири поглавја), особено што е официјална позиција на Република Бугарија дека македонски не е самостоен јазик. Наводните научни докази за бугарскиот карактер на македонскиот јазик е кармакаша на селективно одбрани потврди во која секогаш имаат збор по можност странски крунски сведоци кои ја застапуваат бугарската гледна точка (не изненадува дека на пример меѓународно најпознатиот експерт за македонскиот јазик, Виктор Фридман, кој истовремено е и страствен борец за неговиот статус како самостоен јазик, не може да се најде во содржината). Констатацијата дека национално-македонски истражувачи на јазикот и историчари манипулирале извори од 19 век со тоа што прилично широкоградо заменувале „бугарски” со „македонски” или едноставно сокривале дека и неутрални набљудувачи во тоа време словенскиот идиом го означувале како „бугарски” и дека звучни имиња на револуционери од Македонија се чувствувале како Бугари, е точна, но веќе и досадна; само ограничени македонски националисти денес зад таквите културолошки или политички изјави на Словените во 19 век гледаат артикулирање на македонската национална свест, а нив ни книвчето нема да ги убеди во нешто друго.
Исцепканото „наведување докази” на авторите не се здобива со кредибилитет ни преку сопственото слепило за нијанси или различни мислења - па така уште пред 1944 имало гласови кои на идиомот што се зборува во Македонија му припишувале самостоен карактер и се залагале за создавање сопствени стандарди. Авторите на „периодот на повторното будење” кои бугарската литературна историја си ги присвојува, делумно пишувале на различни јазици, меѓу другото и локални дијалекти на кои подоцна е заснован македонскиот литературен јазик.
Дека има нешто како јужнословенски континуитет на дијалекти, дека заедницата на лица кои зборуваат еден идиом не засноваат „етникум”, дека дотичниот службен јазик почива на политички чин, дека може да настанат нови стандарди - а, Македонците во тоа биле зад Бугарите - дека јазичната политика наменски интервенира во развојот на јазикот, сето тоа се чини дека им е непознато на бугарските истражувачи од Бугарската академија на науките.
Водат борба на 19 век со аргументи од 19 век. Такви карти на дијалекти ја заокружуваат големо-бугарската ориентација на книгичката - траумата од Сан Стефано се чини барем во ходниците на БАН уште многу вирулентна.
Тоа што авторите покажуваат и големо непознавање на културниот и историски развој на, во 1944 во рамки на Југославија, прогласената Република Македонија, е повторно типично за Бугарија: повеќето Бугари имаат силно втемелено мислење за Македонија, но земјата ретко кој ја знае – државната телевизија дури и нема свој дописник во Скопје.
- повеќе на темата: Бугарија не беше фашистичка држава, но беше окупатор
Чуму тогаш ваква неофицијална иницијатива за откривање на вистината за „таканаречениот ‘македонски јазик’” кој го зборуваат „таканаречените ‘етнички Македонци”? И зошто се вадат во овој момент кога аргументите од Софија и контрааргументите од Скопје со децении повеќе од изџвакани завршуваа во бесцелни дебати и не покажуваа ништо друго освен континуитет на национализам дури и меѓу оние кои се прокламираат за научна елита на својата земја? Последната страница во книвчето ја навестува мотивацијата за него: „Основата за официјалните норми на македонскиот јазик и начинот на кој е кодифициран и вештачки поставен од горе до доле, му дава статус на варијанта, но не и на самостоен јазик.” Quod erat demonstrandum.
Авторите дарежливо им признаваат на Македонците, дека таквата норма сепак може да ја исполнува функцијата на државен јазик (но, да не се нарекува „македонски јазик”).
Но, колективот на автори пледира за тоа да се надминеле рефлексите од минатото – „младата држава” Северна Македонија имала перспективи без да мора да се „потпре на било каква измислена приказна”.
Наместо тоа требало да се бара „при научни контакти на двете земји, да се опстојува строго на објективната научна вистина без политизирање и потчинување на стари идеолошки клишеа” - на кого се однесува барањето не мора експлицитно да се каже. Да не се работеше за публикација на веќе познатата нехумористична БАН, би можеле да помислиме дека авторите имаат дарба за иронија.
Книвчето значи не е ништо освен псеудо-научен обид да се потврди официјалната позиција на бугарската влада спрема историјата и јазикот на Северна Македонија. Како што е познато сѐ се врти околу бугарската опсесија со помалку или повеќе непроменети позиции од 50-те години. Како што критички бугарски интелектуалци неодамна констатираа, се чини дека барем на владино ниво во Софија националкомунистичките ставови во однос на Македонија и натаму се користат. Но, има конкретен повод зошто тие застарени аргументи денес беа извадени од нафталинот на бугарско-македонските историски контроверзи, и токму тоа ја прави публикацијата на БАН, и покрај нејзината интелектуална сиромаштија, сепак релевантна. Владата на Република Бугарија се обидува да ги искористи претпристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, за да ја натера земјата да го преземе бугарското гледиште на историјата.
За што се работи?
Бугарски список на желби за влез на Северна Македонија во ЕУ
На 26 април 2020 година Советот на министри на ЕУ донесе заклучок за отворање на преговорите за членство со Северна Македонија (и Албанија). Северна Македонија на ова мораше да чека 15 години – во 2005 Европската комисија за прв пат препорача почеток на преговори за членство. Но, со години наназад грчките влади тоа го блокираа со вето, затоа што одбиваа да го прифатат избраното име на земјата, Република Македонија, и се противеа на присвојувањето на наследството на античките Македонци од страна на официјалната македонска политика за историјата.
Односите беа нормализирани со договорот од Преспа во 2018 година прифатен од двете страни – Македонците оттогаш се откажаа од античките Македонци како нивни претци. Договорот од Преспа на меѓународен план беше оценет како храбар чекор на двајца премиери, кои со еден историски компромис успеаја да решат еден тежок и компликуван конфликт иако и во двата случаи требаше да се соочат со масовен отпор на поголемиот дел од населението во своите земји. Во Софија се чини дека научија поинаква лекција: како земја која е веќе членка на ЕУ, има право да искористи вето за да спроведе дури и неверојатни барања против една земја кандидат, особено ако се работи за мала и посиромашна земја. На 9 октомври 2019 година, пред состанокот на Европскиот совет на кој на дневен ред беше прифаќањето на почеток на преговори со Северна Македонија, Бугарија донесе одлука за таканаречена „рамковна позиција“ во однос на проширувањето на ЕУ. Оваа позиција, според порталот Балкан инсајт, содржи долг „список на желби со барања“ за Северна Македонија – сите овие се желби поврзани со прашања од историографија и национален идентитет – накусо кажано, Бугарија ултимативно бара преземање на нејзиното историско гледиште за Македонија.
- повеќе на темата: Дичев: Што точно сакаме од нашите соседи?
Националната македонска интерпретација на историјата, која се развива по етаблирањето на земјата како дел од југословенските републики во 1944 година, во овој владин документ е класифицирана како „антибугарска идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам“.
Што бара бугарската влада како услов од Северна Македонија пред ратификација на пристапниот договор? Северна Македонија, според барањето, мора да ги отстрани сите описи на споменици и плочи на кои се гледа „отворена омраза против Бугарите“, како на пример каде што се говори за „бугарска фашистичка окупација". (За потсетување – во текот на уништувањето на Југославија од нацистичка Германија во 1941 година трупите на сојузничка Бугарија окупираа големи делови од Македонија и водеа политика на „етничко чистење“ кон Србите кои живееја на окупираните територии. Со активна помош на бугарските окупатори и Евреите од Вардарска Македонија во 1943 година беа депортирани во концентрационите логори.) Историската комисија која беше основана во 2017 врз база на билатералниот Договор за пријателство и добрососедство мора да дојде до заедничка оцена на „заедничката историја до 1944 година“, меѓу другото и во однос на личноста на Гоце Делчев, Внатрешната револуционерна ослободителна организација ВМРО и Илинденското востание од 1903.
Со оглед на тоа дека документот зборува за „заедничка историја“ јасно е дека не крие ништо повеќе од услов за Северна Македонија, овие настани и личности да ги гледа како „бугарски“, бидејќи од бугарска гледна точка во 1944 година официјално немало политичка единка наречена Македонија или македонски народ, а само такви би можеле да бидат носители на сопствена историја.
Северна Македонија мора да ги усогласи своите учебници по историја, географија и литература како и историските споменици според резултатите од Историската комисија – при што бугарските членови се залагаат за традиционалниот бугарски националистички став. При „усогласување“ на наставата по историја и литература мора да се внимава на тоа изворните текстови од 19 и 20 век репродуцирани во учебниците да бидат „презентирани и предавани според лингвистичкиот стандард на оригиналот во кој се напишани - со други зборови, на бугарски јазик – тоа е намерата на владата. Политичарите и други официјални актери во иднина ќе мора нивните „официјални изјави и коментари“ да ги засноваат на текстовите договорени од заедничката Историска комисија. Толку од бугарското поимање на слобода на мислење и истражување.
Воопшто не изненадува ниту барањето на бугарската влада од Северна Македонија да се воздржи од било каква поддршка на „таканареченото македонско малцинство“ во Бугарија кое не е официјално признаено. За возврат луѓето кои биле жртви на „југословенскиот комунистички режим“ поради нивниот бугарски идентитет треба да бидат рехабилитирани. И во однос на јазикот, бугарската влада во рамковната позиција го формулира барањето кое половина година подоцна го даде Бугарската академија на науки со псевдонаучно објаснување: во сите ЕУ документи кои се однесуваат на пристап на Северна Македонија мора да се користи фразата “официјален јазик на Република Северна Македонија, а онаму каде што во ЕУ документите не може да се избегне употребата на терминот „македонски јазик“ тогаш со фуснота да се забележи: Според уставот на Република Северна Македонија. Се разбира таков документ не би можел да се оцени како признавање од страна на Бугарија за постоењето на „таканаречен македонски јазик различен од бугарскиот”.
Историја и дипломатија во Југоисточна Европа
Како што стојат нештата, балканската дипломатија со „ѕвездички” и натаму е многу популарна: Косово на меѓународната сцена мора да живее со фуснота до своето име, а слична судбина и се заканува и на Северна Македонија. А, сето тоа и покрај фактот дека државата во случај без преседан под притисок на јужниот сосед си го смени официјалното име на државата, со надеж дека некогаш ќе стане членка на ЕУ – опција која во моментов и не е така конкретна. Сега, според бугарската влада, ќе треба да се откаже и од својата историја.
Цитатот кој му е припишан на Черчил дека Балканот продуцира повеќе историја отколку што може да апсорбира, е едно од клишеата со кои често се стигматизира регионот. Сепак не може да се негира дека спротивставените интерпретации на историјата често ги трујат билатералните односи и ја интензивираат внатрешнополитичка поларизација во општеството. Специфичниот правец на формирање нации и држави во постимперијална Југоисточна Европа поврзан со распад и новоосновање на држави сѐ до поновото минато, остави вишок националистички историски слики кои во нивната интелектуална едноставност се контраст на реалните преклопувања на тесно испреплетената историја.
Политички квази-историчари и покорни научници „заедничката историја“ не ја разбираат како нешто што го делиме, само со различна перспектива, туку повеќе како „шлагворт” за да може на другиот да му се наметне сопствената страна на вистината.
Сепак, на Северна Македнија тука „и се удира од глава” тоа што оформувањето на нејзината нација започнало „доцна“ со основањето на републиката како дел од федерална Југославија во 1944 година, која на македонската нација за само неколку години и ги даде сите национални обележја – државни институции, јазик, национална историја, знаме итн.
Меѓутоа многу важни настани, места и личности (особено од 19 и средниот век) кои сега станаа конститутивни носители на националната историја, се веќе дел од историјата на други земји, особено на бугарската.
Ниту бугарската десноконзервативна влада, ни Бугарската академија на науки не се подготвени да ги делат, а уште помалку да ги преиспитаат од аспект на нивниот конструиран карактер.
Порадо се препуштаат на националниот романтизам – кој сега иронично знае како да го инструментализира пост-националниот проект на европската интеграција во своја корист.
Кому тоа треба да му послужи освен на неколкуте гласачи на „патриотите“ застапени во актуелната бугарска владина коалиција, е магловито.
Но, со оглед на ниското ниво на ентузијазам во главните градови на „старите“ ЕУ членки во поглед на можната интеграција на Западниот Балкан во ЕУ, не може да се исклучи дека никој нема да се спротивстави на обидите на Бугарија на својот сосед - во име на взаемното пријателство! – да му го наметне својот многу специфичен поглед за неговата историја.
Улф Брунбауер е австриски историчар и директор на Инстиутот за источни и југоисточни студии на Универзитетот Регензбург, Германија. Анализата е објавена на блогот на Институтот и во оригинал може да се прочита на следниот линк.